(Видео) Дебрешани бараат вода – протестот пред Општина Гостивар заврши со инцидент
Поради недостиг на вода, денеска жителите на селото Дебреше излегоа на протест пред Општина Гостивар. Според информациите што ги пренесуваат локалните медиуми, протестот ескалирал со турканици и скршено стакло на влезната врата од општинската зграда.
Дебрешани пред општината го изразија незадоволството велејќи дека досега за проблемот добивале само ветувања од локалната самоуправа, а не и решение.
„По искажување на своите барања да им се обезбеди вода како што нагласија ’сега и без одложување’, оставија кофи за вода на скалите и побараа да влезат во Општината и се упатија кон влезната врата. Таму настана тензија и мешаница со полициските службеници кои го обезбедуваа протестот, при што беше искршено и стаклото на вратата“,пренесува „Гостивар прес“.
По неколку минути, како што се додава, ситуацијата се смирила, а граѓаните се повлекле.
Жителите побараа локалното раководство веднаш да најде решение на проблемот кој, како што велат, им го отежнува секојдневното функционирање.
Претставникот на жителите, Берат Салиу, вели дека проблемот не е резултат на тоа што е лето и дека нема притисок, туку оти трае од јануари и февруари.
„Рекоа ќе направеле некоја комисија да дојдат да видат, а ние воопшто немаме вода. Нашите барања се јасни, да имаме нормално водоснабдување, нека се организираат, тие треба да мислат како, тие се институција, нека се снајдат, ние само сакаме вода“, рече тој.
Салиу додава и дека имале средба со претставници на општината, но тие до сега имале само оправдувања и ветувања и ништо конкретно.
„А живееме под Шара, најбогатото место со вода, а ние немаме вода за пиење, а којзнае што се прави и какви бизниси со нашата вода“, додаде тој.
Општина Гостивар соопшти дека проблемот со водоснабдувањето во дел од Дебреше трае со децении и дека годинава биле одржани три средби со жителите и локалните здруженија, на кои биле договорени конкретни решенија.
Оттаму додаваат дека во тек е изградба на нова водоводна линија, која треба да го зголеми капацитетот за снабдување со вода, а паралелно е донесена одлука и за санација на изворот над селото.
Очекувањата се дека оваа инвестиција директно ќе придонесе за подобрување на водоснабдувањето и за жителите на селото Дебреше.
Општинарите велат дека по завршувањето на работите, за околу еден месец, се очекува да се обезбеди постабилно и поквалитетно снабдување со вода за пиење.
Дебрешани, како што пишува „Гостивар прес“, најавиле дека следните чекори ќе им бидат порадикални, односно ќе организираат блокади на патишта.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Дебрешани бараат вода – протестот пред…
Поради недостиг на вода, денеска жителите на…
Поранешниот прв човек на ФФМ Илчо Ѓорѓиевски…
Кривичниот суд попладнево по сослушување на осомничените…
Одземено „порше“ – приведен возач од Србија,…
Полициски службеници синоќа го привеле Б. С.…
АфД ја зголемува предноста пред ЦДУ/ЦСУ во…
Десно-популистичката партија Алтернатива за Германија (АфД) бележи…
(Фото) Заев ужива на јахта во Паљури
Читатели на Нетпрес, кои престојуваат туристички во…