Сведочење на гитаристот на ДНК за „Пулс“: Никогаш не разговаравме за пиротехниката, туку за репертоарот и звукот

t

Пожарот настана над бината и се ширеше екстремно брзо. Беше топло и имаше густ чад. Сунѓерите од плафонот се топеа, од каде што паѓаа црни капки. Имам повреди од нив, сведочеше на денешното рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија музичарот Горан Тонев, кој настапувал со групата ДНК како гитарист.

Од судењето за трагедијата во Кочани во судницата во Идризово / Фото: „360 степени“
Имал устен договор со клавијатуристот Филип Стефановски да биде надворешен соработник на ДНК и да свири гитара на нивните настапи.

„Тој нè организираше нас музичарите во колку часот, каде да бидеме и нè известуваше за настапите“, кажа тој.

Во својот исказ сведочеше дека вечерта не забележал кој ја поставил и кој ја активирал пиротехниката во дискотеката.

Вечерта пред настапот, во „Пулс“ пристигнал околу 22 часот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓорѓиев, во исто време со Филип Стефановски и Александар Ларов.

„Веднаш почнавме да ја внесуваме нашата музичка опрема и се местевме на бината каде што настапувавме. По некое време пристигна и Андреј, вокалот на групата, Сара, Ана и нашиот тон-мајстор, Игор Велков. Направиме тонска проба, а потоа околу 11:30 часот, јас и Ѓоко Ѓорѓиев излеговме од локалот и се упативме кон хотелот ‘Сити ин‘ во Кочани. Се вративме после 1 часот. Во една просторија имаше храна, пици, каснавме и се упативме кон бината и почнавме да настапуваме“, рече Тонев.

Според него, пиротехничките средства веќе биле поставени пред нивниот настап.

„Кога се качивме на бината пред да настапуваме, тие веќе беа таму наместени“, вели тој, додавајќи дека ги забележувал и на други настапи, но не знае кој ги поставувал.

Според него, пожарот настанал околу 2:30 часот, кога Панчо на микрофон кажал сите да излезат надвор оти плафонот почнал да гори.

„Пожарот настана над бината. Се симнав по скалите од бината, се упатив кон излезот, екстремно брзо се ширеше пожарот, од горе од сунѓерот капеа капки, беше екстремно топло, имаше многу густ чад, не можев да дишам и тоа траеше многу време. Како што гореа сунѓерите, така се топеа и кога погледнав нагоре огнот беше над мојата глава и капеа црни капки. Имам повреди и од нив. Сунѓерот изгледаше како во музичките студија, беше во брановидна форма“, кажа гитаристот.

Посочи дека има изгореници на дишните патишта, десното уво, вратот, лицето и на десната рака.

„Се лекував во Солун. Сè уште не можам да ја извршувам својата функција како гитарист“, вели Тонев.

На прашањето за поставувањето на прскалките и пиротехниката, рече дека имал видено Мартин како ги поместува нанапред или наназад.

„Само не таа вечер, генерално“, рече гитаристот додавајќи дека не му е познато дека тој се грижел за пиротехниката.

За тоа дали некој реагирал да се отстранат прскалките пред пожарот, рече дека не видел такво нешто.

Бранителката на првоосомничениот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, се обиде да заклучи дека пиротехниката била набавувана од групата ДНК, на што Тонев одговори:

„Не знам, не сум видел. Никогаш не сме разговарале за пиротехниката, туку за репертоарот и звукот. Не сум забележал кој ја активира“, вели тој.

Според него, одоколу 50 настапи со бендот, пиротехника се користела на околу 15 настапи, но никогаш не видел која ја носи или ја поставува.

„Во врска со светлата и другите работи, никој немаше контрола на тоа. Немаме ние сценски настап, само излегуваме и свириме“, кажа гитаристот.

Во 2025 година, како што кажа, забележал дека бината во дискотеката била потесна, плафонот бил понизок и имало повеќе ЛЕД-ефекти, за разлика од 2024 година.

На денешното рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија во својство на сведок беше и Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК и редовен професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, која рече дека прскалките се вклучиле за време на рефренот од песната „Што сака нека биде“.

„Ништо не беше неочекувано оти на оваа песна секогаш се палат. Почувствував топлина и инстинктивно погледнав нагоре. Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата“, рече таа.

Посочи дека последните четири до пет години групата ДНК често настапувала низ државата и дека во последните години на настапите се користеле прскалки, но никогаш не се случиле инциденти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сведочење на гитаристот на ДНК за „Пулс“:…

Пожарот настана над бината и се ширеше…

Се огласи Бране по тужбата од Заев:…

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, преку објава на социјалните…

Скопјанец насилно ограбен во Аеродром

Скопјанец вчера бил насилно ограбен во скопски…

Пратениците од власта го одбија предлогот за…

На денешната седница во Собранието беше одбиен…

„Монд“: Со речиси 500.000 загинати војната во…

И покрај воената тајновитост за сопствените загуби…