СДСМ бара одговорност за Трипуновски, министерот вели „оставивте хаос и скандали“
Интерпелацијата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денес е на дневен ред во Собранието.
Образложение за интерпелацијата даде пратеникот и поранешен министер Љупчо Николовски, од редовите на СДСМ. Николовски наведе дека во МЗШВ се случиле низа скандали кои ја оправдуваат интерпелацијата.
– Вистина е дека за две години Влада на Мицкоски и ВМРО, македонското земјоделство е доведено во катастрофална состојба.
Субвенциите се намалени за 40 милиони евра. Наместо зголемени субвенции како што лажеа кога беа опозицијата, земјоделците од ВМРО добија намалување.
Субвенциите за говеда се намалени од 12.000 на 8.000 денари по грло. Намалена е и поддршката за тутунот, од 100 на 80 денари за прва класа. Укинати се низа мерки кои директно ги поддржуваа малите земјоделци, лозарите и оризопроизводителите.
Земјоделците не се соочуваат само со намалени, туку и со неисплатени субвенции.
Илјадници сточари, житопроизводители, градинари и други производители сè уште ги чекаат средствата кои им следуваат, додека производните трошоци секојдневно растат.
Во меѓувреме, откупот од малите земјоделци падна за 46,2 проценти. Тоа е директен показател за колапсот на земјоделското производство и пласманот.
Сточарите протестираат поради доцнењето на субвенциите и поради намалените откупни цени на млекото. Млекарниците во повеќе наврати ги намалија откупните цени, а Владата остана нем набљудувач.
Житопроизводителите влегуваат во жетва без позната откупна цена и без исплатени субвенции.
Лозарите се оставени во неизвесност поради непочитување на законските обврски за утврдување на производна цена на грозјето. Оризопроизводителите останаа без значајни мерки за поддршка, а цената на оризовата арпа е драматично намалена.
Дополнително, Владата ги поништи повиците за набавка на трактори, механизација и друга опрема преку Програмата за рурален развој. Укинати се или стопирани мерки кои со години им помагаа на земјоделците да инвестираат и да го модернизираат своето производство.
На сето ова се надоврзуваат и сериозните корупциски скандали во секторот. Јавноста беше сведок на скандалото со ИПАРД програмата и митото од 50 илјади евра.
Затоа политичката одговорност не смее да се избегне и СДСМ поднесе интереплација за Цветан Трипуновски.
Време е Трипуновски да понесе одговорност за катастрофалната состојба во земјоделието. – рече Николовски.
На обвинувањата од страна на опозицијата, одговори министерот Трипуновски кој вели дека во МЗШВ наследената состојба била катастрофална, а земјоделците биле разочарани.
– Луѓето кои што со години го водеа земјоделството и имаа можност да ги решаваат проблемите на земјоделците во Македонија, оставија разочарани земјоделци, уништени системи, недовршени проекти и целосно изгубена доверба во институциите“, потсети министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на денешната собраниска говорница.
„Кога ја преземав функцијата, наследив една хаотична состојба, нерешени предмети, хаос во институциите, наталожени проблеми, неисплатени плати во јавните претпријатија, неисплатени субвенции и чувство дека Министерството служело за политичка пропаганда наместо за реална поддршка во земјоделството“, појасни министерот.
„Да потсетам дека околу 1.600 вработени во ЈП Национални шуми 4 месеци немаа примено плата, а над 500 вработени во АД Водостопанство немаа земено плата дури 5 месеци, нив ги оставивте на цедило, без плата и здравствено осигурување“, нагласи тој.
Министерот посочи дека сегашната власт имаше обврска да исплати неисплатени субвенции од 2020, 2021, 2022 и 2023 година. За потсетување 17 месеци, претходната власт немаше исплатено субвенции за предадено млеко.
„Сакате факти за вашето неработење, тука говори и кредитот од Светска Банка земен во 2019-та година во износ од 46 милиони евра. Затекнавме многу слаба реализација во активностите за проектот, беше помалку 10%, а сите активности на проектот требаше да бидат завршени во јуни 2025 година“, додаде тој.
Министерот посочи дека за склучениот договор со KfW Банка за кредит од 80 милиони евра за инвестиции во водостопанството во декември 2019 година, пет години претходната власт немаше превземено ништо, немаше формирано ниту проектина единица за да се реализира проектот, поради што државата исплатила над 2 милиони евра како провизија за неискористени средства по основ на одобрениот кредит.
„Во делот на ИПАРД Програмата, која во изминатиот период ви беше омилена тема, во периодот 2017-2024 година немате акредитирано ниту една нова мерка, односно работевте по веќе акредитираните мерки во 2009 и 2015 година“, нагласи министерот Трипуновски.
Тој во текот на своето обраќање посочи дека во втората половина на 2022 година беше хакиран системот на министерството. Три месеци вработените немаале пристап до своите компјутери за работа и до потребната документација. Компјутерите беа онеспообени за работа, немаше бекап на податоците, не беше превземено ништо, немаше никаква одговорност. Стотици документи и материјали се изгубени, неповратно.
„Би сакал да ве потсетам дека Колективниот договор за вработените во министерството кој беше склучен во февруари 2021 година, со повторното доаѓање на Николовски за министер, истиот во почетокот на ноември 2022 година беше укинат. За прв пат во историјата на Македонија беше укинат колективен договор“, истакна министерот.
Дискусијата беше прекината со пауза од 14 до 15 часот, по што ќе продолжи собраниската расправа.