Алиу: Секој граѓанин ќе може однапред да одлучи дали ќе биде донор на органи – Јас прв ќе се пријавам
Министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „Ноќно студио“ на „4ТВ“ ги претстави деталите од пакетот со 15 законски измени, со кои, како што рече, македонското здравство ќе добие современа законска рамка усогласена со новите технологии, медицинските практики и потребите на граѓаните.
Според Алиу, дел од законите се темелно застарени и повеќе не одговараат на реалноста, додека со новите законски решенија ќе се регулираат области кои досега воопшто не биле опфатени со закон.
Како пример го посочи Законот за заштита од пушење, кој потекнува од 1995 година и не ги препознава современите никотински производи.
„Овој закон претрпел одредени измени низ годините, но реалноста денес е поинаква. Пушењето повеќе не е поврзано само со традиционалните цигари. Сега имаме електронски цигари, никотински уреди и вејпови, кои актуелниот закон воопшто не ги препознава и не ги дефинира. Затоа овој закон мора да се смени во согласност со потребите на пазарот и индустријата“, изјави министерот.
Тој најави и значајни измени во Законот за лекови, со воведување на современиот „track and trace“ систем, кој ќе овозможи целосна следливост на лековите низ целиот здравствен систем.
„Со новиот систем ќе се знае каде се наоѓа секој лек, од производството и транспортот до крајниот корисник. Целта е поголема безбедност, контрола и ефикасност во снабдувањето со лекови“, истакна Алиу.
Министерот откри и дека се подготвува целосно нов закон кој првпат ќе ја регулира можноста човечкото тело по смртта да биде донирано за едукативни и научни цели, односно за практична настава по анатомија на медицинските факултети.
Една од најзначајните реформи, според него, е новиот Закон за донорство, кој наскоро ќе биде доставен во Собранието. Со него секој граѓанин ќе може сам, додека е жив, да се изјасни дали сака да биде донор на органи, преку својот матичен лекар.
„Кај нас листите за чекање за органи се многу долги, во моментов над 150 пациенти чекаат орган за поквалитетен живот. Од друга страна, бројот на семејства кои одлучуваат да ги донираат органите од нивните блиски по смртта е премногу мал. Нашата анализа покажа дека семејствата се соочуваат со огромен стрес и шок во тие критични 24 часа кога треба да донесат таква одлука, а тука е и недоволната информираност“, рече Алиу.
Тој додаде дека при подготовката на законските измени биле консултирани и верските заедници, кои позитивно ја оцениле иницијативата.
„Многу е подобро јас и вие, додека сме живи, самите да одлучиме за нашето тело и за нашите органи, отколку тој товар да им го оставаме на роднините во најтешките моменти. Јас лично ветив дека во моментот кога системот ќе биде подготвен и законот ќе помине, ќе бидам првиот што ќе го пополни формуларот за донорство. Убаво е и по нашата смрт дел од нашите органи да продолжат да живеат и да му помогнат на некој друг“, порача министерот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Алиу: Секој граѓанин ќе може однапред да…
Министерот за здравство Азир Алиу во интервју…
Израел ги прекинува контактите со ЕУ
Односите меѓу Израел и Европската унија влегоа…
Жителите пријавуваат црн мрсен дожд над Москва…
Жители на југоисточниот дел на Московската област…
Ковачки: Македонија денес е побезбедна земја
Македонија денес е побезбедна и економски постабилна…
Земјотрес го погоди грчкиот остров Крит
Земјотрес со интензитет од 3 степени според…