Објавено на:

Европа не може да биде конкуретна ако домаќинствата и компаниите имаат високи трошици за енергија, вели Мицотакис

t

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и австрискиот канцелар Кристијан Штокер денеска во Салцбург разговараа за енергетската безбедност, одбраната, миграцијата и билатералната соработка, при што Мицотакис ја истакна потребата од поконкурентна Европа и посилна координација во справувањето со заедничките предизвици, пренесува Екатимерини.

„Не можеме да зборуваме за конкурентна Европа ако домаќинствата и компаниите плаќаат високи цени за енергија, рече Мицотакис, оценувајќи дека е неправедно земји како Грција и Австрија, кои значително инвестирале во обновливи извори на енергија, да сносат непропорционален товар.

Тој нагласи дека Грција од увозник на природен гас прераснала во регионален енергетски центар што ја снабдува Југоисточна Европа, додавајќи дека енергетската безбедност е неразделно поврзана со геополитичката безбедност.

„Истото важи и за одбраната. Европа мора да ја зајакне својата одбрана и да не се двоуми да ја активира клаузулата за меѓусебна помош доколку е потребно“, рече Мицотакис.

Двајцата лидери разговарале и за можностите за заедничко производство на одбранбена опрема во рамките на иницијативата на Европската Унија „Безбедносна акција за Европа“ (SAFE).

Осврнувајќи се на најновата криза во Персискиот залив, Мицотакис изрази надеж дека ќе се избегне понатамошна ескалација и ја нагласи важноста од зачувување на слободата на пловидба.

„За Грција, како земја со голем бродски сектор, обезбедувањето слободна пловидба е од витално значење. Не смее да има такси или царини“, истакна тој.

Одговарајќи на прашања за економските последици од конфликтот на Блискиот Исток, грчкиот премиер рече дека Грција веќе издвоила околу 800 милиони евра за дополнителни мерки за поддршка во 2026 година и најавила привремена субвенција од 10 евроценти по литар дизел за август.

Тој изрази надеж дека Европа нема да има потреба од нови итни мерки за поддршка, но додаде дека треба да биде подготвена доколку ситуацијата дополнително се влоши, бидејќи повисоките цени на горивата и инфлацијата ги погодуваат сите земји членки.

Миграција

Миграцијата била една од главните теми на разговорите. Мицотакис рече дека Грција и Австрија заеднички придонеле за воспоставување на заштитата на надворешните граници на Европската Унија како заедничка одговорност во рамките на новиот пакт за миграција и азил.

„Постигнавме значителен напредок“, рече тој, додавајќи дека бројот на пристигнувања на мигранти значително се намалил.

Сепак, повика на поефикасен европски систем за враќање на лицата кои немаат право на азил.

„Треба да испратиме јасна порака дека ако дојдете во Европа без да ги исполнувате условите за азил, ќе бидете вратени во вашата земја на потекло“, рече Мицотакис.

Тој додаде дека Европската Унија треба да ги прошири и безбедните и уредени канали за легална миграција со цел да се одговори на недостигот од работна сила.

Мицотакис ја повтори и поддршката на Грција за европската перспектива на Западен Балкан, нагласувајќи дека секоја земја кандидат мора целосно да ги исполни сите критериуми за членство, без исклучоци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Европа не може да биде конкуретна ако…

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и австрискиот канцелар…

Синови осомничени за семејно насилство врз мајките…

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапки против…

Водата во Маврово не е за пиење

Јавно претпријатие за комунални дејности „Маврово“ информира…

Истрагата за ботоксот довела до истражна постапка…

Јавен обвинител од ОЈО ГОКК денеска донесе…

Во четврток и во петок авионско прскање…

Од Град Скопје информираат дека на 30…