Неколку милиони денари ќе чини покривот на штипската клиничка болница што го однесе невремето
Завршувањето и целосното опремување на новиот болнички комплекс во Штип, санацијата на покривот оштетен во силното невреме и недостигот од специјалисти беа главни теми при денешната посета на министерот за здравство Сашо Клековски и директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински.
Клековски, Перински, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и претставници на Клиничката болница разговараа со делегација на Светската банка за продолжување на изградбата на новиот комплекс.
Планираната инвестиција изнесува речиси 6,7 милијарди денари, односно околу 109 милиони евра.
За два месеца треба да завршат ревизиите
Со претставниците на Светската банка биле разгледани техничките и финансиските анализи, можниот модел за финансирање, подготовката на проектната документација и механизмите за контрола на квалитетот, трошоците и роковите.
Ревизијата на моменталната состојба треба да заврши во рок од два месеца, по што ќе биде објавен меѓународен повик за довршување на комплексот. За избор на изведувач и склучување договор се предвидуваат дополнителни три месеци.
– Очекуваме за два месеци да бидат готови ревизиите на постојната ситуација, што ќе биде основа за објавување на меѓународен повик за завршување. Да дадеме три месеци за избор на доставувач и на склучување договор. Ќе работиме со компании со меѓународна репутација и капацитет да ја завршат работата. Сега имаме и одредено искуство со реконструкциите на оперативните блокови во „8 Септември“ и во Клиничкиот центар, кои се најсензитивниот и најскап дел во овој зафат, така што мислам дека можеме да донесеме мудри одлуки за да нема проблеми како што имаше во претходниот период со изведувањето на работите – изјави Клековски.
Според министерот, финансиската реализација на проектот досега изнесува околу 30 отсто. Главно биле завршени поевтините градежни и занаетчиски зафати, додека допрва треба да се реализираат поскапите машински работи, оперативниот блок и набавката на опремата.
Во првата фаза остануваат довршувањето на оперативниот блок и внесувањето на медицинската опрема. Втората фаза ќе опфати интервенции врз старите болнички објекти.
Неколку милиони денари за оштетениот покрив
Паралелно со плановите за новиот комплекс, болницата треба да го санира и покривот што беше оштетен и делумно однесен во силното невреме со орканскиот ветер. Во текот на невремето брзината на ветерот достигна 134 километри на час.
Првичните процени покажуваат дека за реконструкцијата ќе бидат потребни неколку милиони денари. Заменик-директорката на Клиничката болница, Билјана Ефтимова, информираше дека се очекува извештајот од осигурителната компанија, како и дополнителна процена на штетата.
– Вака, првичната проценка е во денари, неколку милиони. Но, чекаме извештај од осигурителната компанија и уште една проценка, затоа што после првиот чин од невремето, секако се појавуваат и други делови и работи кои треба да се реконструираат. Тоа се однесува на кровот на третиот спрат, каде што е сместено Ортопедското одделение и ортопедската сала, како и Единицата за интензивно лекување и Кома центарот. Тие се оштетени, бидејќи останаа без кров – изјави Ефтимова.
Клековски рече дека Министерството ја следи состојбата и дека во болничкиот буџет веќе биле предвидени пари за реконструкција. По утврдувањето на целосната штета, Министерството треба да ги одобри неопходните средства за работите да завршат навреме и Ортопедското одделение повторно да биде ставено во функција.
Приоритет ќе имаат болниците надвор од Скопје
Министерот беше прашан и колку нови специјалисти ќе бидат вработени во штипската Клиничка болница. Тој одговори дека повикот за специјалисти ќе биде ажуриран бидејќи дел од кандидатите веќе нашле работа во други установи.
Според Клековски, апсолутен приоритет при распределбата на кадар ќе имаат клиничките центри и болниците надвор од Скопје. Точната бројка ќе биде утврдена откако ќе се анализираат потребите на установите и интересот на специјализантите.
– Ќе направиме сѐ што можеме бројот на специјалисти во Штип да се зголеми. И не само во Штип, генерално во сите Општи болници и Клинички болници. Значи, треба повторно да го обновиме интересот на специјализантите, да видиме што недостига тука, да направиме спојување на специјализанти со потребите и тогаш да установиме точна бројка – изјави Клековски.
Клиничката болница во Штип е единствениот регионален клинички центар во источниот дел на земјата. Таа обезбедува здравствени услуги за речиси 150.000 граѓани, додека нејзиното пошироко гравитациско подрачје опфаќа околу 250.000 жители.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Неколку милиони денари ќе чини покривот на…
Завршувањето и целосното опремување на новиот болнички…
Истрага за полов напад врз малолетно девојче…
Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за…
УХМР предупредува: Очекувајте дожд, грмотевици, ветер и…
Под влијание на циклонска активност времето утре…
(Видео) Невреме во Задар, автомобил падна во…
Силно невреме утрово го погоди хрватскиот град…
Невреме во западна Србија, издадено предупредување за…
Невреме со силен дожд, грмежи и локално…