Маѓар започнува истрага за кредитот од милијарда евра што Македонија го прими од Унгарија
Четири случаи на контроверзни заеми на унгарската Ексим банка ќе ги истражува владата на Петер Маѓар за можна економска штета и лоши зделки на државата за време на владата на Виктор Орбан. Таква одлука донесол кабинетот на Маѓар на денешната седница, за кои исцрпно тој зборуваше на прес-конференцијата по нејзиното одржување.
Еден од тие случаи е и кредитот што според договорот влада со влада кабинетот на Орбан го одобри на кабинетот на Христијан Мицкоски (негов близок политички сојузник) во износ од една милијарда евра. Петстотини милиони беа за враќање на еврообврзиницата, а 250 милиони за финансирање на проекти од локалната самоуправа и уште 250 милиони поддршка за македонскиот бизнис. Камаптната стапка беше 3,25 отсто.
Токму таа каматна стапка сега се наведува во жалбата на Министерството за економија и енергија, бидејќи во тоа време Унгарија се задолжуваше на меѓународните пазари и во Кина со неколку проценти повисоки камати.
Маѓар, како што известува весникот „Непсава“ од прес-конференцијата, нагласи дека заемот за македонската влада „е многу поповолен од каматната стапка по која унгарските компании и Унгарците добиваат заеми, но и од стапката по која унгарската држава зема заеми“. Тој ја спомена нуклеарната централа Пакш како пример, во врска со која Унгарија доби средства со многу повисока каматна стапка, како и во многу други трансакции.
Според премиерот Маѓар, трансакцијата ќе го чини унгарскиот буџет повеќе од 90 милијарди форинти (околу 250 милиони евра) во каматни плаќања, т.е. поради разликата помеѓу пазарната каматна стапка и субвенционираната каматна стапка што ѝ е обезбедена на Македонија. Целиот ризик од кредитот е покриен со 100-процентна унгарска државна гаранција, додека Ексимбанк ја класифицираше нашата држава како значаен ризик.
Маѓар го потврди она што македонските власти на крајот на минатата година го зборуваа – дека ќе има уште еден заем од 500 милиони евра и во јавноста се шпекулираше дека тие пари повторно ќе дојдат од владата на Орбан, но таа трансакција не се случи. А владата на Мицкоски престана да го споменува тој заем. Маѓар денеска рече дека во јануари владата на Орбан дала согласност за тие нови 500 милиони евра за владата на Мицкоски, но во државната каса веќе немало пари, а се ближеа и изборите на 12 април.
Петер Маѓар оцени дека владата на Орбан не ги поддржала унгарските бизниси ниту во овој случај, туку дала преференцијален заем од неколку стотици милијарди форинти од јавни средства на земја класифицирана како ризична. Северна Македонија ја добила милијардата евра со каматна стапка од 3,25 проценти, додека Унгарците и унгарските компании добиле заеми со многу повисока каматна стапка.
Според Маѓар, договорот бил обвиен во тајност. Ова го докажува и фактот дека унгарската јавност била информирана за втората транша од заем од 500 милиони евра од Мицкоски пред тоа да го соопшти владата на Орбан, која ги обезбедила парите.
Петер Маѓар, исто така, ја покрена можноста дека владата на Орбан се обидува да ги искористи парите наменети за поддршка на унгарските бизниси за да ја консолидира моќта и довербата на својот надворешен политички сојузник, а можеби и да позиционира одредени пријателски компании.
Министерството за економија и енергетика денес поднесе жалба во сите четири случаи. Владата на Тиса не сака и нема да објави пресуда во овие случаи, бидејќи тоа ќе биде задача на истражните органи, а подоцна и на судството.
Премиерот јасно стави до знаење дека владата ќе обезбеди секаква потребна помош за да се утврди дали се случиле кривични дела, и доколку е така, каква е нивната сериозност и каде се парите на даночните обврзници. Вкупната вредност на четирите случаи е приближно 1.000 милијарди форинти (близу 3 милијарди евра), додека длабинската проверка и поднесувањето на потребните извештаи сè уште се во тек во Ексимбанк и државните компании под надлежност на Министерството за економија и енергетика.
Други два случаи на вакви заеми со многу пониска каматна стапка се во Египет за набавка на железнички вагони и за изградба на мост меѓу Замбија и ДР Конго. Петер Маѓар на прес-конференцијата нагласи дека во сите овие зделки многу важна улога играл тогашниот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Премиерот Маѓар уште еднаш го наведе општиот принцип: под владата на Тиса, но и во Унгарија воопшто, злоупотребата на јавни средства, политички заснованите бенефиции и нетранспарентни државни одлуки не можат да останат без последици.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Маѓар започнува истрага за кредитот од милијарда…
Четири случаи на контроверзни заеми на унгарската…
Минчев: Максим Димитриевски прв предупреди за погрешниот…
Политичките процеси што денес се одвиваат во…
САД И ЕУ СИ ПОМАГААТ ЗА ИСКОПОТ…
Критичните минерали се од централна важност за…
Трамп: Разгледувам голем напад, поголем од кога…
Во кратко интервју за Аксиос , Трамп призна дека…
Во велешкото езеро нема капење – водата…
Според последните анализи од стручните лица од…