Савески даде свечена изјава: Политиката не била и нема да биде дел од мојата работа

t

Новиот републички обвинител Ненад Савески денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, со што официјално ја презеде функцијата. По изјавата Савески рече дека интересите на политичките партии не се негов интерес и дека обвинителството мора да функционира исклучиво врз основа на законите, без влијание од политиката.

„Политиката не била и нема да биде дел од мојата работа. Без оглед на тоа колку гласови сум добил, мојата работа ќе зависи од законските обврски“, изјави Савески, осврнувајќи се на фактот дека неговиот избор не доби поддршка од опозицијата.

Савески се заблагодари за изборот и истакна дека му е познат обвинителскиот систем и оти очекува заедно со сите јавни обвинители добро да си ја вршат својата работа и да ги задоволат очекувањата на граѓаните.

„Најпрво да се заблагодарам на судиите, за сите убави моменти поминати, потоа на Владата која ме предложи и на пратениците кои ме поддржаа. Благодарност до сите пратеници кои покрај поддршката со гласањето за моето именување, и на сите пратеници генерално кои имаа коректни ставови. Тоа за мене е голема одговорност. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во нив, и заедно со нив ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните во чие име, Устав и закон постапуваме ние јавните обвинители. Да бидам искрен очекував поширока поддршка. Секој кажан збор во поглед на вчерашната расправа, секој збор беше од големо значење. Товар не чувствувам, политиката е на политичките партии, никогаш не била мој интерес, ниту во минатото, ниту во иднина. Без оглед колку гласови сум добил, одговорноста зависи од тоа што како законска обврска е предвидено. Пред себе сум го имал Уставот, законите и меѓународните стандарни и сите меѓународни документи кои се дел од нашиот правен поредок“, изјави новиот републички обвинител.

Тој уште еднаш повтори дека нема да прави приоритети на предметите, туку нагласи дека секој предмет е подеднакво важен.

„Кажав дека секој предмет има еднакво значење. Нема да правам приоритети на предмети, само според законски основ на оние предмети кои ќе имаат приоритет. Јавноста вклучително тука и политичката јавност, има право да има очекувања, имаат право да го коментираат постапувањето на јавните обвинители“, рече Савески.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