Муцунски за „Политико“: Македонија заслужува праведен и предвидлив пат кон ЕУ

t

Македонија заслужува праведен, предвидлив и кредибилен пат кон полноправно членство во Европската Унија, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за „Брисел Плејбук“ на „Политико“, еден од влијателните утрински билтени посветени на европската политика.

Во текстот „Политико“ потсетува дека земјава е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година и дека е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата. Сепак, речиси две децении подоцна, пристапните преговори сè уште не се суштински започнати.

„Да, понекогаш сме многу фрустрирани поради недостигот од политички резултати“, изјави Муцунски, оценувајќи дека Македонија станала „студија на случај“ за тоа како билатералните спорови можат да го забават и блокираат процесот на проширување на ЕУ.

Во написот се наведува дека други земји кандидати бележат значително поголем напредок. Црна Гора забрзано се приближува кон членството, Албанија ги затворила првите три преговарачки поглавја, додека Украина и Молдавија напредуваат во пристапните преговори. Македонија, од друга страна, во повеќе од 20 години нема затворено ниту едно преговарачко поглавје.

„Да се каже дека кон нас се постапувало неправедно е преблага формулација“, нагласи Муцунски.

Тој се осврна и на отстапките што земјава ги направила во изминатите децении. Во текстот се потсетува дека Македонија го променила знамето во 1995 година, а уставното име во 2019 година. По промената на името, европскиот пат на земјава повторно се најде во блокада, овојпат поради условот од Бугарија за внесување на Бугарите во Уставот.

Муцунски оцени дека токму поради претходните отстапки идејата за уставни измени станала политички исклучително чувствителна.

„Идејата за измена на Уставот стана политички токсична по премногу направени отстапки. Ова е апсолутна злоупотреба на позицијата на една земја членка на Европската Унија“, рече тој, додавајќи дека македонските граѓани се уморни од постојаното поместување на целта и дека постои недоверба оти Бугарија нема повторно да постави ново барање.

Шефот на дипломатијата ја спореди ситуацијата со сложените односи меѓу Ирска и Обединетото Кралство, оценувајќи дека нивните разлики веројатно би биле многу потешки за надминување без нивното заедничко членство во Европската Унија.

Според Муцунски, од напредокот на Северна Македонија кон полноправно членство во ЕУ би имала корист и Бугарија.

„Бугарија, веднаш по нас, има најмногу да добие од напредувањето на нашата земја кон полноправно членство“, истакна министерот.

Муцунски нагласи дека не смета оти критиките кон начинот на носење одлуки во Европската Унија би биле корисни за државата. Наместо тоа, порача дека Македонија го заслужила своето место во Унијата и очекува натамошниот процес да биде праведен, предвидлив и кредибилен.

„Нашата земја го нема луксузот да има алтернатива Б или алтернатива В“, заклучи Муцунски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Муцунски за „Политико“: Македонија заслужува праведен и…

Македонија заслужува праведен, предвидлив и кредибилен пат…

Работник Ром го пријавил шефот Албанец дека…

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација…

Појасни етикети за месото – ЕУ ги…

Европската Унија најави голем пресврт во политиката…

Села се сретна со Kурти во Приштина:…

Претседателот на Албанската лига, Зијадин Села, заедно…

Муцунски: Се водат разговори „под радарот“ за…

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во…