Алиу ветува големи промени во здравството

t

Пациентите наскоро ќе можат преку мобилен телефон во реално време да ги следат возилата на Итната медицинска помош, да ја проверуваат листата за чекање операции и самите да контролираат кој има пристап до нивните здравствени податоци.

Ова вчера го најави министерот за здравство Азир Алиу, кој во интервју за „4ТВ“ рече дека Министерството работи на сеопфатна дигитализација на здравствениот систем.

Најавата доаѓа само неколку дена откако МВР соопшти дека вработен на шалтер во Општата болница во Прилеп фотографирал дебитна картичка на пациент додека плаќал здравствена услуга, а потоа во период од четири месеци извршил 71 интернет-трансакција и повлекол вкупно 90.174 денари. Против 40-годишниот прилепчанец е поднесена кривична пријава за „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и за „злоупотреба на лични податоци“.

Во тој контекст, Алиу нагласи дека новиот здравствен систем ќе овозможи секој пациент да има целосна контрола врз сопствените медицински податоци.

Според него, граѓаните ќе можат во реално време да видат кој пристапувал до нивното електронско досие, а ќе имаат и можност сами да одредат кои информации ќе бидат достапни за одредени лекари.

— Новиот систем ќе му овозможи на секој пациент во реално време да види кој профил пристапувал до неговите податоци. Дури и кога одите кај матичен лекар, ќе имате опција да сокриете дел од податоците кои не сакате да бидат видливи. Можете да одберете тие податоци да ги гледате само вие и одреден специјалист, но не и сите останати доктори во системот — изјави министерот.

„Со новиот систем нема да се чека толку“

Една од клучните новини е воведувањето централизиран софтвер за Итната медицинска помош, преку кој во реално време ќе се следи движењето на секое амбулантно возило и ќе се одредува најбрзата маршрута до пациентот.

Според Алиу, новиот систем треба значително да го намали времето на одговор, кое во Македонија во одредени случаи достигнува и до 40 минути.

—Времето на чекање кај нас за жал е многу долго. Во Словенија, на пример, тоа изнесува меѓу 7 и 8 минути, додека, пак, кај нас граѓаните понекогаш чекаат од 30 до 40 минути. Во здравството времето е лек – не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога ќе пристигне до пациентот — рече министерот.

Граѓаните ќе можат да ги следат листите за чекање операции

Паралелно, Министерството подготвува и дигитален портал преку кој граѓаните ќе можат да ја следат вистинската состојба на листите за чекање операции.

Наместо да зависат од информациите што ги добиваат од лекарите, пациентите ќе имаат увид во своето место на листата, што, според министерот, ќе ги намали можностите за манипулации и притисоци да се префрлат на приватни интервенции.

— Пациентите нѐ информираат дека докторот им велел: „Ќе чекате три месеци за операција на државно, но ако сакате побрзо, дојдете утре по 16:00 часот во приватниот термин и веднаш ќе ве оперираме“. Проблемот тука не е цената на приватната услуга, туку недоволната информираност на пациентот. Јас како лекар можам да ви кажам дека сте 105-ти на ред, а вие немате начин да проверите дали е тоа точно. За да го решиме овој притисок, креиравме нов дигитален портал преку кој секој граѓанин од својот мобилен телефон ќе може точно да види колкава е реалната листа за чекање кај конкретен доктор — додаде тој.

Во рамки на реформите, Владата веќе го усвоила предлогот за формирање посебна институција за Итната медицинска помош, а во завршна фаза е и постапката за набавка на 100 нови амбулантни возила.

Министерот очекува новиот софтвер да биде целосно имплементиран во рок од пет до шест месеци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