Грција најавува мерки за побрз премин на Евзони: дополнителни ленти и можност за привремено олеснување на ЕЕС контролите
На проблемите со долгото чекање на копнените гранични премини по воведувањето на системот за влез/излез на Европската Унија (ЕЕС), како и на мерките што ги презема Грција за олеснување на сообраќајот, се осврна заменик-министерот за внатрешни работи на Грција надлежен за Македонија и Тракија, Константинос Гиулекас, на конференција за туризмот организирана од грчкиот информативен портал „Ворија“.
Гиулекас посочи дека една од привремените мерки за намалување на гужвите на граничниот премин Евзони кон Северна Македонија е поставување модуларни контролни пунктови, со кои постојната сообраќајна лента се проширува во две контролни точки.
Тој објасни дека во тек е модернизацијата на граничниот премин Кипи кон Турција, а планирана е и надградба на Евзони, но додека не завршат инфраструктурните зафати, можностите за зголемување на капацитетите се ограничени.
„Во соработка со Министерството за заштита на граѓаните, кое е надлежно за граничните проверки, поставуваме дополнителни модуларни контролни пунктови и една сообраќајна лента ја прошируваме во две. Се обидуваме на секој начин да го скратиме времето потребно за контрола и да овозможиме побрз влез во нашата земја“, рече Гиулекас.
Тој се осврна и на примената на европскиот систем за биометриска регистрација на државјани од трети земји, кој подразбира собирање податоци при влез во Шенген-зоната. Според него, новите правила значително го продолжуваат времето на граничните проверки и придонесуваат за зголемени застои, не само во Грција туку и на други европски гранични премини.
Како можност за справување со најголемиот притисок во периоди на зголемен сообраќај, Гиулекас посочи дека европската регулатива дозволува делумно и привремено суспендирање на биометриската регистрација.
„Можноста што ја имаме од Европската Унија е делумно суспендирање на мерката во часови со зголемен сообраќај и тоа често го применуваме“, изјави заменик-министерот.
Според одговорите на пратенички прашања од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос, оваа можност може да се користи на одредени гранични премини и во услови на зголемен број патници и возила, со цел да се обезбеди нормален проток.
Отстапката предвидува регистрацијата во одредени ситуации да се врши без земање биометриски податоци. Таа важи до 8 јули, со можност за продолжување до 6 септември годинава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нетанјаху за Иран: „Или ние или тие…
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху упати остра порака…
Дачиќ: По изборите никој нема да има…
Носителот на изборната листа на коалицијата околу…
Велешанецот пријавен за измама со кубански вакцини…
Велешанецот кој е пријавен за измами со…
Шестмина уапсени во Србија: Обвинителството тврди дека…
Српската полиција уапсила шест лица под сомнение…
Тројца повредени во сообраќајна несреќа во Скопје…
Три лица се повредени во сообраќајна несреќа…