ССМ НА ПРОТЕСТ ВО 17 ЧАСОТ ВО СКОПЈЕ! Не застануваме, ќе ја блокираме државата ако нема зголемување на платите

t

Синдикатите излегоа на протест за 600 евра минимална плата и 100 евра линеарно зголемување на сите плати. На протестот му се приклучија синдикатите од повеќе сектори, а Сојузот на синдикатите на Македонија доби поддршка и од повеќе политички партии, невладини организации, организации што се поврзани со работничките права, како и од опозициските СДСМ и Левица. Пред почетокот на протестот, од ССМ порачаа дека не бараат поддршка од политички партии, туку единствено од работниците и од граѓаните, бидејќи, како што велат, протестираат за спас од сиромаштијата. На социјалните мрежи, граѓаните дадоа масовна поддршка за протестот и за истрајноста на ССМ во намерата за зголемување на минималецот и за заштита на стандардот на граѓаните.

– Народот треба да се освести и да излезе масовно на улица, без разлика кој колкава плата зема. Работата тргна, нема веќе назад. Работодавците и Владата треба да разберат дека и работниците треба да живеат. На оваа скапотија, и 600 евра се малку за едно семејство да го преживее месецот. За спас од сиромаштијата, потребни се 1.000 евра плата. Ако може функционерите да си ги покачат платите за 78 отсто, зошто тогаш да не може да се покачат и работничките плати? – коментираат граѓаните.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, пред протестот, изјави за весникот ВЕЧЕР дека очекуваат масовна поддршка од сите работници, како од Скопје така и од другите градови во државата.

– Очекувам масовна поддршка на работниците од цела Македонија. Доколку и овој пат Владата нема слух да седне на маса и да преговара за решавање на ова прашање, ќе организираме генерален штрајк во приватниот и во јавниот сектор. Ние не бараме поддршка од политичките партии и од какви било организации поврзани со работничките права, туку бараме поддршка само од работниците и од граѓаните. Се бориме народот да излезе од сиромаштијата и да нема веќе сиромашен народ, богати функционери – изјави Пешевски.
Тој вели дека протестот ќе трае сè до исполнување на барањето, односно до зголемување на минималецот и на сите други плати во државата.

– По протестот, продолжуваме со блокади на улиците и на институциите во кои најмногу се кршат работничките права, блокирање на цела држава и генерален штрајк. Тоа значи дека работниците нема веќе да ги извршуваат работните задачи ако не добијат зголемување на платите. Одлуката за генерален штрајк е донесена, треба само да ја активираме. Не отстапуваме, одиме докрај. Дури и да излезе само еден работник на улица, ССМ ќе биде со него – порача потпретседателот на Синдикатот.
И економските експерти велат дека правото на протест е легитимно право на работниците, но мора да бидеме внимателни, бидејќи наглото зголемување на минималецот може да ја зголеми инфлацијата.

– Сосема е легитимно и разбирливо барањето на синдикатите за повисоки плати, особено во услови на зголемени трошоци за живот и пад на куповната моќ на граѓаните. Но, мораме да бидеме исклучително внимателни кога зборуваме за нагло зголемување на минималната плата на ниво од околу 600 евра нето. Во моментов, минималната нето-плата изнесува околу 24.600 денари. Скокот на тоа ниво би значел повеќекратно зголемување за краток временски период, што може да предизвика сериозни инфлаторни притисоци, особено во 2026 година. Тоа би се одразило преку раст на цените, притисок врз малите и средните претпријатија и потенцијален ризик за формалната вработеност. Затоа сметам дека мора да се бара решението низ дијалог меѓу синдикатите, работодавците и Владата. Потребен е постепен и одржлив раст на минималната плата, усогласен со растот на продуктивноста, економскиот раст и реалните можности на стопанството. Во спротивно, ризикуваме добрата намера: заштита на работниците да резултира со повисока инфлација, губење работни места и дополнително оптоварување на економијата – изјави за весникот ВЕЧЕР Синиша Наумоски, економски експерт и универзитетски професор.
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека целта на синдикатите е политичка пресметка, а не повисоки плати за работниците.

– Ги видов барањата, тоа не е нешто ново. Апсолутно јас сум секогаш за повисоки примања. Секој треба да добие повисоки примања, тука нема дилема, ниту, пак, има некој спротивно мислење. Но, тоа што треба да се каже е фактот дека неколкумина што се дел од раководството на овој Синдикат се апсолутно заробени од страна на одредени политички фигури. И сето ова што го прават има таква задача, таква цел. Значи, целта не е зголемување на платите на работниците – рече премиерот.
Опозицискиот лидер, Венко Филипче, ја изрази својата поддршка и рече дека се реални барањата и дека навистина на работниците им е потребна поголема плата за преживување.

– Жалам што завршија добрите практики од минатото, кога растеа во континуитет и минималната плата и просечната плата. Минималната плата скоро се дуплираше и просечната плата исто, и тоа во време на најголеми кризи, како ковид-кризата и енергетската криза. Гласот на работниците и на синдикатите треба да биде слушнат. Владата треба да ги сфати вистински причините, зошто бараат работниците повисоки плати и да седне да разговара со синдикатите и со работниците – рече Филипче.
Синдикатите на приватните автобуски и автотакси-превозници од Скопје, пак, алармираа дека евентуалното зголемување на минималната плата за 50 проценти би можело да доведе до целосен колапс на јавниот превоз во главниот град. Според нив, без државна поддршка, ваквата одлука ќе ги принуди превозниците да ги раскинат договорите и да го прекинат работењето поради огромни финансиски загуби.

Од Бизнис-конфедерацијата на Македонија, пак, излегоа со ставот дека за раст на минималецот треба да се разговара на Економско-социјалниот совет, а во дијалогот за економската состојба потребни се сите за да може македонската економија добро да функционира. Оттаму додаваат дека секое покачување, без олеснување на социјалните давачки од страна на државата, ќе биде голем товар за стопанството.
Протестот, кој е поддржан од синдикатите за образование, култура, полиција и медиуми, се одржа под мотото „Денот кога зборуваат работниците“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ССМ НА ПРОТЕСТ ВО 17 ЧАСОТ ВО…

Синдикатите излегоа на протест за 600 евра…

(Видео) Големо свлечиште во Сицилија – евакуирани…

Најмалку 1.500 луѓе беа евакуирани во градот…

ОЈО проверува дали Заев и Филипче сакале…

Основното јавно обвинителство Скопје проверува дали поранешниот…

Нема да се гонат министри директори на…

Со 76 гласа и само еден против…

Тошковски – Кочиу: „One Stop“ систем и…

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска…