Уставен за првпат бара одговорност за судија кој ја игнорирал неговата одлука
Уставниот суд за првпат активира механизам за барање одговорност за судија, откако утврдил дека Основниот граѓански суд не ја испочитувал и не ја спровел одлуката на Уставниот суд со која била констатирана повреда на слободата на изразување на новинарката Наташа Стојановска.
Таа е една од новинарите кои со години водат судски постапки без епилог, за крвавиот четврток во Собрание кој се случи на 27 април 2017 година, кога таа и другите новинари беа изложени на закани, заплашувања и беа спречени да ја извршуваат новинарската задача.
Всушност Уставен барал повторување на постапката пред Граѓанскиот суд, но судијата ја игнорирал одлуката на уставните судии, па затоа Судот на 24 јули го известил Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судијата не ја извршил нивната одлука.
-Уставниот суд на 24 септември 2025 година утврди повреда на слободите и правата коишто се однесуваат слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска сторени со две пресуди (едната од Основниот граѓански суд Скопје од 15.06.2022 и втората од Апелациониот суд Скопје од 19.12.2024 година) и го уважи барањето на подносителката. На 22 мај 2026 година, полномошникот на подносителката, адвокатот Филип Медарски го извести Уставниот суд дека пресудата за предметот БЗСП.бр.8/2025 не е извршена(не е земена предвид), бидејќи предлогот на подносителката Стојановска за повторување на постапката во Основниот граѓански суд е отфрлен. По ова известување, судиите на работен состанок одржан на 15 јули 2026 година, со мнозинство гласови, одлучија да се донесе посебно решение со кое ќе се утврди дека Одлуката на Уставниот не е извршена. Потоа, на седницата која се одржа на 22 јули 2026 година, Судот го донесе Решението во кое констатира дека Одлуката БЗСП.бр.8/2025, не е извршена – велат од Уставен.
Тие направиле увид на решението што го донел судијата и утврдиле дека тој се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка, навел дека Одлука на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ.
Судот укажува дека судијата пропуштил да ги земе предвид уставно утврдените правни карактеристики и правно дејство на одлуките на Уставниот суд, односно нивната конечност, извршност и општа задолжителност, со што во суштина не ја извршил Одлуката на Уставниот суд.
-Уставниот суд смета дека ваквите случаи треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, особено на непосредната уставно-судска заштита кои ги уживаат правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот. Дополнително, во Основниот граѓански суд веќе имало воспоставено пракса да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата. Имено, по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година, Основниот граѓански суд Скопје, одлучувал по предлог за повторување на постапката во правосилно завршениот предмет МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година, ја прифатил наведената одлука на Уставниот суд како нов факт и нов доказ и како основ за повторување на постапката согласно со член 392 став 1 точка 9 од Законот за парничната постапка. Ваквиот пристап подоцна бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-118/24 од 07.11.2024 година. – објаснуваат од Уставен.
Судот предупредува дека нивните одлуки се заштитени и со кривично – правни санкции кога не се извршуваат.
-Ова кривично дело, вклучувајќи го и прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд. Уставниот суд за прв пат во овој случај го примени новиот механизам за извршување на одлуките предвиден со Актот на Судот кој стапи во сила од септември 2024 година – порачуваат од Уставен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Апелација ја укина затворската казна за убиството…
Апелацискиот суд ја преиначи првостепената пресуда за…
Монструозно: Таткото на Вања направи ЛАЈК со…
Таткото на Вања попладнево e донесен во…
Судот на ЕУ ја одобри забраната за…
Владините канцеларии можат да забранат верско облекување,…
Зеќири се расплака во завршните зборови на…
Во завршните зборови на судењето против поранешниот…
Судијката Снежана Манев избрана за претседателка на…
Судскиот Совет денеска ја избра судијката Снежана…