Дали Украина ќе се вклучи во борбата на Блискиот Исток?
Украина е блиску до склучување неколку безбедносни договори, меѓу кои и со Обединетите Арапски Емирати и Катар, за спротивставување на иранските напади, изјави украинскиот министер за надворешни работи, додавајќи дека гледа простор и Кина да биде вклучена во мировните напори за ставање крај на војната со Русија.
„Имаме ситуација на Блискиот Исток, па затоа е важно глобалното внимание да не се оттурне од украинското прашање, бидејќи сè е меѓусебно поврзано“, изјави Андриј Сибиха за Ројтерс во интервју на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Франција.
Киев се надева дека ќе ја зајакне поддршката во војната против Русија, која сега е во својата петта година, додека конфликтот меѓу САД, Израел и Иран отвора неизвесност околу тоа дали Вашингтон ќе ги ограничи своите воени испораки.
Напредни разговори со ОАЕ и Катар
Додека Володимир Зеленски престојува во земјите од Заливот, Киев е во завршна фаза на подготовка на неколку безбедносни договори со држави од регионот, со посебен акцент на соработката во беспилотните технологии. Според украинската дипломатија, дел од тие документи би можеле да бидат финализирани уште за време на посетата.
Покрај Саудиска Арабија, со која веќе е најавена спогодба, разговори се воделе и со Кувајт, Јордан и Оман, но најдалеку се стигнати контактите со Обединетите Арапски Емирати и Катар. Причината е што токму овие земји се меѓу најизложените на ирански напади, па интересот за поблиска соработка со Украина е особено изразен.
Во Киев сметаат дека земјите од Заливот имаат конкретна причина да се потпрат на украинското искуство, бидејќи од почетокот на војната веќе потрошиле стотици ракети „Патриот“ во одбрана, а сега бараат поефикасни модели за справување со дронови и ракети. Воедно, Украина се обидува да добие појасна слика и за поддршката што Русија му ја дава на Иран, при што се сомнева на разузнавачка помош, испорака на резервни делови и дронови, како и пренесување борбени искуства стекнати на украинскиот фронт.
Со застојот во разговорите, фокусот се префрла кон Кина
На средбата на Г7, украинската страна повторно нагласила дека Вашингтон и натаму има клучна улога во посредувањето меѓу Киев и Москва, но истовремено испратила сигнал дека сегашниот дипломатски процес очигледно забавува. Во такви околности, Киев сè поотворено остава простор Кина да добие поголема тежина во можните мировни напори, со проценка дека Пекинг има капацитет да влијае врз Русија.
Оваа порака доаѓа во чувствителен момент, бидејќи Кина одржува блиски економски и безбедносни врски со Москва и досега одбиваше да им се приклучи на западните санкции против Русија. Иако не покажа јасна подготвеност директно да влезе во мировниот процес, Пекинг за Украина останува важен фактор, не само политички, туку и економски, бидејќи е нејзин најголем трговски партнер.
Во меѓувреме, украинската дипломатија најавува и можен нов канал на комуникација со Кина, откако министерот за надворешни работи Андриј Сибиха добил покана за посета, која би можела да се реализира во следните два месеца. Сето тоа се случува додека САД и европските влади сè погласно предупредуваат дека кинески компании ѝ помагаат на руската воена индустрија, поради што дел од нив веќе се под санкции. Пекинг, пак, ги отфрла тврдењата дека ѝ испорачува воена технологија на Москва.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дали Украина ќе се вклучи во борбата…
Украина е блиску до склучување неколку безбедносни…
Мицкоски: Како ниедна држава во Европа го…
Владата ја следи состојбата со цените на…
Лекарите на хартија дежураат без пауза, а…
Додека пациентите со месеци чекаат за прегледи…
(Фото) Во вентилацијата на автобус на „Дурмо…
Царинската управа откри 580 парчиња куршуми при…
Падна биткоинот, денес се тргува за 66.000…
Најголемата криптовалута во светот, биткоин, денес се…