Владата бара ЗНМ и ССНМ јавно да го осудат на односот на новинарот Адеми кон министерката Јаневска
Владата преку соопштение до јавноста побара од ЗНМ и ССНМ да го осудат однесувањето на новинарот Невриј Адеми, а поради недолично однесување кон министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
„Во насока на зачувување на достоинството на јавниот дискурс, унапредување на демократските вредности и заштита на интегритетот на институционалната комуникација, Владата чувствува обврска јавно да реагира на неодамнешниот настан кој отвори сериозни дилеми за почитувањето на основните принципи на професионално и етичко однесување во медиумскиот простор. Заштитата и унапредувањето на слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања од јавен интерес, без никакви ограничувања или притисоци се наша обврска, но истовремено, нагласуваме дека ова право подразбира и обврска за професионално, достоинствено и етичко однесување“, соопштија од Владата.
Од таму велат дека слободата на изразување не смее да биде изговор за нарушување на личниот и институционалниот интегритет.
„Во таа насока, изразуваме сериозна загриженост и остра реакција на неодамнешниот настан на јавен медиумски настан, при кој новинарот Невриј Адеми, со очигледно несоодветен тон, непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон Министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Особено не загрижува фактот што ваквиот непримерен однос не претставува изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција. Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор.
Воедно, Владата јасно им укажува на сите носители на јавни функции, дека од нив се очекува највисоко ниво на почит и коректност кон медиумите и новинарите. Но, исто така, со еднаква сериозност очекуваме и новинарите да возвратат со ист степен на професионализам, почит и одговорност. Почитта е, и мора да остане, двонасочна вредност во секое демократско општество.
Оттука, апелираме до Советот за етика во медиумите, Здружението на новинарите и Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници, како релевантни организации, јавно и недвосмислено да го осудат ваквиот чин на однесување. Очекуваме нивна активна улога во зајакнување на професионалните стандарди, како и упатување на јасен повик до сите медиумски работници за доследно почитување на етичките принципи, достоинството на личноста и културата на јавен дијалог. Ваквите ситуации, кога јавната комуникација се одвива надвор од рамките на пристојноста и меѓусебната почит не смеат да останат без соодветна институционална реакција, имајќи ја предвид нивната поширока импликација врз квалитетот на јавниот дијалог и довербата во институциите.
Како Влада изразуваме и искрена благодарност до сите новинари и медиуми кои со своите јавни реакции веќе јасно, принципиелно и недвосмислено го осудија ваквиот чин, демонстрирајќи високо ниво на професионална зрелост и посветеност кон етичките стандарди. Само преку заемна почит, одговорност и придржување кон високите професионални стандарди може да се гради здрав, демократски и кредибилен медиумски амбиент, кој ќе биде во служба на јавниот интерес“, велат од Владата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата бара ЗНМ и ССНМ јавно да…
Владата преку соопштение до јавноста побара од…
(Видео) Филипче: Мицкоски нема капацитет да ја…
Мицкоски да си ја надмине суетата, нема…
Мицкоски за провокациите кон Јаневска во Тетово:…
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека новинарот кој…
Владата го намалува ДДВ-то за горива –…
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со владините…
Владата утре ќе носи вонредни мерки за…
Владата утре на вонредна седница во 12…