Денес се празнуваат Светите апостоли Јасон и Сосипатар и девицата Керкира
Тие двајцата беа од Седумдесеттемина апостоли, а Керкира му беше ќерка на некој цар од островот Крф. Јасон и Сосипатар ги спомнува Св. апостол Павле (Римјани 16, 21) и ги нарекува свои роднини. Јасон беше родум од Тарс како и самиот Павле, а Сосипатар од Ахаја. Првиот апостолите го поставија за епископ Тарсиски, а вториот за епископ Икониски. Патувајќи и проповедајќи го Евангелието овие двајца апостоли стасаа на островот Крф, каде што успеаја да подигнат црква посветена на споменот на Св. првомаченик Стефан и да придобијат некои незнабожци за Црквата. Царот на овој остров ги фрли во затвор, а внатре беа затворени седуммина разбојници: Сагорниј, Јакисхол, Фаустијан, Јануариј, Марсалиј, Ефрасиј и Мамиј. Апостолите ги приведоа овие седуммина во Христовата вера и ги направија од волци јагниња. Кога слушна за тоа царот нареди да ги убијат со врела смола. Така сите примија маченички венци. А кога ги мачеше апостолите, царската ќерка Керкира ги гледаше од прозорецот маките на Божјите луѓе, па штом дозна зошто ги мачат и самата се огласи за христијанка и им го раздаде својот накит на сиромашните. Царот се разгневи на својата ќерка и ја затвори во посебен затвор, па бидејќи со ништо не успеа да ја одврати од Христа, нареди и во затворот ја запалија. Затворот изгоре, но девицата остана жива. Кога го виде ова чудо, се крсти многуброен народ. Тогаш царот разјарен нареди и ја врзаа ќерка му за едно дрво и ја убија со стрели. Оние што поверуваа во Христа побегнаа од страшниот цар на блискиот остров и се сокрија. Царот тргна на кораб за да ги фати, но коработ потона во морето и нечестивиот цар загина како некогаш фараонот. Новиот цар ја прими Христовата вера, се крсти и го доби името Севастијан. Јасон и Сосипатар слободно го проповедаа Евангелието и ја утврдуваа Црквата Божја на Крф до нивната длабока старост и таму го завршија својот земен живот, па преминаа кај Господ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Денес се празнува Светиот маченик Луп
Овој свет маж беше слуга кај Свети…
Денес се празнуваат Светите маченици Агатоник, Зотик…
Свети Агатоник беше никомидиски граѓанин, по вера…
Денес се празнува Светиот апостол Тадеј
Еден од Седумдесеттемина, а не оној Тадеј…
Денес се празнува Светиот пророк Самуил
Петнаесетти и последен од Судиите на Израилот.…
Денес се празнува Светиот маченик Андреј Стратилат
Беше офицер-трибун во римската војска во времето…