Црногорска функционерка фатена во афера со осомничен за двојно убиство
Полициски службеници од Подгорица ја испрашуваат поранешната функционерка на Министерството за човекови и малцински права, Мирјана Пајковиќ, јавуваат црногорските медиуми.
Според истите информации, таа била поканета откако од вчера се појавиле три експлицитни видеа. На едно од нив, Пајковиќ наводно е со бегалецот Никола Дрецун, пишува „Вијести“.
По Дрецун е издадена меѓународна потерница за двојното убиство во Цетиње и ранувањето на три лица. Тој е осомничен за бомбашкиот напад во кој беа убиени Драган Рогановиќ (36) и Петар Калуѓеровиќ (20) во Цетиње на 20 јуни 2024 година.
Дополнителни полемики од вчера предизвикуваат медиумските шпекулации за местото на потекло на одредени спорни снимки.
Некои медиуми тврдеа дека материјалите прикажуваат простории кои „неодоливо личат на кабинети во зградата на Владата на Црна Гора“. Едно од видеата, на кое може да се види поранешната државна секретарка како танцува додека држи црево за наргиле во рака, ги поттикна шпекулациите за можна злоупотреба на државните простори и институции.
Генералниот секретаријат на Владата на Црна Гора остро ги негираше ваквите тврдења.
Црна Гора веќе втор месец ја тресе афера во која на експлицитни видео снимки покрај поранешната државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права, Мирјана Пајковиќ, се најде и Дејан Вукшиќ, сега веќе поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност и поранешен советник на претседателот Јаков Милатовиќ.
Мирјана Пајковиќ минатиот петок и таа поднесе оставка од функцијата директорка на Директоратот за унапредување и заштита на човековите права и слободи при Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора.
– Не сум сторила никакво кршење на законите, ниту, пак, на етичките норми во смисла на работното време или повреда на службената должност. Кога станува збор за правото на приватност, дури и ако некој навлезе во самата анализа, многу е спорно како воопшто може да се утврди дали однесувањето на тие снимки настанало за време на вршењето на функцијата или претходно. Едноставно, не сме сите родени оној ден кога сме стапиле на некаква функција – изјави Пајковиќ во поткастот „Сада и овде“ на телевизијата „Хајп“.
„Се остварив како мајка, сѐ уште ги одгледувам своите деца“
Како што таа рече, воопшто не се откажува од „ниедна од улогите што животот може да ѝ ги понуди на една жена“.
– Многу сум среќна што сум мајка, уживам во домашните обврски и тоа ме исполнува. Уживам и во професијата што сум ја одбрала, но сметав дека не треба да го жртвувам својот приватен живот поради некаква општествена позиција. Мислам дека овде станува збор и за длабока сексуална неосвестеност, за тоа што ѝ е дозволено на жената и дали имаме, и во кој животен период, право да живееме слободно и онака како што сакаме – рече Пајковиќ.
Таа откри и дека, од аспект на општествените норми, направила „сè што се сметало за нужно“.
– Во смисла дека бев во брак, се остварив на тоа поле, имам две деца и се остварив како мајка. Тие деца ги одгледав и сè уште ги одгледувам – изјави Пајковиќ.
Таа додаде дека никогаш не планирала нејзините приватни снимки да стигнат до јавноста.
– Мислам дека тоа е прашање на кое секој го знае одговорот. Да бидеме крајно искрени: ако снимките настанале за некаква цел, сигурно не настанале за неконтролирана дистрибуција. А најмалку за да послужат како оружје за пресметка со мене – истакна Пајковиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Рашковски тврди дека го местат: Децата имале…
Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски,…