Кога политиката и глупоста ќе се сретнат (или за неизбежниот колапс)

t

Според воспоставената и научно прифатена дефиниција, политиката е активност на група луѓе со заеднички интерес, која се бори за доаѓање на власт по што ќе ги остварува своите цели спроведувајќи ги како државни политики. Кога членовите на таа интересна група немаат претстава дека треба да спроведуваат државни политики, односно дека нивните цели се со директно влијание врз опстанокот на државата и спротивно со интересот на граѓаните, доаѓаме во состојба на колапс. Колапсот е резултат на глупоста на групата интересџии која е на власт и токму тоа е директен резултат од средбата на политиката и глупоста.

И сега, од која област на животот во Македонија да почнеме за да ви ја претставам – нацртам средбата на политиката и глупоста. Згора на се, политиката е моќ, а кога на глупоста ќе и дадеш моќ, тоа значи дека таа ќе се вивне во облаците и ќе настане апатија и разочарување кај граѓаните и колапс на државата. Па нека е таа држава трета економија во Европа.

Впрочем, средбата на политиката и глупоста е убиствена комбинација за секое општество односно држава, без разлика на големината и моќта и во светски рамки. За ова тврдење имаме еклатантни докази пред наши очи, како и во историјата.

Тоа што може да создаде дилема, е дали при оваа фатална средба носител на глупоста се политичарите или граѓаните. Во основа нема некоја посебна разлика во крајниот резултат и затоа дилемата е во тоа дали граѓаните се прават на глупави и ги оставаат политичарите да веруваат дека граѓаните се глупави. Или пак, граѓаните се измамени од политичарите. Во крајна линија да се запрашаме дали граѓаните се склони кон корупција од страна на политичарите заради свој ситни лични интереси, поради што им ја простуваат глупоста? Или можеби сите ние сме соучесници во глупоста на политикантите, едноставно дозволувајќи им да ја промовираат како вредност?

Пржинска влада или…

Како една од многуте точки на средба помеѓу политиката и глупоста во Македонија која е поскорешна и посвежа за паметење, може да ја определиме таканаречената „лидерска средба“. Нејасно е зошто Мицкоски ја закажа оваа средба, како што не е јасно зошто останатите политиканти на чело со Филипче решија да трчаат уште еден круг околу кокошарникот (додуша, Филипче уште кружи). Веројатно за да не бидат лесни женски, сметајќи на глупоста на граѓаните кои треба оваа ефтина претстава да ја прифатат за реална и ефективна политика. Покрај божем Собрание како законодавен и највисок демократски дом (излитена фраза која одамна за Македонија не важи), остана трчањето околу кокошарникот. Но изостана делириум тременс кај граѓанството како публика. Оние партиските ботови и навивачи не ги сметам за граџанство.

И сега започнува заплетот и интересното.

На седенката, секој си дојде со своја математика. Мицкоски со идејата да глуми демократија и фактор со намера да ја укине „Пржинската влада“ за да може од Мај па натаму да планира предвремени парламентарни избори по своја волја и дезорганизација. Ахмети, со намера да го седне Мицкоски на маса и да демонстрира дека е фактор во политикантскиот блок на Македонските Албанци и дека без негов амин нема решение, а при тоа да ги поништи Касами и Гаши. Вози Али и го вози Мицика кон коалиција по следните избори. И повторно е прашањето кој е глупиот во точката на пресретнување? Но поголемо, пардон, позначајно прашање е онаа кое треба сите ние како граѓани на Македонија, а посебно нашите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ да си го постават: „Нели тоа Мицкоски требаше да не ослободи од ДУИ криминалците и бандитите“? Како сега ќе дојде до средба на Мицика со Али. Некој е глуп, а некој е лажго… Потоа, тука се појави Касами како претставник на ВЛЕН и ништо не кажа, освен што заедно со оној од ЗНАМ, беа присутни за да му покажат лојалност на Мицкоски. Лојалност во надеж дека и по следните предвремени избори повторно нив ќе ги избере за коалициони партнери. Се нацрта и Димче и ни беше мирен како бубалче. Толку требало, да го седнат на маса со божем главните за да се покаже колку е важен. Да му спласнат – издишат борбените ставови и изразените левичарски драмолетки. Од кога ви пишував драги мои дека Левица е идеолошко троцкистичка збирштина организирана и платена од надвор и југо-комунистичката олигархија за да ги заблуди лековерните а посебно младите кои се со бунтовен дух, а Апасијата не вреди ништо. Уште згора на се, јасно се виде дека Димче љуби пари и добро си одработува да остане пост југословенско-комунистичката и божем ново создадената олигархија да ја владее Македонија. И не само да ја владее туку и да ја молзе до крв и да ги уништува идните генерации, ако остане некој овде за да има идни генерации. Ги немаше политичките партнери на коалицијата на Мицкоски со што им ја кажа нивната вредност. Исто како што на членовите на нашата ВМРО-ДПМНЕ им кажа за што ги смета кога ги пробавува низ дигестивниот тракт. Ова со состојбите во ВМРО-ДПМНЕ по комунистичкиот конгрес и немањето никакви партиски активности и избор на нови органи во партијата, бидејќи единствен орган е Мицкоски, е многу интересна тема за пишување, но не е за оваа колумна, а и не знам дали вреди да се освестуваат клиентелистите, тие си имаат свои математики.

