Црна Гора затвори уште едно поглавје во преговорите со ЕУ!

t

На Меѓувладината конференција во Брисел, Црна Гора денес го затвори Поглавјето 32 – Финансиски надзор

Денес во Брисел, Црна Гора затвори уште едно поглавје во преговорите за членство со Европската Унија (ЕУ) и сега останува да се затворат уште 20 од 33-те поглавја за да се заврши процесот на пристапување.

На Меѓувладината конференција во Брисел, Црна Гора денес го затвори Поглавјето 32 – Финансиски надзор, кое вклучува контрола на користењето на финансиските средства, заштита на еврото од фалсификување, заштита на интересите на ЕУ и зајакнување на надворешната ревизија.

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, потоа изјави дека затворањето на Поглавјето 32 е значајно, но подвлече дека Брисел очекува Црна Гора да усвои стандарди што ја обезбедуваат независноста на судството и полицијата, борбата против корупцијата и целосното почитување на визната политика на Унијата.

На заедничката прес-конференција со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, Кос рече дека Црна Гора има амбициозен план да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на годината, оценувајќи дека е потребно добро да се структурира и испланира оваа работа и да се спроведе квалитетно, како и да се испорачаат резултати на време.

„Сакаме да ја постигнете поставената цел. Тоа е многу амбициозен, но остварлив план“, изјави Кос и потсети дека Црна Гора стигнала најдалеку од сите кандидати за членство во ЕУ и дека сега најважно е „да се задржи фокусот на реформите и затворањето на поглавјето“.

Еврокомесарот, исто така, рече дека очекува наскоро формирање на работна група за изготвување на договорот за пристапување на Црна Гора во Европската Унија.

Спајиќ рече дека Црна Гора затворила 13 од 33 преговарачки поглавја, односно 40 проценти, што го опиша како „импресивен резултат“.

Тој истакна дека Црна Гора го зголемила процентот на затворени поглавја од осум на 40 проценти за само две години.

Тој изјави дека Црна Гора станува „постабилна, посветена и реформирана од ден на ден“ и додаде дека владата во Подгорица „интензивно работи на сите поглавја и е полна со доверба дека ќе ги заврши преговорите до крајот на годината“.

„Во време на неизвесност, ЕУ останува столб на мирот, демократијата, соработката и владеењето на правото, а нејзината политика на проширување е најсилниот доказ за сето тоа. Брзината со која Црна Гора ги затвора поглавјата јасно покажува дека проширувањето на ЕУ е живо и здраво и повторно се забрзува. Очекуваме статус на полноправна членка и фер третман од сите други членки“, рече Спајиќ.

Црна Гора ја интензивираше работата на преговорите со ЕУ и затвори десет поглавја од јуни 2024 година, кога Брисел го деблокираше процесот на пристапување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Црна Гора затвори уште едно поглавје во…

На Меѓувладината конференција во Брисел, Црна Гора…

Тешка сообраќајна несреќа во Скопје: Автобус удри…

Попладнево сообраќајот кон скопската населба Волково е…

Рама во посета на Израел, се сретна…

Албанскиот премиер Еди Рама во рамки на…

Миноски: Македонија структурно ранлива во новата светска…

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во…

Доцни исплатата на парите за членовите на…

Левица го осудува недозволивото доцнење со исплатата…