(Видео) Два пожара кај Мадрид се споија, евакуирани се близу 90.000 луѓе
Речиси 90.000 луѓе се евакуирани во Шпанија и Франција поради шумски пожари поттикнати од екстремна горештина, силен ветер и сува вегетација. Пожарот кај Мадрид се приближи до градот откако два огнени фронта се споија, а на југозападот на Франција огнот прогута над 12.500 хектари шума.
Два пожара западно од Мадрид се споија во еден. Властите се плашат дека кон нив би можел да се приклучи и трет пожар од соседната провинција Авила. Претседателката на мадридскиот регион Изабел Дијас Ајусо го нарече ова „најтешкиот пожар во историјата на регионот“.
„Ситуацијата е целосно невообичаена и катастрофална,“ изјавила таа од кризниот штаб во општината Сениентос, додавајќи дека приоритет е спасувањето животи. Според неа, регионот го погодила “совршена бура” од високи температури, постојан ветер и спојување на неколку огнени фронти. Шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека жителите на погодените подрачја поминуваат низ драматична ситуација, пренесува BBC.
Околу 25.000 луѓе се евакуирани во Шпанија, а над 20.000 добиле наредба да останат во домовите. Наредена е евакуација на градовите Фреснедиљас де ла Олива и Робледо де Чавела, поради што домовите мора да ги напуштат уште околу 7.000 луѓе. Претходно, од три града западно од Мадрид биле евакуирани над 19.000 жители. Во провинцијата Авила огнот зафатил околу 9.000 хектари. Владата прогласи вонредна состојба за мадридскиот регион и Авила. Распоредени се хеликоптери, авиони, амфибиски возила и шумски противпожарни бригади.
На југозападот на Франција, за последните два дена евакуирани се над 44.000 луѓе. Пожарот во регионот Жиронд уништил над 12.500 хектари шума, 53 куќи и еден камп. Целосно е евакуиран полуостровот Кап Фере, популарна туристичка дестинација на атлантскиот брег; дел од жителите и туристите го напуштиле подрачјето со бродови. Локалната префектка Софи Брока пожарот го нарече “XXL пожар”. Во соседниот регион Ланд се евакуирани околу 23.000 луѓе. Распоредени се 500 пожарникари, од кои пет полесно се повредени, а над сто објекти се зафатени или уништени од огнот.
Пожари беснеат и во Италија, каде загина пожарникар додека гасел пожар на Сицилија. Според метеоролошката служба на BBC, опасноста од пожари ја зголемиле три последователни топлотни бранови. Во делови од Италија температурите надминале 47 степени, а вегетацијата која нараснала за време на влажната зима и сончевото пролетие целосно се исушила во последните недели.
Преку викендот се очекува заладување, а во делови од Шпанија, Франција, Италија и Балканот би требало да дојдат и врнежи и пад на температурите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Два пожара кај Мадрид се споија,…
Речиси 90.000 луѓе се евакуирани во Шпанија…
Бахреин и Кувајт го нападнаа Иран
Бахреин и Кувајт тајно испратиле борбени авиони…
По цревните инфекции, можна е појава и…
Од Комисијата, која е советодавно тело на…
Жена од Македонија со кола ѕверски усмрти…
Жена од Македонија е уапсена денеска во…
САД ги укинуваат дозволите на странските возачи…
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна…