Пред Велигден нема да има зеленчук и овошје под 100 денари за килограм

t

Инфлацијата силно ќе удри и врз цените на земјоделските производи . Земјоделците најавуваат зголемување на земјоделските производи со оглед на тоа што најголем дел од репроматеријалите се набавуваат од Блискиот Исток. Повисоките цени на нафтата и на азотните ѓубрива ќе ги зголемат и цените и на крајните производи. Се очекува пред Велигден да има повисоки цени на раноградинарските производи и, според најавите на земјоделците, нема да има зеленчук под 100 денари за килограм. Земјоделците велат дека поскапувањето на една клучна ставка, во случајов дизелот, директно се прелева на цената на финалниот производ. Дизелот е основен трошок во земјоделството, се користи за орање, сеење, култивирање, за транспорт на суровините и производите, за работа на механизацијата. Ако за 10 хектари се трошат 2.000–2.500 евра за нафта, секое зголемување на цената веднаш го крева вкупниот производствен трошок.

– Азотните ѓубрива се качија на 400 долари за тон, односно една вреќа од 25 килограми се качи од 750 на 1.000 денари. Ова е зголемување за 20 отсто, ако се додаде на ова зголемувањето на цената на нафтата, која од 62 денари се зголеми на 92 денари за литар, односно за 30 денари за литар не може да не поскапат земјоделските производи. Поради покачените цени на вештачкото ѓубре, кое дава поголем принос од арското, освен што ќе се зголемат цените, може да случи и да се намали производството по единица површина – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.
Тој вели дека сè уште не се влезени земјоделците во циклусот на производство и сè уште користат стара нафта по ниска цена и оти за пролетните култури ќе користат скапа нафта, што може дополнително да ги качи цените на земјоделските производи.

– Пред Рамазан бајрам, цените на овошјето и на зеленчукот обично паѓаат, а кога ќе дојде Велигден – се качуваат. Така што пред Велигден нема да има зеленчук под 100 денари за килограм, бидејќи трговците ќе ја користат моменталната ситуација со војната и со поскапите репроматеријали и повторно ќе ќарат на грбот на граѓаните и на нас, земјоделците. Најголеми штети од војната ќе претрпи земјоделскиот сектор, во кој има многу погрешни политики – вели Велков.
Најголем дел од азотните ѓубрива што се користат во македонското земјоделство се увезуваат од Русија, Украина и од Израел.

Реагираат на поскапувањата на овошјето и на зеленчукот, велат дека е премногу едно канче јагоди да чини 250 денари, килограм домати 200 денари, а дури и младата зелка дојде до 100 денари за килограм.

– Едно канче јагоди во маалските продавници се продава за 250 денари, што е премногу. Од друга страна, истото канче во маркетите може да се најде за 150 денари, а на зелените пазари и за 100 денари. Очигледна е разликата во цените и не може за едни да се покачени трошоците за производство, а за други да не се. Слична е состојбата и со доматите, краставиците и со другиот зеленчук, кој се продава за повеќе од 100 денари, но цените секаде се различни – вели еден потрошувач.
Претседателот на Националната федерација на фармери, Стеванче Јорданоски, изрази надеж дека ресорното Министерство навреме ќе преземе мерки и ќе се активира т.н. кризен фонд, со цел да се ублажат последиците од кризата.

– Со моменталното случување во светот и војната, која никој не ја посакува, се случија големи турбуленции на берзите на нафта, а и сите репроматеријали и ѓубрива доаѓаат од тој регион. Очекуваме големи зголемувања на цените и во малопродажбата. Државата, односно Министерството за земјоделство, треба навреме да преземе мерки како што е активирање на т.н. кризен фонд за да излезе во пресрет при набавката на репроматеријали, односно ѓубрива – рече Јорданоски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, вели дека секојдневно се следи состојбата и ако има потреба, ќе интервенираат со соодветни чекори.

– Она што е важно во делот на цената на ѓубривата и на нафтените деривати е дека, како Министерство, секојдневно ја следиме состојбата. Ќе видиме во каков правец ќе се движи. Доколку има потреба, нормално, како Министерството, ќе излеземе со конкретни мерки и предлози за санација на таквата состојба – рече Трипуновски.
Земјоделците предупредуваат дека субвенциите доцнат и доколку не се исплатат во најкраток можен рок, ќе излезат на протести.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пред Велигден нема да има зеленчук и…

Инфлацијата силно ќе удри и врз цените…

Критична е состојбата со пазарот на сулфур:…

Руските производители на ѓубрива побараа од владата…

Кузевска: СДСМ има нова сила – нова…

СДСМ обвинува дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ осмислила специјална…

Потрошувачите и транспортерите бараат мерки веднаш –…

Да не чекаме ценовниот шок од горивата…