ФИФА отвори дисциплинска постапка против Аргентина по хаосот во финалето
Светската фудбалска федерација (ФИФА) покрена дисциплинска постапка против Аргентина по масовниот инцидент што изби веднаш по финалето на Светското првенство, во кое Шпанија со 1:0 ја совлада аргентинската репрезентација и ја освои светската титула.
Дисциплинската комисија назначи дисциплински и етички обвинител кој ќе ги испита сите околности поврзани со случувањата на стадионот „Мет лајф“. Доколку се утврдат прекршувања, можно е да бидат изречени суспензии за фудбалери и членови на стручниот штаб, како и парична казна за Аргентинската фудбалска асоцијација.
Во фокусот на истрагата се Науел Молина, Леандро Паредес, Тијаго Алмада и помошникот-тренер Роберто Ајала. Според достапните информации, Паредес го фатил Ерик Гарсија за вратот, Алмада го оттурнал Гави, а Ајала исто така бил инволвиран во физичката пресметка.
Иако првично беше објавено дека Леандро Паредес заработил црвен картон, ФИФА подоцна соопшти дека исклучувањето е отстрането од официјалниот записник. Сепак, тоа не го исклучува од можната дисциплинска одговорност.
Аргентина веќе е предмет на уште една постапка на ФИФА поради политичкиот транспарент „Las Malvinas son Argentinas“, кој репрезентативците го истакнаа по полуфиналната победа над Англија.
Селекторот Лионел Скалони повика на смиреност и порача дека поразот треба да се прифати достоинствено. Во меѓувреме, однесувањето на аргентинските фудбалери беше остро критикувано од поранешните англиски репрезентативци Алан Ширер и Џо Харт, кои го оценија како неприфатливо.
Според дисциплинскиот правилник на ФИФА, доколку се утврди дека е нарушен угледот на фудбалот или се прекршени принципите на ферплеј, можат да бидат изречени строги санкции, вклучително и повеќемесечни суспензии.
Аргентина и во минатото се соочуваше со казни поради однесувањето на своите репрезентативци. По освојувањето на светската титула во 2022 година беше парично санкционирана, а голманот Емилијано Мартинес во 2024 година доби суспензија поради недолично однесување.
Засега не е познато кога ќе биде завршена истрагата, но доколку обвинителот утврди прекршувања, повеќе аргентински репрезентативци би можеле да се соочат со сериозни дисциплински мерки и забрана за настап на меѓународни натпревари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ФИФА отвори дисциплинска постапка против Аргентина по…
Светската фудбалска федерација (ФИФА) покрена дисциплинска постапка…
Судењето на Мадуро ќе почне во јуни…
Почетокот на судскиот процес против соборениот венецуелски…
Цените на нафтата скокнаа на 95 долари
Цените на нафтата беа за околу 4%…
Украина и САД бараат начин за оживување…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека разговарал…
(Видео) Обилни дождови направија хаос по улиците…
Речиси 100 пријави стигнале до попладнево до…