Македонија со скок од 29 позиции на Глобалниот индекс за сајбер безбедност
Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс за сајбер-безбедност (National Cyber Security Index – NCSI), искачувајќи се за 29 позиции и достигнувајќи го 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии.
Со резултат од 84,17 поени од можни 100, државата се вбројува меѓу земјите со високо ниво на подготвеност за спречување сајбер-закани и за управување со сајбер-инциденти. Напредокот е забележан и во меѓународните медиуми, кои ја издвојуваат Македонија меѓу земјите што во последниот период оствариле забележително подобрување во националните капацитети за сајбер-безбедност.
Глобалниот индекс за сајбер-безбедност го развива естонската „Академија за е-управување“ (e–Governance Academy – eGA). Индексот ја оценува подготвеноста на државите преку 49 индикатори распоредени во 12 области, опфаќајќи ги стратешките, превентивните и капацитетите за одговор на сајбер-закани. Оценувањето се заснова на јавно достапни закони, официјални документи, институционални механизми и докази за практично спроведени мерки.
Според најновите податоци, Македонија има максимални оценки во повеќе клучни области, меѓу кои политиките за сајбер-безбедност, заштитата на критичната информациска инфраструктура, образованието и професионалниот развој, заштитата на личните податоци, одговорот на сајбер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.
„Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати. Во изминатиот период воспоставивме појасна институционална одговорност, современа законска рамка и посилни механизми за заштита на критичната инфраструктура и за одговор на сајбер-инциденти. Овој резултат не е крајна цел, туку обврска да продолжиме уште поинтензивно да ја градиме сајбер-отпорноста на државата“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Напредокот е резултат на координираната работа на институциите и на повеќе преземени системски чекори, меѓу кои донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, усвојувањето на Стратегијата за сајбер-безбедност 2025–2028 и Акцискиот план за нејзино спроведување, воспоставувањето механизми за национална координација и зајакнувањето на капацитетите за пријавување и справување со сајбер-инциденти.
Новата законска рамка ги утврдува надлежностите на Министерството за дигитална трансформација во областа на безбедноста на мрежните и информациските системи, воведува обврски за управување со сајбер-ризици и пријавување инциденти и ја зајакнува заштитата на суштинските и важните субјекти.
Министерството ќе продолжи со спроведување на Стратегијата и Акцискиот план, јакнење на националните капацитети за превенција и одговор, развој на стручниот кадар, подигнување на свеста кај граѓаните и компаниите и продлабочување на меѓународната соработка.
Безбедна дигитална држава значи сигурни јавни услуги, заштитени податоци, отпорна критична инфраструктура и поголема доверба на граѓаните во процесот на дигитална трансформација.
Во прилог ви ги проследуваме официјалните извори:
• Официјална ранг-листа на Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI):
https://ncsi.ega.ee/ncsi–index/
• Официјален профил на Македонија – 30. место и резултат од 84,17 поени:
https://ncsi.ega.ee/country/mk/
• Методологија на Националниот индекс за сајбер-безбедност:
https://ncsi.ega.ee/methodology/
• Опис на индикаторите што се применуваат при оценувањето:
https://ncsi.ega.ee/indicators/
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонија со скок од 29 позиции на…
Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс…
ВРЕДИ: ДУИ го користеше Охридскиот договор како…
И оваа година, по повод 25-годишнината од…
Македонија со скок од 29 позиции на…
Македонија направи значителен напредок во областа на…
МВР продолжува да повикува лица на информативен…
Министерството за внатрешни работи продолжува да повикува…
(Видео) Албанија се бори со девет активни…
Албанија и натаму се соочува со сериозна…