Трамп: „Храбриот“ Зеленски „се справува доста добро“ во војната со Русија
Американскиот претседател Доналд Трамп јавно го пофали украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакнувајќи дека Украина успешно се брани и дека нејзиниот лидер е храбар.
За време на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа, новинарите го прашаа Трамп дали смета дека Зеленски во моментов победува во војната, со оглед на тоа што е познато дека американскиот претседател претпочита „победници“, пренесе Euronews.
„Па, му оди прилично добро. Гледајте, како и да гледате на тоа, му оди прилично добро. Најмалку што може да се каже е дека се држи. Многу луѓе гинат на двете страни, но мислам каде-каде му оди прилично добро. Мора да му оддадете признание. Гледајте, мора да кажете дека е храбар. Има одлична опрема, но има и одлични луѓе. Има борци“, изјави Трамп.
Оваа најнова изјава на Трамп доаѓа во момент кога официјален Вашингтон, како што се чини, повторно отворено застанува на страната на Киев, што предизвика остри реакции во Русија. Москва ги обвини Соединетите Држави дека се откажуваат од улогата на објективен посредник во ставањето крај на војната, која сега се наоѓа во својата петта година. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека САД „заборавиле“ на претходните изјави на Трамп, кои беа значително поблиски до ставовите на Кремљ.
Според пишувањето на ФТ, коментарите на рускиот врв јасно ја покажуваат растечката фрустрација во Москва бидејќи Вашингтон одбива да помогне во завршувањето на инвазијата под условите што ги диктира Владимир Путин. Поради тоа, Лавров порача дека Русија од сега исклучиво ќе се фокусира на постигнување на своите воени цели со сила, бидејќи сите надежи за праведно американско посредување пропаднале.
Зад оваа промена на ставот на Трамп се кријат конкретни воени резултати на теренот. Извори запознаени со приватните разговори на светските лидери откриваат дека Трамп на неодамнешниот самит на групата Г7 бил „исклучително импресиониран и воодушевен“ од украинската кампања за долгодострелни напади со беспилотни летала и ракети длабоко во руската територија, што вклучува и удари врз воени цели околу самата Москва.
Трамп на истиот самит се согласи и на засилување на санкциите против рускиот енергетски сектор. Истовремено, американските претставници повеќе не сметаат дека Русија победува во оваа војна. Државниот секретар Марко Рубио неодамна пред Сенатот изјави дека Русија сигурно нема да ги постигне целите што ги зацрта во првиот ден од инвазијата, додавајќи дека Москва некои од своите барања веројатно никогаш нема да може да ги оствари по воен пат.
Во Киев расте претпазливиот оптимизам. Иако украинските претставници остануваат делумно скептични поради претходните пофалби на Трамп на сметка на Путин, тие веруваат дека американскиот претседател сега сè повеќе се свртува кон посилна поддршка за Украина. За време на долгиот разговор на вечера минатата недела, Трамп лично му рекол на Зеленски дека е импресиониран од воените успеси на Киев.
Најголем напредок е постигнат во преговорите за лиценцирање на западно оружје. Зеленски потврди дека Трамп и Рубио позитивно одговориле на прашањето за лиценци за противвоздушни ракети Патриот.
„Сите се согласуваат дека сега ги имаме сите технички можности потребни за почеток на производство на ракети за системите Патриот“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека сега се чека официјално одобрение од претседателот Трамп, кој планира да побара од американските компании да го започнат лиценцираното производство на тие ракети во Европа и во Украина.
Од друга страна, Владимир Путин се обидува да ја намали важноста на украинските технолошки успеси, нарекувајќи ги долгодострелните удари чин на очај. Рускиот претседател ги обвини западните земји дека се подготвуваат да ја нападнат Русија и ја спореди моменталната ситуација со инвазијата на нацистичка Германија во Втората светска војна.
Сепак, зад кулисите руската фрустрација незапирливо расте. Обидите на Москва да ги искористи пратениците на Трамп за постигнување брзо примирје, кое би ги признало руските освојувања, целосно пропаднаа бидејќи САД се вратија на своите првични, цврсти позиции. Поради тоа, рускиот врв сè поотворено признава дека ја изгубил вербата во подготвеноста на Трамп да им помогне во остварувањето на нивните максималистички воени цели.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трамп: „Храбриот“ Зеленски „се справува доста добро“…
Американскиот претседател Доналд Трамп јавно го пофали…
Путин е подготвен за мировни преговори по…
Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена…
Обединетото Кралство развива ракети со долг дострел…
Велика Британија започна програма за развој на…
Украина заслужува брзо членство во ЕУ „повеќе…
Володимир Зеленски им рече на лидерите на…
Украина ја нападна Москва со 180 дронови
Украински дронови погодија московска нафтена рафинерија вторпат…