Колумна на Ќулавкова: Северна Македонија е парабола на судирот меѓу слободата на изразот и демократијата, меѓу науката и политиката

t

Уставот на секоја држава е по правило конзервативен, затоа што се стреми да ги зачува своите темелни определби во врска со режимот на уредување и владеење на државата што ја претставува. Особено конзервативен дел од секој устав е преамбулата, или уводен фрагмент што на декларативен, свечен и симболичен начин го искажува почетниот национален и државен наратив. Како таков, симболичен, текстот на преамбулата има карактер на култен исказ чија функција се состои во тоа, прво, да ја заклучи нејзината историска, државотворна и идентитетска приказна и, второ, да ги обедини сите граѓани и институции, со цел да изгради политичка нација како трансетничка категорија, која го црпи легитимитетот од демосот. Врз тие основи се препознава и далекосежниот државен, национален интерес, кој може да се актуализира тактички и технички, но како базична уставна категорија не смее да се ревидира. Односно, ако се ревидира почетниот конституционален образец, значи дека се променил системски владејачкиот државен концепт и идентитет.

Судејќи според нововековните европски искуства, како и според балканските национални и државотворни парадигми од 19 век до денес, основниот идентитетски белег на секоја држава е пренесен од носечкиот, т.н. конститутивен народ, а колку е поголем цивилизацискиот и демократскиот капацитет на државата, толку е поголема почитта спрема малцинските културни идентитети. Јазикот е, речиси без исклучок, фактор на општествена кохезија, но и на функционалност на државните институции, а придонесува и за одржување на унитарноста на државата. Балканската концепција за држава-нација е втемелена врз начелото на еднаквост на граѓаните пред уставот и законите, но не секогаш ја признава етничката, религиската и културната разноликост. Македонското малцинство во соседните држави е доказ дека статусот на малцинствата не е во сите држави решен ни еднакво, ни праведно.

Во Македонија, обратно, културните, образовните, јазичните и егзистенцијалните права на малцинствата доживуваат таков радикален подем, што доведе до ситуација кога мораше да се интервенира во Уставот на Р Македонија. Иако оценет од европски експерти како соодветен на европските конституционални начела и владејачки модели, во 2001 година дојде до првата радикална промена на Уставот на Р Македонија, со амандманите од ноември 2001-та, а како последица на претходно контролирана воена криза и криза на меѓуетничките односи, односно како рефлексија на Охридскиот мировен договор од 13.8.2001.

Само по десет години, Р Македонија започна да го менува својот уставен наратив во преамбулата, а со тоа и да ја минимизира државотворната улога на македонскиот народ за сметка на максимално зголемување на улогата на албанската народност или, да се послужиме во вообичаената меѓународна терминологија, албанското малцинство во Македонија. Секоја поголема меѓуетничка криза во Македонија завршува со малцински ултиматуми, кои станаа одлучувачки фактор во државата и во неколку наврати предизвикаа крупни, темелни промени на Уставот, а со тоа и на карактерот на македонската држава.

Р Македонија, така, врз практиката на ултиматум, се редефинира во континуитет од функционална, суверена, унитарна и демократска држава-нација во мултиетничка држава, со намалена функционалност, сувереност и унитарност. Процесот на разлагање (фрагментација) на македонската држава трае неполни 20 години, од 2001 до 2018, за денес да влеземе во нова, неизвесна фаза. Методологијата на малцински ултиматуми беше само најава дека ќе се прошири со надворешни ултиматуми на соседите, секогаш поткрепени и легитимирани од меѓународната заедница.

Современите соседски ултиматуми се актуализација на т.н. балкански пропаганди што го креираа македонското прашање, а со тоа и ја воведоа парадигмата за македонскиот идентитет како проблематичен и на Македонија како мултиетничка „салата“ или „виножито“. Сите балкански општества имаат мултиетничка димензија, некои европски држави и многу понагласена, ама и покрај тоа никој не го оспорува нивниот национален карактер.

Единствено Македонија е третирана како експериментална конструкција подложна на радикални уставни промени, значи под привидот на самоиницијативни внатрешни ревизии. Во име на демократијата се етаблира етнократијата, всушност трибализмот, племенските заедници. Во име на унитарноста се направи територијална поделба на државата. Во име на правичноста на малцинствата се промовира историска неправда над Македонците. Во име на европските вредности се применуваат нецивилизирани законски решенија, било да се работи за јазичните права, или за амнестијата на злосторствата против човештвото.

