По една година во притвор, доктор Нино Васев ќе се брани од слобода
По една година помината во притвор, екс директорот на Клиниката за онкологија – Нино Васев, ќе се брани од слобода.
Васев во наредниот период ќе го напушти притворското одделение во Шутка, откако судот ја прифати гаранција обезбедена со хипотека на имот.
Тој е обвинет во првиот предмет што се однесува на економското работење на Клиниката за онкологија, заедно со поранешниот економски директор Артан Нухи.
Според обвинението, двајцата се товарат за продолжени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата, кои, според обвинителството, ги сториле во периодот од 2018 до 2022 година.
Обвинителството тврди дека во постапките за јавни набавки на биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без валиден правен основ.
Потоа, преку јавни набавки, ги покривале веќе преземените обврски, при што добавувачите ги фактурирале претходно испорачаните лекови.
Според обвинението, на тој начин бил доведен во заблуда Фондот за здравствено осигурување, кој одобрувал условен буџет за Клиниката, а средствата потоа биле користени за исплата на лековите набавени на ваков начин.
Дополнително, обвинителството ги товари Васев и Нухи и за измама во службата и проневера. Судската постапка за случајот „Онкологија“ е во тек.