Сиљановска Давкова oд Софија: Освен уставните измени, Бугарите имаат барања поврзани и со работата на историската комисија

t

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова,по средбата со бугарската потпретседателка Илијана Јотова во Софија, изјави дека уставните измени не се единствениот услов за деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија. Таа посочи дека постојат и дополнителни барања поврзани со протоколите и работата на историската комисија, нагласувајќи ја потребата од отворен дијалог и појасни гаранции во однос на процесот со ЕУ.

Сиљановска-Давкова: И други барања освен уставните измени

По средбата на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, Сиљановска-Давкова изјави дека разговорите откриле поширока слика за условите што се поставуваат.

„Не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на историската комисија“, изјави таа. Претседателката посочи дека целта на средбата била да се слушнат позициите на другата страна и да се даде шанса за понатамошни разговори.Порака за дијалог, наместо условувања

Сиљановска-Давкова нагласи дека е неопходен конструктивен дијалог меѓу Скопје и Софија, наместо дополнителни условувања што го усложнуваат процесот. „Сакавме да ги слушнеме нивните позиции и да дадеме шанса на разговорите, наместо да останеме во монолог“, рече таа.

Таа додаде дека засега може да открие само дека барањата не се ограничени на уставните измени, што укажува на комплексноста на преговарачката рамка.

Повик за почитување на европските стандарди и пресуди
Македонската делегација, предводена од претседателката, ги изложила националните позиции, со посебен акцент на обврските на земјите-членки во однос на човековите права. Сиљановска-Давкова потенцираше дека сите членки на Советот на Европа, кои се и дел од ЕУ, имаат обврска да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Пресудите важат за сите и мора да се применуваат од сите држави“, нагласи таа.

Според претседателката, дури и кога нема непосредни резултати, важно е да се одржува комуникацијата. Таа смета дека претставниците на двете земји треба почесто да се среќаваат и да разговараат, бидејќи само преку континуиран дијалог може да се надминат разликите.

По официјалниот дел од самитот, Сиљановска-Давкова одговараше на прашања од бугарските медиуми, при што нагласи дека одлуките за уставните измени не зависат од еден човек.Таа истакна дека Македонија е правна држава и дека процесите се водат во согласност со уставот и демократските принципи.

Потребно е оживување на регионалната соработка
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски од Софија испратија пораки за засилен дијалог, регионална соработка и деблокирање на европскиот пат на земјата, нагласувајќи дека Македонија не смее да биде заложник на билатерални спорови.

Сиљановска-Давкова нагласи дека проширувањето на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми, при што реформите треба да го диктираат темпото на пристапување.

Муцунски: Дијалог со Софија, но без отстапки за идентитетот
Министерот Муцунски истакна дека силните идентитети не се градат преку негирање на други. „Во Европа во 21 век треба да имаме капацитет да ги негуваме разликите и да не се врзуваме за прашања од минатото поврзани со идентитетот, историјата и јазикот“, рече Муцунски.

Тој истакна дека стратешка цел останува членството во ЕУ, но дека се потребни јасни гаранции дека нема да има нови барања по отворањето на преговорите.

Муцунски нагласи дека државата има различно толкување на францускиот предлог од 2022 година и повика на градење доверба меѓу Скопје и Софија. Тој посочи дека е изготвен акциски план за малцинствата, во соработка со Советот на Европа, но дека клучно останува прашањето за предвидлив европски процес.

„Нашата цел не е само отворање на преговорите, туку и нивно успешно затворање, без дополнителни барања поврзани со идентитетот“, изјави Муцунски.

„Не смееме да бидеме заложници на блокади“

Муцунски оцени дека Македонија е заложник на непринципиелна блокада што им штети и на двете држави. „Губат и двете земји – економски, политички и општествено. Потребен е искрен дијалог“, истакна тој.

Тој додаде дека најбрзиот пат напред е отворање на преговорите со ЕУ, со што би се создал простор за решавање на сите отворени прашања.

„Најлесниот начин на кој можеме да се движиме напред и да ги решаваме нашите меѓусебни прашања е доколку Бугарија ги отвори вратите и дозволи да ги почнеме преговорите и да знаеме дека сите предизвици може да се решат. А, за прашања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, оваа Влада не е подготвена ниту да преговара ниту да разговара за нив“ – рече Муцунски.

Потребна е нова доверба меѓу Скопје и Софија

Муцунски предупреди дека постои висок степен на недоверба меѓу двете држави, што ја отежнува соработката. Според него, фокусот треба да биде на иднината, а не на историските прашања.

„Да се фокусираме на тоа што нè обединува – заедничката иднина во Европската Унија“, порача Муцунски од Софија.

На министерскиот состанок, Муцунски истакна дека проширувањето на ЕУ е стратешка инвестиција во стабилноста и безбедноста на Европа. Тој нагласи дека Македонија е кредибилен партнер, со усогласена надворешна политика со Унијата и спроведени реформи.

Самитот во Софија го отвори бугарската претседателка Илијана Јотова, која порача дека ставот на Бугарија отсекогаш бил дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од европското семејство, но со исполнети критериуми, постигнати резултати, одговорност и почитување на вредностите на ЕУ, од кои главна е заштитата на човековите права.

„Европската Унија не е само заеднички пазар, туку и споделени вредности“, рече Јотова.

Даниела Трпчевска-Зафировска, дописничка на Дојче Веле од Северна Македонија,Даниела Трпчевска-Зафировска, дописничка на Дојче Веле од Северна Македонија,

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сиљановска Давкова oд Софија: Освен уставните измени,…

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова,по средбата со бугарската потпретседателка…

ЕУ ја предупреди Албанија дека луксузното одморалиште…

Европската комисија ја повика Албанија да дејствува…

И Гејтс не знаел за злосторствата на…

Косоновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс на денешното…

ЕУ подготвува терен за нови членки: Се…

Пет влијателни земји-членки на Европската Унија –…