Македонија може да изгуби 49 милиони евра од Планот за раст

t

Шесте земји од Западен Балкан ризикуваат колективно да изгубат повеќе од 700 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија (ЕУ) до средината на годинава поради неуспех во спроведувањето на реформите, предупреди еврокомесарката за проширување Марта Кос. Од овие 700 милиони, потенцијалната загуба за Македонија би била 49,2 милиони евра.

– Минатата недела им напишав на властите во регионот да ги забрзаат реформите или нивните граѓани ќе бидат во загуба. Планот за раст е строго заснован на резултати и е временски ограничен. Во моментов над 700 милиони евра се во опасност да бидат трајно загубени во регионот доколку реформите не завршат до јуни или декември 2026 година – изјави Кос во Комитетот за надворешна политика во на Европскиот парламент (АФЕТ).

Како што објави Радио Слободна Европа, Кос писмото го испратила на 17 април, а извори во Брисел потврдиле дека Кос побарала од сите земји да ги забрзаат реформите предвидени со Планот за раст, со цел да го искористат целосниот потенцијал на овој финансиски пакет.

И додека ЕУ предупредува и бара забрзување на реформите, премиерот Христијан Мицкоски уверува дека реформите веќе не се само план на хартија, туку даваат мерливи резултати.

По последната средба со амбасадорите на Европската Унија вчера тој најави и конкретни следни чекори од реформската агенда, особено во делот на јавните финансии.

„Ги зајакнуваме отчетноста и транспарентноста. Се модернизира буџетскиот систем и се подобрува управувањето со јавните инвестиции. Пораката е јасна – јавните средства се управуваат поодговорно и поефикасно“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, пак, појаснува дека од вкупно 21 доставен реформски чекор, македонските институции очекуваат позитивна оценка за 16, што би овозможило ослободување на околу 70 милиони евра финансиска поддршка. Според него, напредок има во клучните области како управување со јавни финансии, енергетска транзиција, човечки капитал и деловна средина, кои придонесуваат за подобро управување и усогласување со ЕУ стандардите, а остануваат предизвици, особено во делот на сложените законски реформи и чекорите во рамките на грејс-периодот.

Инаку, парите од Планот за раст се временски ограничени и за секој реформски чекор прецизно е утврден краен рок за примена и планирана сума. Европската комисија предвиде и таканаречен „грејс-период“ што овозможува одлагање на примената на одредено време. За чекорите што требаше да бидат завршени кон средината на 2025 година крајниот рок истекува на 30 јуни годинава, додека за чекорите што требаше да бидат завршени на крајот на 2024 година рокот истекува во текот на оваа година.

Доколку не се исполнат овие рокови, европските партнери од Западен Балкан ризикуваат да изгубат над 700 милиони евра. Според извори од Брисел, Албанија би загубила 67,7 милиони евра. Босна и Херцеговина – 373,9 милиони евра, Црна Гора 15,1 милион евра, Косово 68,8 милиони евра, а Србија меѓу 108,7 и 135,9 милиони евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонија може да изгуби 49 милиони евра…

Шесте земји од Западен Балкан ризикуваат колективно…

Жители на Венецуела, Авганистан, Бангладеш и Египет…

Во јануари 2026 година, 51 160 баратели…

ЕУ ќе замрзне 1,5 милијарди средства наменети…

Тоа комесарката на ЕУ за проширување, Марта…

Санчез постави ултиматум: 48 часа за прекин…

За време на митинг на Социјалистичката работничка…

Кос: Албанија во ЕУ до 2030 година!

Комесарот за проширување во Европската комисија, Марта…