Лукаревска: Со оваа власт граѓаните се соочуваат со раст на цените и пад на животниот стандард
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во „Тема на денот“ на Сител, обвини дека ребалансот на Буџетот, кој денес беше усвоен во Собранието, е потврда за погрешното економско планирање на Владата.Таа истакна дека наместо конкретни мерки за подобрување на животниот стандард, Владата нуди нови задолжувања, поголем буџетски дефицит и нема одговори за тоа каде ќе завршат дополнителните средства, се вели во соопштението од СДСМ што МИА го пренесува интегрално.
„Овој ребаланс не претставува развој. Напротив, станува збор пред сè за едно погрешно планирање. Моето клучно прашање денес беше каде се потфрли – на приходната страна, на расходната страна, кај дефицитот или на сите три полиња заедно. Имаме буџетски дефицит од 7 милијарди денари, а јавноста сè уште нема одговор за што точно ќе бидат потрошени тие средства“, рече Лукаревска.
Таа посочи дека Владата зборува за инвестиции, развој и нови проекти, но не покажува конкретен план каде ќе бидат вложени средствата, ниту како тие ќе придонесат за подобар живот на граѓаните.
Лукаревска посочи дека економските политики на Владата немаат резултат, додека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците од растот на цените и падот на животниот стандард.
„Министерот за економија никако не успева да се справи со ценовните шокови. Комплетно ги утнува мерките. Цените постојано растат, расте парното, растат горивата, немаме соодветно исплатени субвенции кон земјоделците, немаме исплатена помош на оние ранливи категории на кои им е неопходна. За првпат одредени болници, кои функционирале 40 години, сега се со блокирани сметки. Така што, реалноста е таа дека навистина не одиме во добра насока“, истакна Лукаревска.
Лукаревска посочи и на финансиската состојба во државата, потенцирајќи го фактот дека бројките покажуваат сериозно влошување на јавните финансии.
„Не се добри параметрите. Ако имаме 18,8 милијарди денари доспеани, а неплатени обврски кон реалниот сектор, кон непрофитните организации и кон здруженијата, тоа е исто така аларм. Висок аларм“, рече Лукаревска.
Лукаревска, предупреди и на сериозните проблеми во локалната самоуправа, повикувајќи се на извештајот на Државниот завод за ревизија, според кој општините имаат десетици милиони евра ненаплатени побарувања, а истовремено Владата предвидува нови трансфери без суштински реформи.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лукаревска: Ги отфрлам сите шпекулации дека ќе…
Директорката на Упавата за јавни приходи (УЈП)…