Само што сите тие на „лидерската“ мислат дека ние сме глупави за да и поверуваме на нивната глупост која ни ја претставуваат за политика.

Ами сега, кој е глупав во приказната за „лидерска средба“ кога не се дојде до заклучок по основната тема – Пржинска влада? Се одложи укинувањето на овој демократски механизам и покрај изгубеното СДС, така што сега Мицкоски тргна да трча уште еден круг околу кокошарникот и божем ќе се укине „Пржинската влада“ по следниот круг парламентарни избори. А по тие избори ќе видиме, може да се преумат сите на чело со ДУИ, особено доколку за ова прашање се заинтересира стратешкиот партнер или повеќе ЕУ кои се зафатени во моментот со Гренланд и други сериозни теми.

Темата која допрва ќе треба во детали да се разгледува повторно ја наметна Али. И паметно (провокативно) од него. Нов Изборен закон со една изборна единица и цензус. Предлог кој треба одеднаш и без пардон да ги столчи малите политички-пајтон партии кои се закачуваат на грбот на големите политички партии. Впрочем, ние како членови на ВМРО-ДПМНЕ одработуваме за личниот интерес на некои си типови од не знам какви божем политички партии и на крајот ништо не добиваме од тоа. Ете како во пракса се сретнуваат политиката и глупоста, во конкретниот случај глупост на нас како членство кое верува на политикантските манипулации на Мицкоски. Впрочем прв истрча Павле Тутурутка и види мајката, прв пат, но кога е неговата кожичка во прашање не задоцни цел семестар туку веднаш се јави во однос на цензусот. А Али, па тој со овој предлог сака да ги реши Касами и Гаши и засекогаш да ги исфрли од политичката игра како политички субјекти кои може да дојдат на власт на централно ниво. Но тоа значи дека и ние како ВМРО-ДПМНЕ нема да можеме повеќе да сметаме на коалициони гласови и од сегашните едвај 300 илјади дека ќе се спуштиме под 250 илјади. Тоа значи дека и претставниците од другите помали малцинства нема да може да достигнат цензус од 5% за да имаат претставник во Собранието. Многу интересен мамец од Али кој Мицкоски ќе одбие да го проголта и ќе биде виновен и не демократ. Како што реков, вози Али и ќе тумба некого.

Во конкретнава точка на пресекување од една политикантска играчка наречена „лидерска средба“ поради глупоста со која оваа „политика“ се сретна дојдовме до некои интересни предлози а со што ќе дојдеме до слепа улица и јалови расправи. Уште отсега се гледа како ќе се одвива работата и како ќе се поткусуруваат околу кокошарникот и кој да го снесе јајцето но во чие гнездо.

Во периметарот

И така, нашиот исклучителен политички успех да бидеме во периметарот на Трамп и посетите на Мицкоски на три пати во САД и следењето на пост-инаугуративниот партиски настан на Републиканската партија од кровот на салата, следуваа огромни економски и финансиски бенефити од САД кон Македонија во облик на царини во висина од 33%. Сега како пријатно изненадување дека сме во периметарот на Трамп или први во редот е и сопирањето на постапките на емиграционите визи за Македонија. Како што ни најави министерот Тимчо-статива (пу јаз’к за малку) повторно за шест месеци ќе се изненадиме од САД. Е како ќе се изненадиме не е важно, важно сме во периметарот и важно ќе се изненадиме.

