Обвинителството побара максимална казна за Стојанче Јовановски
Обвинителката Адела Бојчевиќ побара судот да изрече максимална казна за сите три кривични дела што му се ставаат на товар на Стојанче Јовановски, обвинет во предметот за смртта на неговата сопруга Ивана Јовановска и нивната шестгодишна ќерка Катја. Барањето беше изнесено во завршните зборови на обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје.
Јовановски се товари за телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање на самоубиство. Според обвинителството, на 2 март годинава, по претходно и континуирано семејно насилство, Ивана Јовановска била доведена во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност, по што се самоубила скокајќи од шести кат, земајќи ја со себе и својата ќерка.
Во завршниот збор, обвинителката посочи дека насилството не било изолиран инцидент, туку дел од подолг модел на физичко и психичко малтретирање, контрола, закани и економска зависност. Таа наведе дека Ивана повеќепати пријавувала насилство, но дека пријавите ги повлекувала, што обвинителството го толкува како последица на страв и зависна положба.
Обвинителството оценува дека критичниот ден бил кулминација на долготрајното насилство. Според завршните зборови, Јовановски ѝ се заканувал дека ќе ѝ го одземе станот и детето, што, според обвинителката, ги активирало нејзините најголеми стравови и ја засилило состојбата на безизлезност.
Во судницата биле посочени искази на сведоци, снимки, медицински извештаи, комуникации и вештачења. Обвинителката наведе дека доказите покажуваат континуирано насилно однесување и дека постои јасна врска меѓу таквото однесување и психичката состојба во која се нашла Ивана.
Посебно внимание во завршниот збор беше дадено на психијатриското и психолошкото вештачење. Според обвинителството, Ивана пред бракот била функционална личност без психички нарушувања, но со текот на годините, под влијание на насилството, западнала во состојба на трауматска зависност, беспомошност и акутна психолошка криза.
Обвинителката наведе дека одлуката за самоубиство не била резултат на слободна и автономна волја, туку последица на очај и безизлезност. Во судницата беше кажано дека Ивана не гледала излез од состојбата во која се наоѓала и дека нејзината перцепција била стеснета на една можност – прекин на ситуацијата.
Во однос на обвинетиот, обвинителството се повика на психолошко вештачење според кое кај него не било утврдено психичко заболување и тој бил свесен за своите постапки. Во завршниот збор беше наведено дека неговото однесување било поврзано со љубомора, посесивност, контрола и манипулативност.
Обвинителката оцени дека тежината на делата, претходната осудуваност за насилство, континуитетот на однесувањето и фактот дека последиците се два изгубени живота се отежнителни околности. Таа побара осудителна пресуда и максимална казна, со образложение дека таквата одлука треба да испрати порака дека психичкото и физичкото насилство не смее да се толерира.
Одбраната не побара дополнително време по прецизирањето на обвинението и се согласи рочиштето да продолжи со завршни зборови. Судот дополнително треба да ја донесе пресудата во предметот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обвинителството побара максимална казна за Стојанче Јовановски
Обвинителката Адела Бојчевиќ побара судот да изрече…
„Договорите не се поништуваат“ и „Уметниците не…
Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ)…
Стојанче Јовановски: Сѐ би дал дa ги…
Обвинителството побара максимална казна за Стојанче Јовановски…
ИПАРД средствата повторно достапни за македонските земјоделци
Денес пристигна официјално известување од страна на…
МФ: Нова транша во висина од 2,9…
Нова транша од 176,6 милиони денари или…