Војниците без униформи, кабинетот на Мисајловски како чорбаџии
Најтранспарентното министерство за 2025 година – Министерството за одбрана со половични одговори се обидува да прикрие информации кои Инфомакс ги побара од нив, а по информациите кои стигнаа до нашата редакција, дека во министерството има стекнување на звања спротивно на законите, кршење на повеќе закони, но и мобинг.
Ако одговорот кој од таму го дадоа за Инфомакс треба да се сумира во една реченица, тоа би гласело: Ова се информациите кои ви ги даваме – ако објавите друго, тоа значи дека сте го прекршиле законот и ќе одговарате согласно закон.
Она што го прашавме се донесува на унапредени вработени, но и нововработени лица во министерството, за кои од наши извори, дознаваме дека добивале големи додатоци и биле унапредувани без да се запазат законите.
Од испратени по минимум три прашања за по еден од вработените, одговор добивме за само едно прашање – дали им била исплатена бонус на плата. Нема одговори колкави им се платите, како биле унапредувани, дали добивале додатоци на плата и по кои основи, ниту какви договори поседуваат, односно дали се работи за ангажман, вработување или назначување.
Нашите прашања беа насочени за неколкумина вработени, кои според нашите извори, доаѓаат во министерството или на функциите на кои се, по стапувањето на функцијата на министерот Владо Мисајловски.
Во министерството е вработена Габриела Калкова, кандидатка за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на последните избори, секаде фотографирана до министерот за одбрана, Владо Мисајловски. Според информациите на Инфомакс, таа била вработена на работно место за кое претходно требало да има интерен оглас, па доколку не се најде потребниот кадар, тогаш да се оди на јавен оглас. Прашавме во Министерството, број на јавен оглас со кој Калкова е вработена, која е нејзината плата и дали добива додатоци на платата.
Одговорот кој го добивме не содржи ниту половина од бараните информации и гласи: „Лицето Габриела Калкова е вработена во Министерството како Раководител на сектор по пат на Јавен оглас, во транспарентна постапка согласно важечката законска и подзаконска регулатива. На именуваната не и е исплатена бонус на плата.“
Според нашите информации, нејзината биографија е под знак прашалник, дали има доволно искуство, односно доволно години поминати на раководна функција, или: најмалку шест години работно искуство во струката во јавен сектор од кои најмалку две години на раководно работно место, односно најмалку осум години работно искуство во струката во приватен сектор од кои најмалку четири години на раководно работно место.
Конкретни одговори по многу прашања нема ниту за Маја Георгиевска. Според информациите на Инфомакс, таа била преземена од општина Гази Баба, а за половина година, била унапредена. Од Министерството ни одговорија дека Георгиевска била преземена согласно закон, а унапредена во законски пропишана постапка. Велат дека не и е исплатена бонус на плата, но дали добивала додатоци, со каков договор е, на која позиција е вработена, нејзиниот месечен приход, не ни дадоа одговор.
Директор на директоратот за услуги, спорт и рекреација пак, е лицето Влатко Рафески. Според изворите на Инфомакс, тој е преземен од друга институција, а за помалку од една година, бил унапреден од советник во раководител, а потоа станува директор. Законот предвидува дека Директор на директорат назначува министерот, од редовите на раководни службеници во МО.
За Рафески, добивме идентичен одговор како и за Георгиевска – дека е преземен законски и исто така бил унапреден, но и дека не зел бонус на плата. Сепак, го изоставија одговорот дали добивала додатоци на плата, со каков договор е вработен, ниту кој е неговиот месечен приход.
Прашавме и со каков договор е Крсте Малинковски, вработен во Министерството за одбрана од 2010 година. Одговор на тоа прашање не добивме, туку појаснување дека е унапреден во законски пропишана постапка и дека не му е исплатена бонус на плата. На која позиција е и колкава е неговата месечна плата, не ни одговорија. Според информациите на Инфомакс, Малинковски како Директор на Директоратот за меѓународна соработка, испраќал кадри на семинар во Тунис кој бил откажан.
