Обвинителката Коларевиќ откако ја запре истрагата против бизнисмените за ,,ТЕЦ Неготино”: Државата немала никаква штета од набавката на мазутот, туку само корист

t

,,Државата немала никаква штета од набавките на мазут за ,,ТЕЦ Неготино”, туку само корист. Во спротивно ќе сме имале големи рестрикции на струја”.

Ова денеска го соопшти обвинителката Катерина Коларевиќ, која по 14 месеци истрага, вчера донела одлука да ја затвори истрагата за случајот ,,Тец Неготино”, предмет кој тежи 167 милиони евра.

-ЕСМ не пријавиле штета. Сме немале никаква штета, сме имале единствена корист. Во спротивно ќе сме имале големи рестрикции, рече обвинителката на денешниот брифинг со новинарите.

Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.

Обвинителката денеска појасни дека од прибраните докази не се утврдило дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност.

Коларевиќ појасни дека предистрагата била отворена по пријава на Државната комисија за спречување на корупција, која ја работеле истражители во Обвинителството. Откако пак поголемиот дел од нив биле вратени во МВР, предметот се преселил таму. Така, се оправда обвинителката, немала увид во сите детали и имала само рок од 24 часа да отвори истрага, за која се водела од податоците од поднесената кривична пријава од МВР. Ова појаснување го даде обвинителката и на прашањето, како е можно двете институции различно да ги читале законските прописи за спроведување на тендери, бидејќи според кривичната од МВР, но и соопштението на обвинителството за отворена истрага, излегуваше дека е прекршена постапката за јавен повик и имало фаворизирање на компанија, а сега, по година дена, според Обвинителството немало ништо незаконски.

-Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари, рече обвинителката.

Сепак истрагата покажала и дека сопственикот на ,,Пуцко Петрол”, Јахоски, е главниот играч за набавката на мазутот, и на некој начин ја искористил лиценцата на РКП на Капушевски, која и официјално го добила тендерот.
Поточно, лично Јахоски ги дал парите за банкарската гаранција, ја договарал испораката на маузтот и го плаќал мазутот кај грчкиот извозник, а Капушевски го организирал транспортот, но според обвинителството и тука немало простор за кривичен прогон.

За обвинувањата пак дека цистерните наполенити со нафта чекале и со часови само за да ја испорачаат нафтата во момент кога цената ќе била повисока, обвинителката ги отфрли обвинувањата. Рече дека се следела следела динамиката на испорака на мазут, при што вештачењето покажало дека не се чекало поскапа цена, односно се носеле цистерни и кога цената била повтина и поскапа, односно немало некое отстапување.

-Во текот на постапката е анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут. Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата на РСМ и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија, рече обвинителката.

Сега осомничените можеби и ќе ја тужат државата и ќе барат отштета за времето кое го поминаа во притвор.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Обвинителката Коларевиќ откако ја запре истрагата против…

,,Државата немала никаква штета од набавките на…

ПРОБОДЕНОТО ДЕТЕ ИМА ОШТЕТУВАЊА НА ЦРНИОТ ДРОБ…

Стабилна, но опасна по живот е состојбата…

Абази ги демантира обвинувањата за влијание врз…

Шефот на Основното јавно обвинителство за гонење…

Дејвид Гета за Денот на независноста, со…

Настапот е закажан за 8 септември 2026…