Црна Гора воведе драстично построги казни: Затвор за возачите кои седнале пијани зад волан
Од 7 август во Црна Гора се применуваат построги правила за сообраќајните прекршоци, со значително повисоки парични казни и построги мерки за најопасните однесувања на патиштата.
Измените на Законот за безбедност на сообраќајот опфаќаат низа прекршоци – од пребрзо возење и управување под дејство на алкохол или дрога, до минување на црвено светло, возење без дозвола и користење нерегистрирани или неисправни автомобили.
Казните особено растат за возачите кои сериозно ја надминуваат дозволената брзина.
За пречекорување до 10 километри на час, санкцијата ќе изнесува од 60 до 120 евра, но за екстремните случаи казните се многу повисоки.
Возач кој во населено место ќе вози повеќе од 70 километри на час над дозволеното, односно надвор од населено место ќе ја надмине брзината за повеќе од 90 километри на час, може да биде казнет со 1.000 до 2.000 евра, а може да остане и без возачка дозвола.
Посебно внимание во новите правила е посветено на возењето под дејство на алкохол и психоактивни супстанции.
Во Црна Гора дозволената концентрација е до 0,30 промили. За вредности од 0,30 до 0,50 промили е предвидена казна од 70 до 200 евра.
Но, кога концентрацијата ќе надмине 1 промил, последиците стануваат многу посериозни – покрај останатите санкции, може да биде изречена и затворска казна до 60 дена.
Одбивањето алкотест исто така носи висока санкција, од 600 до 2.000 евра, додека возењето под дејство на дрога може да биде казнето со 300 до 2.000 евра.
Високи казни се предвидени и за возачите кои ќе поминат на црвено или нема да застанат на знак даден од полициски службеник.
За минување на црвено се предвидени казни од 300 до 2.000 евра, додека непочитувањето на наредба за запирање може да резултира со казна од 500 до 2.000 евра, а во одредени случаи и со одземање на возачката дозвола.
Строго ќе се санкционира и управувањето со возило без возачка дозвола, за што казните се движат од 500 до 2.000 евра.
За управување со нерегистрирано или технички неисправно возило предвидени се казни од 300 до 1.000 евра.
Новите правила ги опфаќаат и секојдневните прекршоци кои можат да ја загрозат безбедноста.
За некористење сигурносен појас и употреба на мобилен телефон додека се вози, казните се движат од 150 до 400 евра.
За превоз на дете без соодветно детско седиште или спротивно на правилата за безбеден превоз на деца, казните може да достигнат 600 евра.
Построгите правила не се однесуваат само на автомобилистите.
Пешак кој ќе ја премине улицата надвор од обележан премин може да биде казнет со 60 до 150 евра, додека велосипедистите можат да бидат санкционирани со иста висина на казната доколку возат без соодветно осветлување.
За неправилно управување со електричен тротинет се предвидуваат казни од 60 до 300 евра.За возачите на возраст од 18 до 21 година остануваат дополнителни ограничувања.
За нив важи нулта толеранција за алкохол, а забрането им е и управување со возило во периодот од 00:00 до 05:00 часот.
Дополнително, младите возачи не смеат да управуваат автомобили со моторна моќност поголема од 80 kW.
Со новите мерки црногорските власти очекуваат повисоките казни и дополнителните ограничувања да делуваат превентивно и да го намалат бројот на најтешките сообраќајни прекршоци и несреќи на патиштата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Црна Гора воведе драстично построги казни: Затвор…
Од 7 август во Црна Гора се…
Оман: Конструктивни преговори за условите за пловењето…
Оман соопшти дека преговорите за условите за…
Се урна балкон од напуштена куќа во…
Во населбата Печине во Риека, Хрватска вчера…
Цената на златото повторно расте: Поскапе 2,38…
Цената на златото во петокот забележа значителен…
Многу топло време со можност за пороен…
Продолжува периодот на многу топло време со…