Всушност ќе кажеме како мисли Тимчо-статива да не изненади. Доколку беше искрен ќе кажеше дека уште пред повеќе од три години е започнат еден процес за визна либерализација на Македонија со САД и дека очекува тој процес да заврши за да го прикаже како негов (партиски, на Мицкоски пред се) успех. А што доколку не заврши бре Тимчо? Што доколку поради укинувањето на емиграционите визи се сопре процесот за визна либерализација? Многу е веројатно дека може да се сопре токму од истите причини поради кои се сопре процесот за издавање емиграциони визи.

Тоа е резултат на глупоста и поради неа погрешните политики во меѓународната политика и погрешни проценки за тоа каде треба да се движиме како држава и со која динамика. Очигледно дека многу долго се движиме по точката на средба на политиката и глупоста и на план на нашите односи со САД, ставајќи се во средина помеѓу САД и ЕУ. Особено глупаво е да се обидуваш на македонските граѓани да им објаснуваш како тоа ние – Македонија ќе се договараме и со САД и со ЕУ, односно дека ја менаџираме состојбата.

Ало Тимчо – статива, кој тебе, а и сите нас не прашува нешто или пак разговара со нас за светската политика, а не пак да не есапи за менаџмент. Очигледно дека сите нас не сметате за глупави како вас. А да каже Тимчо, онака чесно: „Што бараше во Турција?“ и да не не замајува.

А се виде колку другарот Трамп го есапи Мицкоски дури и лично, односно колку е Мицко во периметарот, така што еден Жељазков како премиер во оставка седна на маса со Трамп, а Мицкоски го нема. Не дека е добро да се седи со Трамп на оваа маса (Board to Peace), а уште повеќе да му се даде една милјарда која и така Мицкоски ја нема. Но поентата е дека цело време Мицкоски и неговата влада лажат. Лажат-сушат па дури и самите си веруваат во таа лага. Каков драматичен пресек на политиката и глупоста.

Јас јасно кажав дека географијата е неумолива, а ние сме европска земја и нашето место е во ЕУ, па да кажам со време, да не се изненадиме повторно, како и многупати во историјата кога како народ бевме изненадени и се уште и еден век и дваесет години подоцна сме увредени поради тоа изненадување.

Задолжувањето како успех

Следна точка на сретнување на глупоста и политиката е упорната владина еуфорија дека успешно сме се задолжиле за цела една милијарда евра со цел да вратиме 700 милиони евра а останатите тристотини милиони ќе се употребата за купување социјален мир. Бравос генијалци. Каков паметен потег. Посебно ме воодушевува јавното фалење со задолжувањето и кредитите од 3,9% и 4,5 % на годишно ниво со рок на враќање за 3 односно за 8 години. По слободна проценка за една милијарда ќе треба да вратиме плус околу 350 милиони евра. Оттука оваа финансиско-економска политика со силна фалба ми изгледа како да земете кредит од оние брзи кредити со 11-14% камата и да одите по комшии и да се фалите како успешно сте се задолжиле. Мислам дека на една ваква фалба, комшиите ќе ве гледаат како исклучително докажан глупчо.

Е па тоа важи и за државите. Се задолжувате наместо да развивате индустрија со нашите европски партнери или барем европски стратешки партнери, да градиме стратешка инфраструктура и тие вложувања да ни овозможат да се раздолжуваме, а вие од задолженото враќате плус 1/3 и за тоа уште јавно се фалите како успешна финансиска политика. Што е тоа ако не е точка на сретнување на глупоста и политиката во третата економија во Европа, која според Николоски кај и да е ќе банкротира, но за тоа виновна ќе биде ЕУ – врв.

