Објавено на:

КАДЕ ИСЧЕЗНУВА ДУНАВ? Во Германија има вода, а стотици километри подолу реката урива историски минимуми

t

Дунав деновиве изгледа како две различни реки. Во горниот дел од неговото течение, во Германија и во делови од Австрија, на многу места сè уште може да се види широка река со навидум нормално количество вода. Неколку стотици километри подолу сликата драматично се менува: во Унгарија, Србија и во Романија се појавија огромни песочни наноси, делови од коритото останаа суви, пловидбата е нарушена, а недостигот од вода почна да го погодува и производството на електрична енергија.

Податоците од утрово, 10 август, добро ја покажуваат необичната географија на кризата. Германскиот систем ПЕГЕЛОНЛАЈН во 9.45 часот регистрирал водостој од 396 сантиметри кај Пасау, 286 сантиметри кај Вилсхофен и 180 сантиметри кај Регенсбург. Во Австрија биле измерени 232 сантиметри кај Вилхеринг, 126 кај Кинсток и 102 сантиметри кај Вилдунгсмауер. Овие бројки не смеат директно да се споредуваат меѓу себе, бидејќи секоја водомерна станица има сопствена нулта кота, но потврдуваат дека Дунав во горниот слив не изгледа насекаде како пресушена река.

Потоа доаѓа Унгарија. Официјалната хидролошка служба утрово во Будимпешта измерила само 40 сантиметри, по историските минимуми регистрирани во изминатите денови. На 29 јули нивото падна на 23 сантиметри, под претходниот рекорд од 33 сантиметри од 2018 година. Новото мало зголемување засега не значи крај на кризата: прогнозата објавена утрово предвидува повторно опаѓање – на околу 20 сантиметри до вечерта на 12 август и околу 14-15 сантиметри кон 14 и 15 август, иако неизвесноста на прогнозата расте со секој нареден ден.

Дунав не е „цевка“ низ која патува водата
Па каде „исчезнува“ водата?

Дунав не функционира како цевка низ која исто количество вода едноставно патува од Германија до Црното Море. Реката по пат собира вода од огромен слив и од стотици притоки. Горниот Дунав добива значително количество алпска вода, особено преку Ин и другите притоки, додека понатаму состојбата зависи од врнежите во Австрија, Словачка, Унгарија, Хрватска, Србија, Романија и од нивните сливови. Кога тие подрачја со месеци добиваат многу помалку дожд од нормалното, дотокот од притоките драстично се намалува. Во Унгарија, на пример, количеството врнежи во последните 90 дена било за 80 до 130 милиметри под повеќегодишниот просек.

Дополнителен проблем е жештината. Долгите топлотни бранови ја сушат почвата, ја зголемуваат евапотранспирацијата од растенијата и испарувањето од водените површини, а пресушената почва и исцрпените подземни води престануваат да ја „хранат“ реката како во нормални години.

Затоа, не станува збор за едно место на кое огромно количество дунавска вода мистериозно се губи. Како што реката се движи кон југоисток, во неа едноставно недостига водата што во нормална година би требало да пристигнува од целиот слив.

Постои, интересно, и место во Германија каде Дунав буквално исчезнува. Кај Имендинген, недалеку од изворишниот дел, дел од водата навлегува во варовничкото подземје и преку систем од пукнатини и пештери повторно избива кај Ахтопф. Таа вода потоа завршува во Рајна, а не во Дунав. Тоа е познатиот феномен „Donauversickerung“ – исчезнување или понирање на Дунав. Но овој природен феномен постои одамна и не може да ја објасни сегашната огромна криза во Унгарија, Србија и во Романија.

Драматичен притисок врз нуклеарките
Колку е сериозна состојбата во средниот и во долниот тек покажуваат последиците врз енергетиката. Нуклеарната централа Пакс во Унгарија работеше со само околу 10 проценти од капацитетот поради недостиг од дунавска вода за ладење. Денеска унгарските власти почнаа да враќаат во работа една турбина откако нивото на реката привремено се зголеми.

Уште подраматично е во Романија. Еден реактор во нуклеарната централа Чернавода веќе е запрен, а властите мораа да интервенираат во самата река за да обезбедат вода за другиот. Отстранета е карпеста пречка, коритото е продлабочувано, а четири шлепа наполнети со камења се потопени за да формираат импровизирана брана и да го насочат текот кон централата. Со операцијата нивото кај зафатот за вода било подигнато за само 4 сантиметри, доволно според сегашните пресметки реакторот да продолжи да работи уште најмалку 9 дена. На влезот на Дунав во Романија водостојот денеска и натаму е на рекордно ниско ниво.

Од 15 август спас?
Така се објаснува и парадоксот што може да се забележи на снимките: Дунав во Германија може да изгледа како голема, нормална река, а повеќе од илјада километри подолу да биде во историска суша. Водата не исчезнува на една точка. Проблемот се создава постепено – недостигаат врнежи и вода од притоките, земјата е исушена, температурите се високи, а резервите во целиот среден и долен слив се истрошени. Романските власти очекуваат дождовите што паднале погоре по течението да почнат да го подигаат нивото околу 15 август. Тоа практично покажува и колку време му е потребно на еден „бран“ вода од горниот Дунав да стигне до најзагрозените делови од реката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

КАДЕ ИСЧЕЗНУВА ДУНАВ? Во Германија има вода,…

Дунав деновиве изгледа како две различни реки.…

Владата ја усвои првата приоритетна листа: 41…

Четириесет и еден предлог проект содржи Првата…

(Видео) Манасиевски: Филипче е во паника по…

Нервозата кај лидерот на СДСМ, Венко Филипче,…

На пеколна горештина се чека повеќе од…

Пеколните августовски температури не ги спречија колоните…

(Видео) Орбан пиеше ракија во Гуча

Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан беше забележан…