Стојаноски: Македонија е лидер во Реформската агенда, Филипче повторно демантиран

t

Македонија е најнапредна во спроведувањето на Реформската агенда и добила најголема финансиска поддршка од Европската Унија во регионот, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција во Собранието.

Според Стојаноски, државата добила 65,7 милиони евра во рамки на Јануарскиот извештај за Реформската агенда, што, како што рече, е повеќе од средствата доделени за Албанија и Црна Гора.

„Македонија е најнапредна во Реформската агенда, со највеќе средства доделени од ЕУ во висина од 65,7 милиони евра, пред фронтранерите Албанија со 49 милиони евра и Црна Гора со 44,2 милиони евра“, изјави Стојаноски.

Тој упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека изнесувал невистини во јавноста.

„Филипче лажеше за мигранти, лажеше дека државата ќе банкротира, лажеше дека е празен Буџетот, лажеше за ИПАРД фондовите, лажеше за Реформската агенда и изјавите на Вајц. Филипче нема за што не излажа“, рече Стојаноски.

Тој додаде дека дел од средствата ќе бидат насочени кон образованието и дигитализацијата на училиштата.

„Во Република Македонија, оценетите реформи вклучуваат мерки за подобрување на финансирањето на основното и средното образование и мерки за проширување на пристапот до дигиталната инфраструктура и ИТ опрема во училиштата“, посочи Стојаноски.

Според него, од вкупната сума, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека остатокот ќе биде достапен за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Стојаноски истакна дека Владата очекува до јуни Македонија повторно да биде прва во регионот според исполнувањето на реформските обврски.

„Доколку се оди според планот, Македонија за јуни месец ќе ја удвои сумата и повторно ќе бидеме први во исполнувањето на Реформската агенда“, рече тој.

Тој оцени дека „секоја изнесена теза на Филипче се руши како кула од карти“ и порача дека Македонија ќе продолжи да биде лидер во реализацијата на реформите и користењето на средствата од Планот за раст на ЕУ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