Објавено на:

Заменикот-државен секретар на САД наредил да му се даде виза на избеганиот поранешен полски министер Зиобро

t

Заменикот-државен секретар на САД, Кристофер Ландау, им наредил на високите службеници во неговиот оддел да обработат и одобрат виза за поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро, кој избега од Унгарија во Соединетите Држави, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски претставници.

Полска го бара Зиобро, архитектот на контроверзните промени во полскиот правосуден систем за кои ЕУ вели дека го поткопале владеењето на правото за време на владеењето на конзервативната партија Право и правда.

Зиобро се соочува со 26 обвиненија, главно за злоупотреба на средства. Тој ги отфрли обвиненијата како политички прогон од страна на сегашната проевропска влада на Полска.

Полскиот премиер Доналд Туск, говорејќи пред состанокот на кабинетот во вторникот, рече дека Полска нема да престане да се обидува да го изведе Зиобро пред лицето на правдата во Полска. Ројтерс не можеше да го контактира Зиобро во Соединетите Држави. Неговиот адвокат во Полска, Бартош Левандовски, рече дека ќе му ги пренесе прашањата на својот клиент.

Иако администрацијата на Трамп го постави како приоритет поддршката на конзервативните ставови во Европа, доделувањето виза на политичар кој се соочува со обвиненија во земја која е сојузник на САД е многу невообичаено, забележа Ројтерс.

Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан му додели азил на Зиобро во јануари. Варшава се надеваше дека поразот на Орбан од проевропскиот ривал Петер Маѓар на изборите во април ќе доведе до враќање на бараниот поранешен министер во Полска. Маѓар рече дека ќе го екстрадира во Полска кога ќе стапи на функцијата.

Ландау им нареди на високите службеници во Бирото за конзуларни работи на Стејт департментот да ја упатат амбасадата на САД во Будимпешта да му издаде виза на Зобро, рекоа три извори, од кои еден рече дека станува збор за новинарска виза. Изворите зборуваа под услов на анонимност.

Како резултат на интервенцијата на Ландау, поранешниот министер за правда успеа да обезбеди виза пред Маѓар да положи заклетва на 9 мај.

Изворите не беа запознаени со улогата на американскиот претседател Доналд Трамп во одлуката, а Ројтерс не можеше да утврди каква улога, ако воопшто, одиграл државниот секретар Марко Рубио.

Ландау дознал за случајот на Зиобро претходно оваа пролет од Том Роуз, американскиот амбасадор во Варшава, и верувал дека поранешниот министер бил неправедно цел на прогон, изјави четврти функционер запознаен со ова прашање.

Ландау одби да коментира за случајот. Портпаролот на Стејт департментот не одговори на деталниот список прашања, вклучувајќи ги и оние за улогата на Рубио или Роуз. Белата куќа не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.

Полскиот министер за правда, Валдемар Журек, изрази изненадување за локалните медиуми.

„Ако некој во Соединетите Држави на важна позиција верува дека Зиобро е потребен, ако навистина му е доделен некаков вонреден статус, тогаш би сакал нашиот сојузник да разговара со нас за тоа и да види какви докази имаме во случајот на министерот Зиобро, бидејќи тие докази се навистина многу силни“, рече тој.

Тој додаде дека обвинителите подготвиле барање за екстрадиција, но Полска размислува кога би било најсоодветно време да го испрати.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави на денешната прес-конференција дека Зиобро не патувал директно од Унгарија во Соединетите Држави.

„Не знам дали патувал од Виена, Париз или Брисел, но не ја напуштил Унгарија за Соединетите Држави. Неговото местоположба во моментов е непознато за унгарските власти“, рече Маѓар.

Бегството на Зиобро во Соединетите Американски Држави го истакнува деликатниот баланс со кој се соочува владата на Туск во односите со Соединетите Американски Држави, забележа Ројтерс.

Иако односите меѓу САД и Полска се генерално стабилни, Пентагон минатата недела го откажа распоредувањето на 4.000 американски војници во земјата.

Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи минатата недела изјави за Ројтерс дека Варшава ќе побара од Вашингтон и Будимпешта „правни и фактички основи“ врз основа на кои Зиобро можел да ја напушти Унгарија. Полската влада веќе му ги поништила пасошите.

Зиобро почнал да работи како телевизиски коментатор за полската ТВ Република, објави радиодифузерот на 10 мај.

Во Унгарија остануваат уште двајца поранешни политичари на кои владата на Виктор Орбан им даде азил, а кои побегнаа од своите земји. Едниот е поранешниот заменик на Зиобро, Марчин Романовски, кој доби политички азил во 2024 и кој Полска го бара за дваесетина кривични дела. Вториот е поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој избега во Будимпешта во 2018 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заменикот-државен секретар на САД наредил да му…

Заменикот-државен секретар на САД, Кристофер Ландау, им…

Техеран испрати порака до Трамп: Или ќе…

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем…

Трамп: Иран има уште неколку дена пред…

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на…

ПЕКИНГ ИСПРАТИ ПОРАКА ДО СВЕТОТ: Различниот пречек…

Кинескиот претседателски протокол повторно ги разгоре геополитичките…

Авиокомпаниите штедат за опстанок – кратат линии,…

Европскиот авиосообраќај влегува во едно од најнеизвесните…