Игор Павлески пак, е раководител на Сектор за поддршка. Тој е вработен во Министерството по пат на Јавен оглас, постапка за која од одбрана велат дека била јавна и транспарентна. Но, кој степен на безбедносен сертификат, не добивме – министерството вели: „соодветен сертификат“. Колкава е неговата плата и дали земал додатоци, одговор нема. Само велат дека не добивал бонус на плата.
Прашавме и за лицето Ирена Станковска, која во времето на владата на СДСМ била раководителка на одделение, но со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, станува директорка на Директорат за управување со човечки ресурси, образование и обука и го води Секторот за човечки ресурси, дали самата си доделувала додатоци на плата, во кој износ и по кој основ, но и колкава е нејзината плата. Одговор добивме само дека е директорка на Директорат и дека не добивала бонуси на плата, но за дури додатоци и останатите барани информации, одговор нема.
Од министерството посочуваат дека платите, надоместоците и додатоците на плата за вработените во Министерството, начинот на нивното утврдување е децидно регулирано со глава XIII од Законот за вработените во Министерството за одбрана. Во законот пак, е наведено дека доколку некој од кабинетските службеници врши „посебна должност“, добива додаток на плата од 30 проценти. Каква е таа „посебна должност“, не е објаснето.
Во врска со прашањето за исплата на додатоци на плата, бонуси, учество во комисии, работни групи и овластувања на вработените во Министерството за одбрана и припадниците на Армијата, велат:
„Согласно важечката законска и подзаконска регулатива, како и одредбите од Колективниот договор донесен во февруари 2024 година, министерот за одбрана или од него овластено лице, како и началникот на Генералштабот на Армијата, во рамки на своите надлежности имаат право да донесуваат решенија за формирање комисии и работни групи, додека министерот за одбрана согласно одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа и Правилникот за начинот на давање на овластувања може да овласти вработени да извршуваат дополнителни работни задачи, при што може да се утврди додаток на плата за извршување на дополнителни работни задачи. Со овој тип на решенија и наредби, се опфатени поголем број вработени во Министерството и во Армијата, при што правото на додаток на плата за конкретен работен ангажман, не е трајно и не се исплатува автоматски, туку исклучиво за месецот во кој лицето има реално извршена активност поврзана со работата на комисијата, работната група или конкретното овластување, согласно утврдените задачи и обемот на ангажманот. Во однос на прашањето за вредноста на бодот за плата на професионалните војници, Министерството за одбрана Владо Мисловски нема потпишано такво решение. Решението за вредноста на бодот за плата на професионалните војници е потпишано на 29.01.2024 година од страна на Славјанка Петровска, поранешен министер за одбрана“, одговорија од Министерството.
Дополнително, не подучија: „Согласно напред изнесеното, имајќи ги предвид важечките законски прописи, Ве известуваме поради класифицираноста на бараните податоци, а секое објавување или неовластено откривање на класифицирани информации е спротивно на закон и повлекува одговорност согласно важечката законска регулатива.“
Според информациите до кои дојде Инфомакс, министерството сака да го намали бодот, со што би се намалила платата на вработените во одбраната. Дополнително, вработените алармираат дека се заканува укинување на колективниот договор, како и додатоците кои ги добива одбраната.
Продолжува…
А. Митовски
А. Тодески
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Војниците без униформи, кабинетот на Мисајловски како…
Најтранспарентното министерство за 2025 година – Министерството…
Петровска: Расте буџетот за одбрана, а платите…
Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка…
Жител на Романовце со „ауди“ удрил полицаец,…
На 14.01.2026 во 23:30 часот во с.Романовце, кумановско,…
Тетовец платил 2.000 евра за лажни документи…
На 13.01.2026 во 11:20 часот во СВР…
Грипот во Македонија ја зеде првата жртва…
На Инфективната клиника во Скопје почина 75…