Објавено на:

Најмалку четири танкери го сменија курсот и се откажаа од пловидба низ Ормускиот Теснец поради безбедносните ризици

t

Најмалку четири танкери за превоз на нафта и течен природен гас се откажаа од пловидба низ Ормускиот Теснец и го променија курсот, покажуваат податоците за следење на движењето на бродовите, поради ескалација на безбедносните ризици во еден од најважните светски поморски коридори, пренесува Ројтерс.

До промената на рутите дошло откако вчера во близина на Теснецот се оштетени катарски танкер за течен природен гас и саудиски танкер за превоз на сирова нафта.

Според извештаите, Иран испука ракети кон бродови во оваа област, поради што поморските власти го зголемија нивото на закана за бродовите што транзитираат низ Теснецот на највисоко ниво – сериозен ризик.

Податоците покажуваат и дека танкер под индиско знаме, кој превезува два милиони барели кувајтска сирова нафта натоварена кон крајот на минатата седмица, денеска го променил курсот во близина на оманскиот дел од Ормускиот Теснец.

Од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари, низ Теснецот поминале најмалку 16 пратки течен природен гас од терминалот Рас Лафан и уште десет од извозниот терминал „Дас Исланд“.

Сепак, тоа претставува само дел од вообичаениот месечен извоз од околу седум милиони тони течен природен гас од двата терминала.

Како што пишува Ројтерс, на почетокот на јули пред Рас Лафан се формирала колона од повеќе од десет празни танкери што чекаат товарење.

Повеќе од 50 празни танкери на „Катар Енерџи“ и „АДНОЦ“ моментно се наоѓаат во областа на Персискиот Залив, покрај брегот на Индија и во Малајскиот Теснец, при што некои од нив веќе десет дена ги имаат исклучено системите за автоматска идентификација.

И покрај зголемените безбедносни ризици, најмалку два супертанкери за превоз на сирова нафта успеале да го напуштат Ормускиот Теснец.

Јапонскиот танкер „Тенјун“, кој превезува два милиони барели катарска сурова нафта натоварена кон крајот на февруари, доцна синоќа минал низ Теснецот. Истиот ден овој коридор го напуштил и танкерот на индонезиската државна енергетска компанија.

Британскиот центар за Поморски безбедносни и трговски операции (УКМТО) вчера соопшти дека непознат проектил погоди танкер во Ормускиот Теснец.

Американската војска утрово соопшти дека нападнала повеќе цели во Иран како одговор на неодамнешните напади врз неколку танкери во Ормускиот Теснец, додека Иранската револуционерна гарда тврди дека за возврат гаѓала американски воени локации во Бахреин и Кувајт.

Централната команда на САД соопшти дека нападите се извршени со цел да се наметнат сериозни последици поради нападите врз трговски бродови со цивилни екипажи на меѓународен поморски пат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Најмалку четири танкери го сменија курсот и…

Најмалку четири танкери за превоз на нафта…

Руте: Новите американски напади врз Иран беа…

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска…

Дваесетина портали со домен .tv под лупа…

Десетина веб портали регистрирани во Македонија и…

Иранската револуционерна гарда потврди дека извршила напади…

Иранската Исламска револуционерна гарда денеска соопшти дека…

Повторно поскапе нафтата

Цените на нафтата денес пораснаа за повеќе…