Кога го завеав знамето најсилно ја почувствував честа да ја претставувам Македонија: Теона Ана Георгиевска за медалот на Менделеевата олимпијада по хемија

t

Теона Ана Георгиевска, ученичка во IV година во ПСУ „Јахја Ќемал“ во Скопје, испиша значајна страница во македонската наука. Со освоениот бронзен медал на престижната Менделеева олимпијада по хемија, таа стана првата девојка од Македонија што освоила медал на ова натпреварување, носејќи ѝ на земјата успех кој има и лично, и национално, и симболично значење. Во конкуренција на најдобрите млади хемичари од светот, Теона Ана покажа дека знаењето, дисциплината и упорноста можат да ги надминат и најголемите предизвици.

Моментот кога го слушнала своето име меѓу наградените, како што вели, бил неверојатен – исполнет со радост, олеснување и гордост, но не и со изненадување, затоа што знаела дека дала сѐ од себе. Овој медал за неа не е само признание за долгите подготовки, за часовите поминати во решавање сложени задачи и за љубовта кон хемијата, туку и порака до сите девојчиња кои се интересираат за природните науки, но можеби се сомневаат во себе. „Прва, но се надевам не и последна“, вели Теона Ана, нагласувајќи дека сака нејзиниот успех да биде почеток на поголема приказна – приказна во која сѐ повеќе девојки од Македонија ќе се охрабрат да влезат во светот на науката, пишува Женски магазин.

Зад овој резултат стојат години посветеност, натпревари, подготовки, поддршка од професори, ментори, семејство и соученици, но и силна лична верба дека Македонија, и покрај ограничените услови, има млади луѓе кои можат рамноправно да се натпреваруваат со врсниците од многу поголеми и поразвиени држави. За Теона Ана, моментот кога го завеала македонското знаме на сцената бил посебен – миг во кој најсилно ја почувствувала честа и одговорноста да ја претставува својата земја.

ЖМ: Теона Ана, честитки за бронзениот медал. Како го доживеа моментот кога дозна дека си меѓу наградените на Менделеевата олимпијада по хемија?

– Имав многу измешани чувства бидејќи една страна од мене ми велеше дека одлично ги решив тестовите, но од друга страна бев малку несигурна бидејќи се натпреварував со најдобрите ученици од светот, сите се подготвувале и решавале. Бевме во неизвесност до последен момент и кога го слушнав моето име бев пресреќна, но не и изненадена, бидејќи едно нешто во коешто бев сигурна е дека дадов сѐ од себе, а тоа се наградува.Моментот беше навистина неверојатен.

ЖМ: Ти си првата девојка од Македонија што освоила медал на оваа престижна олимпијада. Што значи за тебе тој факт?

– Прва, но се надевам не и последна. Ова ме прави особено горда бидејќи го отварам патот за многу други девојки по мене. Овој успех не сакам да биде запаметен како лично достигнување, туку како почеток на поголема приказна во која сѐ повеќе девојчиња ќе се вклучат.

ЖМ: Дали веднаш беше свесна дека твојот успех има и историско значење за македонската хемија и за девојчињата кои сакаат наука?

– Да, бидејќи тоа беше мојата цел, да докажам дека Македонија и покрај своите ограничени услови може да биде на исто рамниште со други поголеми и поразвиени држави во светот. Како држава имаме огромен потенцијал, талентирани млади луѓе кои секојдневно постигнуваат врвни резултати. А, особено сум горда што овој успех може да претставува инспирација за сите девојчиња кои досега биле несигурни, еве, возможно е (се смее) .

ЖМ: Како започна твојата љубов кон хемијата? Имаше ли момент кога си рече: „Ова е науката во која се пронаоѓам“?

– Љубовта кон хемијата и природните науки започна уште од основно училиште кога првпат учествував на натпревар по природни науки. Причината за тоа беше дека сакав да ги истражам науките кои го објаснуваат светот околу нас. Колку повеќе се задлабочував, толку поинтересно ми беше и одлучив дека тоа ќе биде мојата иднина.

ЖМ: Колку време се подготвуваше за олимпијадата и како изгледаа подготовките?

– Мојата цел отсекогаш биле олимпијадите, па можам да кажам дека подготвувањето трае цело мое средно образование, а особено последните две години, со оглед на тоа што учествував и минатата година. За овогодинешната олимпијада клучни беа подготовките одржувани на Институтот за хемија при ПМФ кои започнаа во јануари. Поширок круг од 12 ученика посетувавме теориски предавања и експериментални вежби кои се многу напорни да се следат паралелно со редовната настава, но далеку поинтересни. Во февруари беше одржан селекционен натпревар со кој се избра тимот од 4 ученика, но подготовките продолжија. Заедно со професорите, асистентите и студентите разгледувавме комплексни проблеми од олимписки тип со цел да стекнеме рутина на решавање. Генерално, подготовките се многу интензивни бидејќи се работат напредни теми, а освен знаење потребни се дисциплина и добра организација на времето.

Многу повеќе за натпреварот, подготовките, поддршката, но и чувството по освоен медал на меѓународна олимпијада прочитајте на Женски Магазин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кога го завеав знамето најсилно ја почувствував…

Теона Ана Георгиевска, ученичка во IV година…

Коцкарскиот сектор не ја прифаќа одредбата да…

Дискриминација и противуставно е казината и обложувалниците…

Жолт и портокалов метео аларм за утре…

Управата за хидрометеоролошки работи издаде метео аларм…

Кацаров: Привремено сум поставен како директор за…

„Јас сум вработен во Универзална сала од…

Казни од 250 евра за родители чии…

Се работи на законските измени со кои…