Градоначалникот на Крива Паланка за рудникот за антимон: Локалната економија има потреба и од инвестиции и од заштита на здравјето на граѓаните!
Крива Паланка е рударски град. И тоа не е само економска категорија-тоа е дел од нашиот идентитет, нашата традиција и начинот на кој се развивал овој крај со децении, коментира градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во врска со полемиката која се води во државава за отворање или против отворање на рудникот за антимон кој го најави Владата.
Во продолжение во целост ја пренесуваме неговата објава.
– Од таа перспектива, секоја иницијатива поврзана со рударството мора да се разгледува сериозно, одговорно и со целосна свесност и за последиците и за придобивките.
Затоа, на ова прашање не гледам ниту површно, ниту политикантски, туку исклучиво одговорно и со државнички пристап.
Факт е дека локалната економија има потреба од сериозни инвестиции. Особено ако се земе предвид дека, согласно важечките урбанистички планови, Крива Паланка нема реални просторни можности за развој на класична индустрија или индустриска зона.
Во такви околности, секоја стратешка инвестиција што може да отвори нови работни места, да донесе економска активност, да ја зајакне локалната економија и финансиски да ја стабилизира локалната самоуправа-мора внимателно и одговорно да се разгледа.
Дополнително, доколку се потврдат анализите дека станува збор за едно од најголемите наоѓалишта на антимон, тогаш тоа отвора сериозна развојна перспектива и значајни придобивки за граѓаните на Крива Паланка.
Но истовремено, мојата обврска како градоначалник е јасна и недвосмислена-да го заштитам здравјето на граѓаните и животната средина. Тоа е приоритет кој стои над сè друго. И тука нема тронка на компромис.
Токму затоа, мојот пристап е прецизен и јасно дефиниран: вакви инвестиции можат да се реализираат исклучиво под строго утврдени услови и со највисоки стандарди на контрола и заштита.Ќе инсистирам на процес на производство од затворен карактер, без испуштање на штетни материи, без влијание врз водите, почвата и воздухот, како и на обезбедување на цврсти финансиски гаранции-вклучително и банкарска гаранција за секоја евентуална штета по животната средина.
Сметам дека ова не е прашање што може да се решава без активно вклучување на стручната јавност. Професорската фела, експертите, невладиниот сектор и локалната заедница мора да бидат дел од целиот процес, особено во делот на технологијата на производство и влијанието врз животната средина.
А јас гарантирам дека ќе бидам првиот кој ќе застане во заштита на интересот на градот и граѓаните- и тоа не само декларативно.Искуството со Тораница нè научи дека никој нема право лесно да ги уверува граѓаните кога постои и најмал ризик по здравјето и природата. Токму затоа, вниманието мора да биде на највисоко можно ниво.
Затоа јас јасно порачувам- при било каква хаварија или загрозување на здравјето на граѓаните, ќе реагирам директно, одлучно и без компромис во заштита на секој еден граѓанин.
Во однос на прашањето за референдум:
Организирањето референдум е уставно и законски загарантирано право и секој има право да го побара.
Согласно Законот за локалната самоуправа, граѓаните можат преку референдум да одлучуваат за прашања од надлежност на општината и за други прашања од локално значење, а Советот е должен да распише референдум доколку тоа го побараат најмалку 20% од избирачите. Исто така, граѓаните можат да покренат граѓанска иницијатива, за која Советот мора да расправа ако е поддржана од најмалку 10% од избирачите.
Затоа, никој не смее да го спори тоа право. Напротив, тоа е демократска алатка и директен израз на волјата на граѓаните.
Но, исто така, сметам дека во ваков процес е од клучно значење суштинската, а не само формална вклученост на стручната јавност, универзитетските професори, невладиниот сектор и сите релевантни институции.
Ова не е прашање што смее да се сведе на едноставно „за“ или „против“.
Ова е прашање што бара знаење, факти, технологија, контрола и одговорност.
Затоа, мојот став е јасен: граѓаните мора да бидат целосно информирани, а локалната заедница активно вклучена во процесот.
Доколку има иницијатива за референдум -таа е легитимна и треба да се почитува.
Но, подеднакво важно е јавноста да добие целосна слика за технологијата на производство, начинот на преработка, заштитните механизми, контролата, гаранциите и можните последици.
Само така може да се донесе зрела, информирана и одговорна одлука.
А НЕ ПОЛИТИЧКА ОДЛУКА.
На крајот,
Мојата обврска е двојна:да го заштитам здравјето и безбедноста на граѓаните,
но и да работам на економски развој, нови инвестиции и нови работни места.
И токму затоа, во овој процес ќе бидам таму каде што сум најпотребен и
на СТРАНАТА НА ГРАЃАНИТЕ и во одбрана на интересите на Крива Паланка. – стои во објавата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кривата кула во Италија се соочува со…
Една од „кулите близначки“ на Болоња од…