Објавено на:

Андоновски: Дата-центрите сè уште се само во фаза на преговори

t

Дата-центрите што вицепремиерот Александар Николоски ги најави како можност за значајна странска инвестиција, се сѐ уште далеку од конкретни работи на терен иако тој најави и законски измени за нивно побрзо градење.

Сепак, според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, тој веќе разговарал со десетина светски компании кои покажуваат интерес за инвестирање во големи дата центри, а со две од нив се влезени во понапредна фаза на преговори.

Но, како што вели за „Слободен печат“, тоа не се познатите брендови како „Гугл“ или „Мајкрософт“, „Амазон“, туку станува збор за инвестициски фондови кои инвестираат во изградбата, а потоа ги рентаат на големите компании.

– Некој од нив може да гради за „Енвидија“, а некој за „Гугл“. Со некои од нив имаме потпишано меморандуми за соработка и затоа размислуваме за промена во законската регулатива која не се однесува на намалување на условите за градба, туку како да олесниме инфраструктура наменета за дата центри. Дискусијата оди во две насоки: едната е како да искористиме простор во ТИРЗ-овите, бидејќи сега таму не е дозволено изградба на дата центри затоа што тие подразбираат продажба на услуги, а не на стока, за што се наменети развојните зони. Втората насока е како да се олеснат процедурите за зонирање, за планирање за инвестиција, за промена на урбанистички планови. Но сето тоа е во фаза на размислување. Готов текст што би бил во владина процедура немаме – признава министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Освен привлекување на странски компании и странски дата центри, според Андоновски, во завршна фаза е физибилити студија за изградба на државен дата центар кој би се градел или самостојно од страна на државата или пак врз база на јавно приватно партнерство.

Осврнувајќи се на повеќе забелешки што се појавија во јавноста околу негативните импликации од работата на вакви дата центри, Андоновски уверува дека за да не се доведеме во ситуација како во САД, каде се отворија големи дата центри во градска средина, кај нас тие би се позиционирале надвор од урбани средини за да нема бучавост и загадување на животната средина.

Според него, Развојните зони се многу податливи затоа што имаат многу неискористен простор, имаат добра инфраструктура, како патишта, фајбер оптика, кабел донесен до позициите, одвод, довод, така што тие се во добар дел инфраструктурно подготвени, а не сите се целосно искористени. Исто така, важни се и трансверзалите на струја и оптички кабел со кои, како што вели Андоновски, ние сме добро поврзани. Тоа е важно за да се гарантира стабилност на мрежата, затоа што секој дата центар бара од две или дури три страни напојување со електрична енергија и оптика со кабел.

– Македонија има многу добра поврзаност со супербрз интернет, што значи има добра оптичка инфраструктура. Освен приватните инвестиции во оптичката инфраструктура и МЕПСО како државна компанија за електро преносен систем има поставено и своја оптичка мрежа која не се користи премногу, што значи имаме добар потенцијален капацитет со фајбер оптика, вели Андоновски.

Што се однесува до забелешките дали Македонија ќе има доволно електрична енергија за да ги напојува овие дата центри, бидејќи таа често увезува струја, министерот признава дека овие дата центри се големи потрошувачи на струја. Но, вели, таа електрична енергија можат да ја црпат од комбинирани извори како што тоа го прават во Хрватска и Словенија. Прво поставуваат фотоволтаици на покривите на овие магацински простори за дел од потребната струја што се произведува во текот на денот и во летниот период, а дел од таа неопходна електрична енергија се добива од биогасни централи (Хрватска).

– Инаку овие приватни инвеститори купуваат струја на отворен пазар, што значи дека во цената на инвестицијата ќе треба да се вгради и цената на струјата. Ние нема да ја субвенционираме таа цена на струја за ниту еден инвеститор – категоричен е Андоновски.

Слични комбинирани решенија министерот изложи и за проблемот со ладење.

– Некогаш во јавноста сме негативни за секоја можност и идеја. Не е случајно што ЕУ се обидува да инвестира во фабрики за ВИ. Тоа е затоа што тука е потенцијалот за развој. За носење на високи технологии и за вработување на луѓе кои ќе работат на такви технологии.
Ние не брзаме, само ги мериме силите. Нам ни се потребни еден до два вакви дата центри за да видиме колку како држава можеме да издржиме ваков вид на инвестиции – вели Андоновски.

Според него, инвестиција на дата центар со силина од 15 мегавати е стотина милиони евра што значи околу 300 вработени ќе бидат вклучени во процесот на градење и околу 80-тина во процесот на операционализација на центрите. Од нив добар дел се високо образовани кадри кои веќе ги имаме во големите фабрики, а огромен број ИТ инженери веќе работат за странски компании што значи добро ќе се снајдат и во овој бизнис.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Андоновски: Дата-центрите сè уште се само во…

Дата-центрите што вицепремиерот Александар Николоски ги најави…

Мицкоски: Треба да стиснеме заби и сами…

По безброј најави, тендери, преговори, пропаднати обиди…

Шефот на германскиот гигант: Не очекува уште…

Светските резерви на нафта полека се исцрпуваат…

(Видео) Јакимовски тврди дека пресудата има цел…

Вонредна прес-конференција одржува поранешниот градоначалник на Општина…

Хорор на нива кај Прилеп: Загина маж…

Трагичен инцидент го потресе прилепското село Грушино,…