Денес македонската држава ги има сите предуслови да биде нестабилна, отворена за натамошни ревизии, со хибриден владејачки режим, со ограничена слобода на изразување, со малограѓански вредности и активни социјални мрежи, земја подложна на демографска девастација, земја на корупција и црни хроники, со руинирана патна структура, задолжена до крајни граници, пред финансиска и економска бездна, со енормни социјални разлики, со потценета наука, со деградирано образование, со верски радикализам, со строго контролирана слобода на движењето во и надвор од границите на државата, со проблематично присуство на туѓи воени формации, со поделени државни симболи, проблематизирана химна, оспорено државно знаме, држава со име непризнаено од граѓаните, држава без своето вековно кратко име со национален белег, со еден збор неподнослива за достоинствено живеење. Македонија.

Таквата Македонија чиешто име по закон дури и не смееме да го спомнеме на јавни места, чиешто првобитно државно знаме денес се набљудува со потсмев и се отстранува насилно дури и од невидливите шахти по улиците, простете, не е Македонија. Македонија разнебитена, фалсификувана, балканизирана, енклавизирана или, со други зборови, либанизирана.

Ако во нешто бевме совршени, тоа е веројатно во способноста да го срушиме она што беше навистина добро и навистина европски вредно. Како врв на тоа совршенство, се востанови жестока практика на внатремакедонска поделеност врз начелото на партиска припадност, зад којашто се крие интересот на поединци и на приватизираниот државен капитал. Се соочуваме со еден вид расна сегрегација меѓу самите Македонци, нешто што потсетува на апсурдниот конфликт од 1998 година меѓу Туците и Хутите во Руанда, конфликт поради гротескните, необјасниво мали и дури непостојни етнички, религиски и јазични разлики.

Таквата гротескна сегрегација меѓу самите Македонци врз начелото на примитивниот материјализам, културниот провинцијализам и примордијалниот братоубиствен порив, сѐ повеќе се артикулира, за жал, како емотивна и идеолошка увертира на еден внатремакедонски граѓански конфликт. Имајќи ги предвид аспирациите на соседите, артикулирани во неколкуте спогодби, договори, платформи, нонпејпери и ултиматуми во европските интеграции на републиката, нема сомнение дека таквиот внатремакедонски конфликт ќе ја дестабилизира уште повеќе македонската држава.

Триесет години независност не само што не успеавме да создадеме нација со несомнен државен интерес на сите заедници и граѓани, туку го осуетивме процесот на создавање на македонската политичка нација. За 30 години не само што не ја зацврстивме нашата сувереност туку постапно ја деградиравме. Нема држава што може да издржи такви крупни системски реформи на државното уредување без тие да се одразат на општествен план. Северна Македонија дефинитивно го озакони беззаконието. Таа функционира спротивно на општонародната волја, спротивно на единствениот валиден референдум од 8.9.1991, спротивно на меѓународните конвенции и на здравиот разум.

Да заклучам, повеќекратната ревизија на Уставот на нашата држава од 1991 до денес се рефлектира како врз нејзината стабилност, така и врз нејзиниот систем на уредување, од насока на граѓанска и национална држава, во насока на хиперетницизирана држава. Поради тоа, таа е радикално партизирана и поделена по етничка, јазична, религиска и територијална основа. Таа мултиетничност и етнопартијност генерира соодветна структура на власт и метод на конституирање на владејачките структури во чијашто сенка се наоѓаат криминогени структури.

Поради тоа, создаден е хибриден систем на уредување на државата и на владеење, кој не е типично демократски, а се повикува на демократијата, кој не е ни чисто консензуален, а парадира со консензуалноста. Таквите хибридни уставни решенија не се гаранција за стабилност и опстанок на државата. Затоа власта повеќе го црпи легитимитетот од самата себе, а не од граѓаните, со што создава мимикрија на легитимност на институциите, а како последица на сето тоа имаме нефункционални институции, практика на меѓупартиски пазарења и уцени, со тенденција на зголемување на инфлацијата на нерегуларност и беззаконие. Сето тоа заедно зборува за криза на моралот, кој во крајна линија го доведува во прашање меѓународниот углед на државата и го намалува нејзиното влијание во евроинтегративните процеси и преговорите со соседните држави.

Северна Македонија е парабола на судирот меѓу слободата на изразот и демократијата, меѓу науката и политиката, како последица на што добиваме погрешни паранаучни интерпретации на општествената стварност и пример без преседан за спречување на процесот на легитимација на современата македонска нација.

Извор: Пишува Катица Кулавкова за Нова Македонија

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски за „Ал Џезира“: Не е точно…

Не се согласувам со вашата констатација дека…

​​​​Крмов го предизвика Мицкоски да даде заклетва  без ,,Северна“

На собраниската седница, пратеникот од Левица, Борислав…

Името „северна“ Македонија го има пет пати…

Во поднесокот на имињата на новите министри…

Европска народна партија: ВМРО-ДПМНЕ доследно да го…

Манфред Вебер, претседателот на Европската народна партија…

САД го поддржуваат Преспанскиот договор, тоа го…

Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и…