Мојсоска: Жените во земји во војна се побезбедни отколку во овој македонски систем што не постапува

t

На собраниската седница посветена на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, имаше излагање во кое посочи дека зад празничните честитки стои сурова реалност на институционална негрижа кон жртвите на семејно насилство и длабоко нефункционален систем кој со години не успева да ги заштити најранливите.

„Кога сторителите на семејно насилство имаат богата историја на кривични пријави и само условни пресуди, кога на МВР им требаат 45 дена да го известат Центарот за социјална работа, кога во центрите нема проценка на ризик, а Обвинителството со месеци не постапува – тогаш тоа веќе не е пропуст, туку свесно изграден погрешен систем кој чини човечки животи.

Сѐ додека се штитат оние кои биле должни да постапат, а не постапиле, сѐ додека персоналната одговорност се крие зад бирократско префрлање на вина, и сѐ додека институциите се третираат како биро за вработување на партиски кадри наместо на професионалци – ова ќе остане систем кој убива.

Јас прочитав еден статус на жртва на семејно насилство која сведочи за нејзиното искуство пред 25 години како НЕ ја заштитиле институциите и каде поразително може да се констатира дека ништо суштинско не е променето до ден денес. Поради ваквата нефункционалност на државата, жртвата тогаш заминува да работи во Ирак, држава која иако тогаш беше една од најнебездните држави, но за оваа жена била многу побезбедна од оваа држава која никако не ја заштитила.

И затоа овој 8 Март јас можам да им го честитам само на сите оние жени кои имаат храброст да останат тука, кои имаат храброст да живеат тука и кои имаат храбрсот да создаваат потомство тука – во држава каде никој не ја гарантира нивната безбедност и живот е во поголема опасност дури и од земји кои се во војна”, изјави Мојсоска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