Благојче Атанасоски: МАКЕДОНИЈА СЕКОЈДНЕВНО ЖИВЕЕ ВО ДЕВЕТТИОТ КРУГ НА ПЕКОЛОТ
Вчеравечер се враќам накај дома од блискиот супермаркет во соседната зграда од населбата во која живеам и на тротоарот на бул. Теодосиј Гологанов ме застанува и поздравува средовечен господин, за да ми каже дека редовно ме следи на телевизиските дебати. По заблагодарувањето од моја страна, почнавме и разврзавме неформален муабет за политичко-општествените состојби кај нас. Одејќи по тротоарот – јас, тој и неговата сопруга – нафрливме повеќе теми, за на крајот да заклучиме дека ниту има надеж, ниту пак има иднина во нашата жална и напатена мала и мила земјичка.
Утрово, на пријатните сончеви претпролетни зраци, пијам кафе на клупа пред станбена зграда во населбата Тафталиџе, во близина на истоименото пазарче. Поминува повозрасна госпоѓа и ми вели: „Благојче, ќе нè биде ли?“ Велам: „Секако, како да не нè биде“, се разбира – иронично. Таа застанува и почнува да ми се жали колкава ѝ е пензијата, а била професорка во едно средно скопско училиште цели 35 години. Откако ѝ починал сопругот, не можела да врзе „крај со крај“, па дури и синовите финансиски ѝ помагале за да го истера месецот. И ми вели дека „ѝ иде усвет да фати“ кога ги слуша нашите високи политички функционери од македонското Собрание како си упатуваат навреди и дисквалификации, додека народот мизерува.
Овие два свежи примери ми беа доволни, меѓу стотиците други, да сфатам дека навистина на обичниот, чесен и морален граѓанин му е преку глава од сè во „библиската земја“ и му доаѓа „усвет да фати“.
Во држава во која секој четврт граѓанин, според официјалниот Завод за статистика, живее со околу два долари дневно и каде имаме масовно иселување од година во година – со помош на неговата „светост – бугарскиот пасош“ – навистина е грозоморно граѓаните секојдневно да ги гледаат меѓусебните обвинувања на власта и опозицијата кој повеќе украл или кој повеќе ја упропастил Македонија и иднината на нејзините граѓани.
Вистината е проста како грав: и двете политички елити, од десницата и од левицата, подеднакво ја уништија и упропастија државата и украдоа „неброени милијарди евра“ народни пари, збогатувајќи се за неколку генерации. Или, како што би рекол премиерот: „Од голтари – станаа милионери.“ Да, тоа е најточно. Но не само од СДСМ и ДУИ, туку и од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, па дури и од т.н. помали политички партии.
Додека обичниот граѓанин гладува и мизерува.
Дотолку повеќе, уште поодвратно и погрозно е да ги слушате обвинувањата за „скапи часовници од неколку десетици илјади евра“ или „луксузирање на јахти на егејскиот брег или на приватни забави во Дубаи“. Навистина одвратно.
Но што да се очекува од политички елити во институционално пропадната и распадната земја, карактеризирана со политичари кои во најмала рака можеме да ги дефинираме како фрустрирани социопати со црти на психопатија, често склони кон алкохолизам, наркоманија и други филии и мании, со еден заеднички именител: алчни, нахални и корумпирани до срж?
Зарем таквите сè уште мислат дека има граѓани – или како што милуваат да кажат „народот“ – што им веруваат на нивните зборови и плиткоумни, излитени фрази?
Е, на тој народ кај кој останале барем два грама разум, веќе не само што му се одмилени да ги гледа, уште помалку да ги слуша, туку веќе ги мрази, презира, па дури и ги проколнува.
Зошто?
Бидејќи му го уништија животот. Му го потрошија во неповрат. Не само нему, туку и иднината на неговите деца и внуци. Или на тие што сè уште се тука, во пропаднатава дупка од држава, и сè уште не се иселиле во западноевропските развиени и прекуокеански земји.
Спас ни нема – прашање на време е кога целосно ќе пропаднеме!
Но дали мислите дека сето ова што го пишувам, елаборирам и алармирам допира до некое око, уво и разум?
Апсолутно не.
Да допираше, немаше да се однесуваат вака. Напротив, мислам дека и уживаат во улогите што ги реализираат, а можеби некој друг, помоќен од нив (читај: службите/олигархијата), им ги доделил.
Веројатно на „кастингот“ кај тие служби или олигархија секогаш се бираат најкорумпираните, најнекомпатибилните, најдевијантните со психосоцијално однесување – персони што се лесно зависни од центри на моќ (и од некои други недозволени супстанци).
И затоа Македонија е дојдена до ова дереџе по триесет и пет години пропаст. И уште ќе тоне и ќе длаби додека постои и последното дно.
Дали нешто ќе се смени?
Секако дека ќе се смени – но на многу полошо.
Дали некогаш ќе им дојде акалот на нашите функционери и политичари од политичките елити?
Се разбира дека не.
Што им преостанува тогаш на чесните, пристојни и достоинствени македонски граѓани?
Веројатно само едно и единствено нешто: колку и да звучи непријатно и со горчина да се каже, да си ги спакуваат куферите и да фатат „вид виделија“, како што велеше мојата одамна покојна баба.
Односно – што подалеку од тука.
Зашто ниту еден човечки живот не вреди да се потроши залудно.
Барем не во оваа и ваква држава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Благојче Атанасоски: МАКЕДОНИЈА СЕКОЈДНЕВНО ЖИВЕЕ ВО ДЕВЕТТИОТ…
Вчеравечер се враќам накај дома од блискиот…
(Фото) Мајката на загинатата Ивона во Пулс:…
Во пресрет на почетокот на постапката за…
Почина и сопругата на иранскиот ајатолах, им…
Мансура Багерзаде, сопругата на врховниот лидер на…
САД не ја почнаа војната во Иран,…
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет кажа…
600 евра минималец ни во сон, 1600…
Денеска, на мала врата пробаа да утврдат…