Револт во Охрид: Фактурите од ЗАМП ги налутија приватните издавачи на апартмани, се отворија сериозни правни дилеми

t

Голем број сопственици на приватни апартмани во Охрид деновиве добија фактури од Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП) за плаќање авторски надоместок за туристичката сезона 2025 година, односно за периодот од 1 април до 30 септември. Во еден од случаите до кој дојде редакцијата, фактурата изнесува 16.500 денари.

Станува збор за авторски надоместок што, според ЗАМП, се наплатува за користење музички дела во сместувачки капацитети преку радио, телевизија, интерна телевизија од затворен тип или друга телевизиска и кабелска мрежа. Правилникот со тарифа предвидува месечен надоместок од пет бода по реализирано ноќевање, а доколку сопственикот не доставува месечен извештај за бројот на ноќевања, надоместокот се пресметува паушално според капацитетот на објектот. За апартмани до 25 гости тоа изнесува 500 бодови месечно. И ова е најевтината тарифа која се наплаќа околу 16.500 денари.

На прв поглед, сè изгледа едноставно. ЗАМП се повикува на Законот за авторското право и сродните права, но самиот Закон не ги наведува поединечно приватните апартмани како категорија обврзници. Тие се опфатени во Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела, акт што го донесува ЗАМП врз основа на законското овластување за колективно управување со авторските права. Токму таму, во Тарифен број 5, апартманите се наведени како сместувачки капацитети за кои се плаќа надоместок при користење музички дела преку радио, телевизија или кабелска мрежа. Но, токму тука започнуваат и дилемите.

Прашањето не е дали постои правна рамка за наплата, туку како таа рамка се применува во пракса. Дали секој регистриран апартман автоматски станува обврзник или ЗАМП претходно утврдува дека во конкретниот објект навистина се користат авторски музички дела на начин предвиден со Правилникот?

Правилникот зборува за користење музички дела преку телевизија, радио или кабелска мрежа, но во одговорот на ЗАМП нема објаснување дали пред испраќањето на фактурите се утврдува дека во конкретниот апартман навистина постои такво користење. Не е без значење дали обврската произлегува од конкретно утврдена употреба на авторски дела или се поврзува со самиот факт дека објектот е регистриран како сместувачки капацитет.

Редакцијата испрати повеќе прашања до ЗАМП. Побаравме да појаснат врз основа на што утврдуваат дека во конкретен апартман навистина се врши користење на авторски музички дела, дали се врши увид во објектите, како сопствениците биле информирани дека имаат обврска секој месец да доставуваат извештаи за реализираните ноќевања и дали секој регистриран апартман автоматски станува обврзник за плаќање.

Наместо директен одговор, ЗАМП ја упати редакцијата на соопштение објавено на својата веб-страница.

Но, во него повторно се објаснува начинот на пресметка на надоместокот и се наведува дека сопствениците биле должни до 15-ти во месецот да доставуваат извештај за бројот на реализирани ноќевања за изминатиот месец, а доколку тоа не го сторат, се применува паушална пресметка според капацитетот на објектот. Но ниту во најновото соопштение не е јасно за издавачите и не е наведено каде и на кој начин се пријавува до 15 ти во месецот?

Нема ниту одговор кога и како сопствениците биле известени дека имаат ваква обврска. Дел од издавачите со кои разговараше А1он, тврдат дека никогаш претходно не биле контактирани од ЗАМП, не добиле известување, ниту насоки дека треба да доставуваат месечни извештаи. Ако тоа е така, логично се поставува прашањето дали е оправдано веднаш да се применува паушална пресметка, поради недоставување извештаи за кои сопствениците тврдат дека не знаеле дека треба да ги поднесуваат.

Во соопштението има уште една интересна одредба. ЗАМП наведува дека извештаите што треба да ги доставуваат сопствениците треба да бидат идентични со извештаите што тие веќе ги доставуваат до Министерството за внатрешни работи и до локалната самоуправа. Ако овие податоци веќе постојат во државните институции, дали постои можност тие да се користат по службена должност, наместо сопствениците повторно да ги доставуваат?

Не е спорно дека авторите имаат право на надоместок кога нивните дела се користат. Но јавноста има право да знае и како функционира системот што го спроведува тоа право – дали секој обврзник е навремено информиран за своите обврски, дали постои јасна процедура пред да биде издадена фактура и дали секој случај се оценува поединечно?

Одговорите на тие прашања не се важни само за сопствениците на апартмани. Тие се важни и за довербата во системот на колективна заштита на авторските права. Затоа што секоја законска обврска, за да биде прифатена како легитимна, покрај правна основа мора да биде и јасна, прецизна, предвидлива и транспарентно спроведена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Револт во Охрид: Фактурите од ЗАМП ги…

Голем број сопственици на приватни апартмани во…

Нов бран воздушни напади против Иран, Техеран…

Американската војска синоќа започна нов бран воздушни…

Макрон: Франција и Германија повторно се приближуваат…

Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека Франција…

Клучниот датум за проширувањето на ЕУ е…

Клучен датум за иднината на процесот на…

(Фото) По серија американски напади се урна…

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денес…