Клековски: Во последните 24 часа примени 260 пациенти со стомачни тегоби
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја посети Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, каде што се сретна со пациентите, здравствените работници и раководството на болницата, а потоа информираше за состојбата со големиот број граѓани кои изминативе денови побарале лекарска помош поради стомачни проблеми.
Според Клековски, досега бројот на пациенти надминал 1.000 лица, а најголем број случаи се регистрирани во последните два дена. Само во последните 24 часа во болницата биле примени 260 пациенти, од кои 100 на Детскиот и 160 на Инфективниот оддел.
Во моментот на неговата посета, на лекување биле задржани седум пациенти на Детскиот оддел и 20 на Инфективниот оддел, додека најголемиот дел од заболените биле испратени на домашно лекување.
„Сите пациенти имаат слична клиничка слика – дијареја, повраќање, кај дел од нив и покачена температура и дехидратација. Третманот се спроведува со инфузии и симптоматска терапија. Три деца се задржани на набљудување“, соопшти Клековски.
Министерот посочи дека првите случаи биле регистрирани во доцните вечерни часови на 13 јули, иако не се исклучува можноста за појава на поединечни случаи и претходно.
Најголем дел од пациентите се од Гостивар, но заболени има и од Вруток, Чегране, Чајле, Дебреште и други околни населени места. Меѓу нив има пациенти од сите возрасни групи, а најпогодени се децата и лицата со хронични заболувања.
Во моментов, анализи спроведуваат Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје и Општата болница во Гостивар. Се испитуваат примероци од вода, крвни анализи и копрокултури, а водата се анализира хемиско-физички, бактериолошки и паразитолошки, вклучително и за присуство на тешки метали.
Клековски нагласи дека досега се земени само 18 епидемиолошки анкети и недоволен број копрокултури, поради што упати апел до граѓаните за соработка со епидемиолозите за да се утврди точната причина за појавата на големиот број заболени.
Според досегашните информации и анализи, неофицијално може да се исклучи храната како можен извор на проблемот, но конечните заклучоци ќе ги донесат надлежните епидемиолошки служби и институции.
„Здравствените власти внимателно ја следат состојбата и гарантираат соодветен здравствен одговор за сите пациенти“, порача министерот за здравство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Клековски: Во последните 24 часа примени 260…
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја…
Клековски: Утре ќе биде завршена микробиолошката анализа…
Новиот министер за здравство Сашо Клековски го…
Топлотен бран ја зафаќа Македонија и целиот…
Македонија викендов ќе биде зафатена од нов…
Албанец чека да биде депортиран од Британија:…
Албанскиот државјанин Доријан Пука, кој се наоѓа…
ВМРО-ДПМНЕ: Коалицијата СДС, ДУИ и Таравари го…
ВМРО-ДПМНЕ изразува загриженост и осуда за скандалот…