Лесната пешадиска баталјонска група со 1.500 војници на борбен тест за исполнување НАТО-стандардите: Криволак ќе грми – почнува најголемата армиска вежба „Блесок 26“
Демонстрирање и согледување на нивото на борбената подготвеност на Лесната пешадиска баталјонска група со околу 1.500 припадници на Армијата на РСМ како НАТО-декларирана единица, се целите на претстојната вежба „Блесок 26“ што ќе ја организира македонската Армија. Оваа тактичка теренска вежба со боеви гаѓања, ќе се реализира во период од 19 до 27 април на армискиот полигон „Криволак“, како и во касарните „Јане Сандански“ – Штип, „Мирче Ацев“ – Прилеп и „Страшо Пинџур“ – Петровец. На вежбата, како што беше кажано на денешниот брифинг во Генералштабот на македонската Армија, ќе се применуваат Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО.
Началникот на армискиот Генералштаб, генерал-мајор Сашо Лафчиски, нагласи дека се работи за најважната армиска активност во оваа година и дел од серијалот на вежбовни активности „Македонски блесок“.
– Ова е кулминација на подготовките на нашиот најважен НАТО-капацитет кој го развиваме шест години, уште од периодот пред влегувањето на Македонија во Алијансата. Ќе се изврши оценување и увид во борбената подготвеност на Лесната пешадиска баталјонска група во согласност со стандардите на НАТО, ќе се изврши проверка на системот за командување, координација и контрола, ќе се провери логистичка одржливост на единицата, ќе се вежба прифат, распределување и понатамошно движење на силите од НАТО при транзит низ наша земја – објасни Лафчиски.
Тој нагласи дека во досегашните вежби, единиците на македонската Армија секогаш добивале преодни оценки и никогаш не паднале на зададениот испит на некоја од вежбите.
– По ова вежба, очекуваме нашата Лесна пешадиска баталјонска група да стане „mission capable“, односно „способна за мисија“ и за извршување широк спектар на копнени операции предводени од НАТО. Ова ќе биде првпат оваа баталјонска група да добие таков статус. Со тоа ќе ѝ бидеме на располагање на Здружената команда на НАТО. Во моментот немаме најава за користење на овие наши сили во рамките на некоја планирана активност. Баталјонската група ќе се тестира и за тоа дали има капацитет и за понезависни операции – нагласи началникот на Генералштабот.
Директорот на вежбата, полковникот Игор Арсовски, објасни дека серијалот на вежбите „Македонски блесок“ стартуваше во 2007/2008 година, а во 2022 година успешно бил тестиран Лесен пешадиски баталјон, претходник на ЛПБГ.
– Претстојната вежба ќе се реализира со користење на фиктивно сценарио со креирани настани и инциденти со употреба на спротивставени сили кои ќе овозможат Баталјонска група да се извежба и да оцени дали е способна за извршување на својата мисија. Вкупно, како составен дел од вежбата, ќе има 25 креирани настани и инциденти при што ќе се применуваат 799 критериуми за оценување. Преку тие настани ќе може да се оцени наш одговор на прашањето кое е дел од контролата листа – нагласи полковникот Арсовски.
На претстојната вежба, единиците ќе користат својата формациска опрема и вооружување, а како позначајни средства ќе бидат оклопни возила, транспортен хеликоптер „Ми 8/17“, хаубици „боран“, хаубици М2А, минофрлачи, како и оклопни возила за пронаоѓање на неексплодирани убојни средства и експлозивни направи, како и беспилотни летала.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лесната пешадиска баталјонска група со 1.500 војници…
Демонстрирање и согледување на нивото на борбената…
САД испрати 10.000 војници и авиони кон…
Според соопштението на Централната команда на САД…
Меџити: Вознемирени се оние кои му помогнаа…
Еден од лидерите на ВЛЕН и градоначалник…
Филипче до ТВ Алфа: Ве фаќа паника,…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска влезе…
Најмногу поскапеле јајцата, киселото млеко, зејтинот и…
Министерството за економија и труд, во соработка…