Грчките земјоделци ги прекинуваат блокадите
До петок се очекува повеќето, ако не и сите, грчки земјоделци да ги укинат блокадите низ цела Грција, откако поминаа повеќе од 50 денови на улиците. Автопатиштата, локалните патишта и граничните премини остануваат отворени.
По средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот, лидерите на блокадите одржаа состаноци за да ги разгледаат резултатите од преговорите и да донесат одлуки.
Еден од главните синдикати во земјата, оној во месноста Никеа, близу Лариса, на автопатот Солун-Атина, на вчерашниот состанок одлучи тракторите да се повлечат од блокадата во петок наутро. Планот е тие да се упатат кон центарот на градот за симболично да се стави крај на протестите по 54 дена на улица, по што земјоделците ќе се вратат во своите домови.
Во исто време, до Комисијата на блокови од целата земја, упатен е предлог за одржување нов состанок на национално ниво во блиска иднина, со цел да се разгледа можноста за протест во Атина.
Земјоделците од блокот Малгара, близу Солун, најавија дека остануваат на блокадата, но без да го прекинат сообраќајот. Во петок ќе одржат протест во центарот на градот, пред зградата на Министерството за Македонија и Тракија.
На состанокот во Премиерската палата во понеделникот присуствуваше делегација од 25 претставници и шестмина набљудувачи, избрани од 62 блока на земјоделци од цела Грција. Владата истакна дека веќе се преземени чекори за прашањата што земјоделците ги покренуваат, но дека нема простор за нови мерки за поддршка.
Земјоделците, од друга страна, не беа целосно задоволни од дискусијата. Сепак, велат дека го завршуваат овој циклус на интензивни протести, кои започнаа на 30 ноември. Во иднина ќе одлучат дали евентуално ќе организираат протест во Атина со нивните трактори.
Грчкиот премиер, кратко по средбата, учествувајќи на конференција, изрази надеж дека „логиката ќе надвладее“. Тој посочи дека со продолжувањето на блокадите, земјоделците нема да постигнат ништо повеќе и додаде дека е подготвен да се соочи со секоја ситуација.
Од 30 ноември, земјоделци од цела Грција постепено започнаа со блокирање на клучни точки на автопатиштата во земјата, како и на граничните премини Евзони и Ники кон Северна Македонија. Таму сообраќајот беше периодично прекинуван, по неколку часа дневно.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Грчките земјоделци ги прекинуваат блокадите
До петок се очекува повеќето, ако не…
Грчките земјоделци денеска ќе одлучат дали ќе…
По вчерашната средба со грчкиот премиер Киријакос…
Земјотрес ја погоди Грција утрово
Земјотрес со магнитуда од 4,0 степени според…
Уште еден дводневен штрајк на таксистите во…
Таксистите во Атика започнаa нов 48-часовен штрајк…
Мицотакси на средба со земјоделците: Не очекувам…
Премиерот Киријакос Мицотакис пред состанокот со претставниците…