Конфликт со ЕУ преку Бугарија

И продолжетокот на глупоста под рака со политиката во правата која се протега во бесконечност многу убаво се огледа низ призмата на односите со Бугарија и создавањето на анти ЕУ наратив и политики преку Бугарија. Колку ли треба да си ја мразиш сопствената татковина Македонија за да не ги користиш поволните можности да го решиш „проблемот“ со Бугарија. Или колку ли си ја фатил глупоста под рака со политиката за да не гледаш дека токму сега е моментот да ги внесеш Бугарите во македонскиот устав и да ја „принудиш“ ЕУ да направи се за брзо отпочнување и завршување на преговорите за членство на Македонија. Брзо, со брзина на светлоста, само и само да се стабилизира Балканот во претстојната глобална турбуленција и формирање на новиот меѓународен поредок. Брзо и многу брзо пред операцијата на Путин со помош на Трамп да го инсталира рускиот пилот на Ф-16 за премиер на Бугарија. Откако тоа ќе се случи, а шансите се големи тоа да заврши пролетва, самата бугарска влада, нас како Македонија ќе не стави ad acta и ќе не изолира, така што дури тогаш ќе имаме вистински проблеми. Како и секогаш времето не работи за нас, бидејќи на правата во бесконечноста постојано се сретнуваат глупоста и политиката. Но тоа е и целта на Мицкоски. Македонија изолирана, изфрустрирана, во српско-рускиот свет, прокси држава во постојан конфликт со сите, но најмногу со самите себе.

Дополнително што немаше да имаме никакви проблеми со трговијата и транспортот во ЕУ доколку бевме со отворени преговори за членство. И секако, кога некој нешто ќе ви каже, посебно дека сте лажговци и глупчовци, вие се однесувате како мали богови и се и секого ставате на игнор.

Пролог на глупоста

И замислете покрај три држави, стратешки партнери, и нереализирани гаранции од 6 милијарди евра за стратешки инфраструктурни проекти, Мицкоски оди во Давос. Таму на главната маса се разговара за билиони а Македонија нема што да понуди. Додека Пленковиќ е на иста главна дебата со Мерц, Мицкоски оди по сесии како публика или на некакви лични бизнис средби со директори на компании како Фор-Г со кои веќе тече бизнисот во организација на Орбан. Присуството во публика на споредна сесија чини 10.000 – 30.000 евра за човек, а тоа значи дека многу стотини илјади евра наши пари потрошил Мицкоски за да се прошета по сесиите во Давос – и да си направи селфија и видеа. Веројатно Мицкоски планира да најде некој локален бизнисмен и да го „заинтересира“ да инвестира во Македонија 20-30 милиони евра а потоа тоа да ни го претставува како голем успех. Во рамките на ПР-от да ни соопшти од Давос дека ќе ги рестартираме проектите на Груевски за Чебрен, Галиште и Бошков мост (го заборави Луково поле) како хидроцентрали за да го покрие шетањето со божем работа.

Патем, ништо од скриената желба за средба (фотка) со другарот Трамп. Со таа разлика што овој пат Мицкоски беше малку по внимателен во ПР настапот, па не се фалеше дека ќе се види со Трамп. Впрочем го немаше Кендо со него во Давос да му гарантира дека ќе го сликне како во Минхен, па малку подзакочи. Мислам дека е време Мицкоски да почне да учи Германски јазик, ова и Трамп го кажа во неговата искривена историска ретроспектива при точката на пресекување на политиката и глупоста и тоа на јавна сцена. И така нели на банкетот во Давос до него седеше австрискиот канцелар, па барем да може да си помуабети со него и сите околу него.

Ете тоа се моментите кога глупоста и политиката ќе си кажат „добар ден“!

Страшно е кога точката на сретнување на глупоста и политиката не е една во мандатот на владата, туку се работи за бесконечен број такви точки, односно правите на политиката-политикантството и глупоста не се пресекуваат, туку се поклопуваат и се движат во бесконечност така преклопени, спојувајќи се во безброј точки. Тогаш се прашува човек: „Има ли крај оваа глупост, лажење и политикантство и како да се заврши оваа поклопување“?

А крајот несомнено бргу ќе го видиме, само што за жал ќе го почувствува целата нација, сите граѓани. Само тогаш да не бараме вина во друг, бидејќи таа е во нас, затоа што сме ги одобрувале и прифаќале глупостите. Или нешто друго е во прашање?

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кога политиката и глупоста ќе се сретнат…

Според воспоставената и научно прифатена дефиниција, политиката…

Заталкан куршум во Глумово: 10-годишно девојче тешко…

Десетгодишно девојче е тешко повредено откако било…

Македонскиот извоз на зеленчук како клучна поддршка…

Македонија стана водечки снабдувач на зелка и…

Полицијата му го конфискуваше БМВ-то на охриѓанец…

Во Охрид денеска попладне, полицијата го одзеде…

Законот за пушење почнува да важи од…

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо…