Четири години војна во Украина
Четири години од руската агресија врз Украина. Со едноминутен молк низ Украина почна одбележувањето на годишнината од руската инвазија. Линијата на фронтот е речиси непроменета, а дипломатското решение изостанува.
Билансот е, илјадници жртви, уништена инфраструктура и трилатерални преговори без значаен напредок кон прекин на огнот. Инвазијата што ја почна Русија под водство на Владимир Путин на денешен ден во 2022 година, според проценките на Москва, имаше за цел да доведе до брз колапс на украинските власти. Утрото на 24 февруари, рускиот претседател Путин го објави почетокот на „специјална воена операција“ во Украина. Војната ја оправда со тврдења за „демилитаризација и денацификација“ на Украина, заштита на населението во Донбас и наводната закана од ширење на НАТО на руските граници. Планот беше брзо да се скрши Украина и политичка промена во Киев. Но, тоа не се случи. Украинскиот претседател Володимир Зеленски на четири годишнината од војната изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не ги постигнал своите воени цели во Украина.
Володимир Зеленски – претседател на Украина
„Путин не ги постигна своите цели. Тој не успеа да ги скрши Украинците. Тој не ја доби оваа војна. Ние ја браневме Украина и ќе направиме сè за да постигнеме мир и да преовлада правдата. Сакаме мир – силен, достоинствен и траен мир“.
На комеморативните настани во Киев присуствуваа и европските лидери. Претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен ја нагласи непоколебливата поддршка за Украина.
Урсула Фон Дер Лајен – претседателка на ЕК
„Во Киев по десетти пат од почетокот на војната. Да потврдиме дека Европа непоколебливо стои со Украина, финансиски, воено и во текот на оваа сурова зима. Да ја нагласиме нашата трајна посветеност на праведната борба на Украина. И да испратиме јасна порака до украинскиот народ и до агресорот: нема да попуштиме додека не се воспостави мир“.
Пропадна и обидот на ЕУ да испрати „моќен сигнал“ кон Русија, откако Унгарија стави вето на 20-тиот пакет санкции.
Каја Калас – висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика
„За жал, не постигнавме договор за 20-тиот пакет санкции. Ова е назадување и порака што не сакавме да ја испратиме, но работата продолжува“.
Американската истражувачка организација, Центарот за стратешки и меѓународни студии, зборува за над 325.000 загинати руски војници и околу 140.000 Украинци. Според ОН, во странство има над 6 милиони украински бегалци. На четвртата годишнина од руската инвазија, украински и европски знамиња се кренати пред Европските парламенти во Брисел и Стразбур како порака за солидарност. Русија, пак, се надева на продолжување на преговарачкиот процес за Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков вели дека времето и локацијата на новата рунда консултации сè уште не се договорени.
Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ
„Ќе ве известиме дополнително откако страните ќе постигнат соодветно разбирање“.
Сепак, тој истакна дека целите на Заедничката воена операција сè уште не се целосно постигнати и затоа специјалната операција продолжува. Иако дипломатските контакти се интензивираа, прашањето не е само кога ќе се случи прекин на огнот, туку и под кои услови и дали мирот ќе биде траен или ќе следи ново замрзнување на конфликтот. Главна пречка се териториите што ги бара Русија, а Киев одбива за тоа да се дискутира. Четири години по инвазијата, Русија контролира околу една петтина од меѓународно признатата територија на Украина, а конечниот исход останува неизвесен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Четири години војна во Украина
Четири години од руската агресија врз Украина.…
Трамп е подготвен да употреби смртоносна сила…
Првата опција на американскиот претседател Доналд Трамп…
ОД НАРОДОТ ЛИ СЕ ПЛАШИ АРТАН ГРУБИ?…
Поранешниот претседател на Кривичниот суд и судија…
(Фото) УШТЕ ЕДЕН ТОН МАРИХУАНА ЗАПЛЕНЕТ ВО…
Уште еден тон дрога денес е запленет…
Сведок за „Тајм“ за „човечките сафари“ во…
Нови застрашувачки обвиненија се појавија против богат…