Македонските мозоци биле испраќани во САД за научни цели и со дозвола од семејствата
Професорот на Универзитетот Колумбија со потекло од Македонија Горазд Росоклија, заедно со извесен Ендру Џеј Дворк од Универзитетот Колумбија и поранешниот директор на Судска медицина Алексеј Дума во јули 2014 година објавиле документ кој е достапен на сајтот на американската Национална библиотека за медицина, а кој се однесува на мозоци од Македонија кои биле проучувани. Документот е насловен: „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: Општи лекции за научна соработка меѓу земјите со различно богатство“, а во него се зборува за научна соработка меѓу американски и македонски институции во областа на невропатологијата и психијатријата.
Според текстот, Росоклија бил координатор и најчесто патувал во Македонија, а Дума е означен само како директор на Институтот.
Професорот Дума во изјава за дел од медиумите посочува дека се работи за научна соработка помеѓу американски и македонски институции во областа на невропатологијата и психијатријата, а со дозвола од семејствата.
„Ова е научна истражувачка работа , по сите меѓународни стандарди, преку официјални канали и запазени процедури за транспорт на мозоци од починати од Мкаедонија во САД. Преку офицјални летови со обезбедени сите докуемнти за научна работа и со контрла на царините и во Македонија и во САД. Најбитното и секако со дозвола на семејставта. Со нив разговараа и ги едуцираа пхисохолози и психијатри од посебен комитет кои им ја објаснуваа комплетно и процедурата и целта на наулното истражување“, вели во изјава за ТВ 24 професор Дума.
Наведено е дека соработката почнала во 1996 година, а била помеѓу Универзитетот Колумбија во Њујорк и Институтот за судска медицина во Скопје. Целта на соработката била проучување на мозочните промени кај шизофренија и други психијатриски нарушувања преку обдукции.
Се наведува дека била избрана токму Македонија поради тоа што имала висока стапка на обдукции и квалификувани лекари, но недоволно ресурси за истражување, а Американската страна имала напредна технологија, но недостиг од примероци.
Подоцна, проектот се проширил и на истражување на самоубиства и нарушувања на расположението. За да се исполни проектот, биле обезбедени меѓународни грантови што овозможиле финансирање, патувања, опрема и надоместоци за истражувачите. Соработката помогнала да се развие научната култура во Македонија и да се зајакне конкуренцијата за меѓународни истражувачки фондови.
Во текстот се опишуваат и предизвици, но и чувство на „научен колонијализам“, административни пречки и недоволна традиција за меѓуинституционална соработка. Со текот на времето, овие проблеми биле надминати преку доверба, транспарентност и заеднички труд. Македонските институции постепено вовеле етички стандарди, истражувачки протоколи и меѓународни правила, а се опишува и процесот на истражувањето.
„Во 1996 година започнавме соработка помеѓу Одделот за невронауки (подоцна преименуван во „Молекуларна визуелизација и невропатологија“) при Психијатрискиот институт на државата Њујорк (дел од Одделот за психијатрија на Универзитетот Колумбија) и Институтот за судска медицина (дел од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“) во Скопје, Република Македонија. Предмет на оваа соработка беше невропатологијата на шизофренијата. Обдукциски примероци и клинички информации требаше да се собираат во Македонија, а невропатолошките испитувања да се изведуваат во Њујорк. Логиката зад оваа соработка беше дека Македонија имаше висока стапка на обдукции и група добро образувани лекари кои имаа државна поддршка за своите плати, но малку дополнителни ресурси за поддршка на истражувањето и мало искуство во обезбедување такви ресурси“, пишува во текстот.
Проектот довел до собирање на десетици примероци на мозоци годишно и до развој на нови лабораториски методи. Резултатите биле користени во десетици научни истражувања во повеќе земји. Македонија добила нова опрема, лаборатории и меѓународен углед во науката. Истражувачите, исто така, објавиле повеќе научни трудови во странски списанија.
На крај, авторите даваат препораки за идни слични проекти во други балкански земји. Главната порака е дека успешната меѓународна соработка мора да биде корисна за сите страни и да гради локален научен капацитет.
Случајот стана актуелен откако во документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин, се најде и Македонија, во електронска преписка каде пишува дека Епстин донирал огромни суми за истражување на човечки мозоци, а примероците биле од македонски државјани.
„Малата балканска земја Македонија ги обезбедува најновите мозоци, благодарение на еден член на факултетот на Универзитетот Колумбија кој потекнува оттаму и кој помогнал да се организира целиот процес. Македонските мозоци се замрзнуваат веднаш по нивното отстранување и со авион се транспортираат во сандаци, под специјална придружба, поминувајќи околу 7.500 километри (4.700 милји) за да завршат во црни кутии со големина на кутија за чевли, означени со QR-кодови. Внатре се наоѓаат дисецирани делови од розово ткиво во пластични кеси, обележани со маркери: десна страна, лева страна и датум на земање.“, стои во дел од објавениот фајл.
Според мејлот од фајловите на Епстин испратен во 2019 година, но и текстот објавен на сајтот на американската Национална библиотека за медицина во 2014 година, станува збор за перидот од раните 90-ти и 2000-те години.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонските мозоци биле испраќани во САД за…
Професорот на Универзитетот Колумбија со потекло од…
Трамп: Мислам дека ќе постигнеме договор со…
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД…
Трамп со нова шега: Канада 51, Гренланд…
Американскиот претседател Доналд Трамп за време на…
Зеленски објави дека на 4 и 5…
Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија,…
Трамп: САД „почнуваат да разговараат со Куба“
Трамп вели дека САД „почнуваат да разговараат…