Владата го усвои законот за правична и соодветна застапеност што треба да го замени „балансерот“
Владата на денешната редовна седница го усвоила законот за правична и соодветна застапеност, со кој, како што информира првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, се воспоставува баланс и истовремено се поставуваат темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали / Фото: Влада на РС Македонија
Законот за правична застапеност кој долго време беше во подготовка, треба да го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, што Уставниот суд ја укина во октомври 2024 година.
Со новиот закон, според министерот Сали посебно внимание се посветува на подобрување на застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на заедниците што се подзастапени во органите на државната власт и другите институции од јавниот сектор. Како што наведува во изјавата што ја пренесе владината прес-служба, квалификациите, стручноста и компетентноста, според законското решение, претставуваат примарен критериум, а припадноста кон подзастапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите.
„Ова е начинот на кој се зајакнува довербата меѓу граѓаните и меѓу заедниците. И ова е начинот на кој се зајакнува самата држава“, вели министерот Сали во изјавата.
Овој закон, посочува министерот, има единствена цел, администрацијата да биде вистински сервис за сите граѓани, изградена врз знаење, професионализам, одговорност и интегритет.
„Ние не градиме сериозни институции оставајќи празнини, туку воспоставувајќи ред и одговорност. Со овој закон, воспоставуваме баланс и истовремено ги поставуваме темелите на професионална, транспарентна, модерна и силнамултиетничка администрација. Силната администрација не е во интерес само на една заедница. Таа е во интерес на секој граѓанин. Кога институциите се правични и ефикасни, сите имаат придобивка“, наведува Сали.
Тој најавува дека по денешното усвојување во Владата, законот ќе биде проследен до Собранието, каде очекува сериозна дебата, со аргументи и одговорност, бидејќи, како што додава, станува збор за прашање што ѝ е потребно на државата и кое требало да се реши многу порано.
„Со овој закон воспоставуваме ред, создаваме основа институциите да им служат на сите граѓани со правичност, сериозност и еднаквост“,
додава тој.
Владината портпаролка Венера Азизи вели дека со законот се заокружува важен процес кој поминал низ неколку фази и кој бил внимателно изграден, по добиено мислењето од Венецијанската комисија.
„Уставниот принцип на правична и соодветна застапеност се издигнува на ниво на законска материја и како таков станува задолжителен за сите државни институции. По одлуката на Уставниот суд за укинување на ‘балансерот’, стана уште појасно дека државата не може повеќе да продолжи со делумни решенија или со привремени механизми. Потребен беше закон. И денес, по целиот овој процес, ние имаме таков закон. Она што го носи овој закон е дека за првпат, правичната и соодветна застапеност не останува само општ принцип, туку станува законска обврска за институциите. Значи, имаме закон. Исто така, законот воспоставува конкретни механизми за негова примена, односно се прави значителен напредок во правичната и соодветна застапеност“, посочува Азизи.
Уставниот суд го укина т.н. „балансер“ на 9 октомври 2024 година. Одлуката да поведе постапка за алатката Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.
Одлуката за поведување постапка за „балансерот“, како и неговото укинување предизвикаа реакции кај партиите на Албанците, особено оние во опозиција. Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) одлуката на Уставниот суд ја оценија како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.
Од друга страна, од коалицијата на партии на Албанците ВЛЕН, која е дел од Владата, уште тогаш најавија дека се подготвува нов закон за правична застапеност во кој ќе бидат отстранети недостатоците на „балансерот“.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на прес-конференцијата по одлуката за укинување на т.н. „балансер“ како лага и манипулација ги оцени тврдењата дека со тоа тоа Уставен укинува права на заедниците во државата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата го усвои законот за правична и…
Владата на денешната редовна седница го усвоила…
(Видео) Расте напнатоста- итно се огласи Белата…
Расте напнатоста- итно се огласи Белата куќа…
Левит: Само претседателот Трамп знае што ќе…
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит изјави…
Детали за апсењата од утринава: седум уапсени,…
Лишени од слобода седум лица, сузбиена организирана…
Русија и Кина ја блокираа резолуцијата на…
Русија и Кина ставија вето на резолуцијата…