Судската одлука за М-НАВ отвори дебата за правото на штрајк во Македонија

t

Апелациониот суд во Скопје донесе конечна одлука со која ја потврди забраната за штрајк на Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ, оценувајќи дека подружницата нема право самостојно да организира штрајк без согласност од гранковиот синдикат.

Одлуката претставува пресврт во однос на претходното постапување на истиот суд. Во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно одлучување, но сега, при исти околности, ја потврди одлуката донесена во корист на менаџментот на М-НАВ, кој ја иницираше судската постапка по најавите за штрајк на контролорите.

Од Синдикатот оценуваат дека ваквата пресуда сериозно го ограничува уставно загарантираното право на штрајк и предупредуваат дека може да создаде судска практика со последици за сите синдикални организации и работници во државата.

Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, изјави дека ова не е спор кој се однесува само на вработените во М-НАВ, туку на иднината на синдикалното организирање во Македонија.

„За првпат се создава судска пракса со која се ограничува правото на штрајк како уставно загарантирано право. Особено загрижува што реактивирањето на веќе започнат штрајк, предвидено со претходно постигната спогодба, се третира како сосема нов штрајк“, рече Тасевски.

Тој посочи дека во судската постапка биле доставени бројни докази, меѓу кои и спогодба склучена во процес на помирување, во која било јасно утврдено дека штрајкот може повторно да се активира доколку работодавачот не ги исполни преземените обврски.

Според Синдикатот, судовите не ги ценеле овие докази во целост и не ја земале предвид фактичката состојба во која бил постигнат договорот.

Контролорите на летање со години предупредуваат на проблеми во работењето на М-НАВ, вклучително и, како што тврдат, партиски вработувања, недоволно модернизирана и неисправна опрема, проблеми со радарскиот систем и други прашања кои, според нив, директно влијаат врз условите за работа и безбедноста на воздушниот сообраќај.

Тасевски дополнително обвини дека во повеќе работни спорови судовите различно ги третирале тужбите на контролорите и оние поднесени од менаџментот на М-НАВ.

„Нашите приватни тужби за работни спорови биле враќани на дополнување поради формални недостатоци, додека во тужбите на менаџментот недостасуваат исти податоци, но тие сепак добиваат судска разрешница во нивна корист“, изјави тој.

По исцрпувањето на редовните правни механизми, Синдикатот најавува дека ќе побара правно мислење од Врховниот суд, ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд, а доколку не добие заштита на своите права, ќе ја продолжи постапката пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Според контролорите, конечната одлука на Апелациониот суд отвора сериозни дилеми околу примената на Законот за работни односи, Законот за мирно решавање на работните спорови, синдикалните слободи, како и усогласеноста со Европската конвенција за човекови права и конвенциите на Меѓународната организација на трудот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Судската одлука за М-НАВ отвори дебата за…

Апелациониот суд во Скопје донесе конечна одлука…

Инфлацијата во САД достигна тригодишен максимум

Цените во САД пораснаа со најбрзо темпо…

Минувачи спасиле мало дете во Тетово, полицијата…

Вознемирувачки случај на можно семејно насилство е…

Се воведуваат најстроги правила за миграција досега:…

Европскиот совет и Европскиот парламент постигнаа договор…

Белфаст потона во насилство по бруталното убиство…

Протестите против имиграцијата прераснаа во насилство во…